Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор на книгата „Ти си ми сè“
Предговор на книгата „Ти си ми сè“
6.09.2022.

ПРЕДГОВОР

Секој човек е Божјо создание и како таков порано или подоцна во животот ќе има можност да го спознае својот Творец, да ја види сета Негова убавина, добрина и кротост. А кога вистински ќе го спознае и ќе го прими во срцето свое, таа врска и таа љубов останува за навек, како темел на сето битисување во земниот живот, како прибежиште во неволјата, како насмевка во радоста, како утеха во тагата, како разговор во тишината, како вдахновена насока кон богоугоден живот и како надеж за вечноста.

А кога човекот ќе ја има таа можност уште во своето детство да го запознае и возљуби Христа, неретки се оние случаи тој да тргне по Неговиот пат, та како богослов целиот свој живот да му го посвети Нему, и со мисла, и со знаење и со дела.

А како богослов, кој е длабоко соединет со Христа, тој ќе може да го проповеда Евангелието насекаде и да стане орудие на Божјата милост, и засекогаш ќе се храни со личната молитва и размислувањето за Божјото слово. Тој е повикан пред сè на она основно човечко и духовно смирение, кое ќе му овозможи да биде човек на заедништвото, мисионерското дејствување и дијалогот, способен да троши великодушно и пожртвувано за Божјиот народ, размислувајќи за Господа, Кој го нуди својот живот за другите.

Токму ваквите чувства се тема на ова богоугодно и срдечно раскажување на еден богослов и теолог, кој го всели Бог и Божјата љубов во своето срце уште од своето детство, та во секој момент оттогаш го слави и го шири Словото на Живиот Бог.

Стојанче Андов е човек кого го познавам уште од неговите први чекори во Богословијата во Драчево. Ведар и насмеан лик, непрестајно жеден за нови сознанија за неговата најголема љубов – Бог и целата небесна ерархија, неуморно истражувајќи ја сета Божествена твар, непрестајно пиејќи од животворниот извор на спасоносната наука.

Во книгата „Ти си ми сè“, која е негово автобиографско раскажување на досегашниот негов живот, тој во неколку поглавја, и тоа: I дел  - Житејское море, II дел  - Пресветата Мајка наша Богородица, III дел - Свети Јован Шангајски и Сан Франциски, IV дел – Образот на мојата душа и V дел – Лични записи и дневник на случувања, зборува и опишува многу настани, личности, места, животни предизвици и животни премрежја кои ги преживеал првенствено и единствено гледајќи го Бога во сите нив и неколебливо потпирајќи се на Неговата света промисла.

Топло Ви ја препорачувам да ја прочитате оваа книга, а истовремено ги повикувам и сите теолози и богослови при читањето на оваа книга да размислат и за своите лични духовни предизвици и поуките кои тие ги доживеале или извлекле од истите да пробаат на ваков или сличен начин да ги остават како поука и наследство на идните генерации македонски богослови, теолози, клирици и мирјани.

 

Митрополит Повардарски

г. Агатангел

 
< Претходно   Следно >