|
3.06.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На денот кога Светата Православна Црква го чествува споменот на светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена, во храмот „Св. Јован Крстител“ во Велес беше отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија. Со Литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на свештенослужители од Повардарската епархија. На ова евхаристиското чествување молитвено присуствуваа бројни верници кои се собраа да го прослават празникот на светите Константин и Елена, чиј живот и дело оставиле неизбришлива трага во историјата на христијанството. Со празнична беседа кон верните се обрати протоереј Јован Илиев, кој говореше за значењето на верата и ревноста на светиот цар Константин и неговата мајка, светата царица Елена, кои преку својата посветеност кон Христа придонеле за ширењето и утврдувањето на христијанската вера низ светот и ги повика верните да останат цврсти во православната вера, следејќи го примерот на светителите кои со својот живот сведочеле за вистината на Евангелието. На крајот од Светата Литургија, верниот народ пристапи кон Светата Тајна Причест, а присутните го примија архипастирскиот благослов од својот надлежен архијереј. Нека молитвите на светите рамноапостолни Константин и Елена бидат застапништво пред Господа за нашиот народ, за светата Црква и за сите верни кои со љубов го прославуваат нивниот светол спомен. |
|
|
2.06.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На втор ден Духовден, Митрополитот Повардарски г. Агатангел чиноначалствуваше со Светата Божествена Литургија во црквата „Св. вмч. Димитриј“ во Кавадарци, во сослужение на Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола, како и со повеќе свештенослужители од кавадаречкото архиерејско намесништво. На оваа Литургија, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, согласно Одлуката на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА, го одликуваше досегашниот протоереј Тане Величковски со право на носење на граден крст, односно со достоинство протоереј-ставрофор.
|
|
|
31.05.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На празникот Педесетница – Слегувањето на Светиот Дух врз светите Апостоли, во соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес беше отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел. На светата богослужба молитвено сослужуваше свештенството од Повардарската епархија, а во храмот присуствуваа бројни верници кои со особена духовна радост учествуваа во евхаристиското собрание, прославувајќи го големиот празник на раѓањето на Христовата Црква. Со празнична беседа кон верните се обрати протоереј Ристе Јанушев, кој говореше за значењето на Педесетница како исполнување на Христовото ветување за испраќање на Утешителот – Светиот Дух, Кој ги просветлува, осветува и укрепува верните во нивниот духовен живот, и нагласи дека и денес Светиот Дух дејствува во Црквата, повикувајќи ги верниците кон единство, љубов, покајание и сведочење на евангелските вредности во современиот свет. По завршувањето на Светата Литургија беше отслужена и Вечерна богослужба со коленопреклони молитви, кои традиционално се читаат на овој голем Господов празник, при што верниот народ заедно со своите пастири ги вознесе своите молитви за мир во светот, благосостојба на Светата Црква и спасение на сите луѓе.
|
|
|
29.05.2026. |
|
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, ректор на МПБ „Свети Климент Охридски“ започна полагањето на матурскиот испит за 58-та генерација богослови. Пратеник на матурскиот испит со одлика на САС на МПЦ-OA e поставен Митрополитот Тетовски-гостиварски г. Јосиф. |
|
|
26.05.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На денот во кој ги чествуваме сесловенските и македонски просветители, рамноапостолните браќа Кирил и Методиј, во црквата посветена на овие наши духовни горостаси во Велес, се отслужи Света Архиерејска Литургија. Со Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј и бројно свештенство на Повардарската епархија. На Литургијата, Митрополитот Агатангел благоволи и го потстрижа во чин чтец, Димитриј Петсанидис, македонец, кој неодамна се пресели од Канада во Македонија. Во навечерието на празнувањето на свети Кирил и Методиј, пак, чествувањето на овие наши духовни горостаси беше збогатено со културно-уметничка програма во велелепниот храм посветен на сесловенските и македонски просветители, во центарот на градот Велес. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот и многубројниот народ имаа можност да проследат прекрасни културно-уметнички изведби. Најпрво, протоереј Драги Гаштарски во своето Слово за житието на свети Кирил и Методиј, вдахновено го претстави бесценетото дело на светите македонски великани, потоа поетесата Даница Лепојевиќ одлично го изведе рециталот „Толкување на болката“, а по нив го слушнавме убавото созвучје на велешката музичка група „Чикс“. |
|
|
21.05.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На празникот на Светото Вознесение Христово, во храмот посветен на Вознесението во Велес беше отслужена Света Божествена Литургија. На Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе клирици на епархијата. Традиционално, молитвено присуствуваа голем број верници од градот Велес. По завршувањето на Литургијата беше осветена вода и беа осветени и прекршени празничните колачи.
|
|
|