|
ФОТОГАЛЕРИЈА Христос Воскресна! Навистина Воскресна! Најрадосната вест за православните христијански души, веста за Воскреснието на нашиот Спасител, Господ Исус Христос беше објавена точно на полноќ во сабота спроти недела низ сите храмови ширум светот. Милиони верни души ширум целиот свет извикуваа „Навистина Воскресна“! Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, Митрополитот Повардарски г. Агатангел ја објави најторжествената и најрадосната вест на Православието, а потоа отслужи Велигденска Воскресна Литургија. ВТОРО ВОСКРЕСЕНИЕ Во Светата и Велика Недела на Пасха, Велиден, во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, беше отслужена Вечерна богослужба - Второ Христово Воскресение, на која беше прочитано дел од Евангелието на повеќе јазици. На богослужбата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел. |
|
|
ФОТОГАЛЕРИЈА Во храмот на светото Вознесение Христово во Велес, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во вечерните часови на Велики Петок, во присуство на мноштво верни чиноначалствуваше со богослужбата на Оплакување на постраданиот и погребан Спасител наш, Господ Исус Христос, на која беа прочитани Пофални песни на гробот Христов, односно Статии на Велики Петок, а потоа се изнесе светата Плаштаница околу храмот.
|
|
|
ФОТОГАЛЕРИЈА
На Велики Четврток вечерта, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“, Митрополитот Агатангел во сослужение со клирици од Велес, отслужи утрена богослужба на која бea прочитани 12-те страдални евангелија во кои се опишани настаните поврзани со распнувањето и страдањата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („...Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам...“, Јован 14, 13 - 14). Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на Црквата. Денот започна со Христовите последни поуки за карактерот на љубовта што треба да ја стекнеме ако сме Негови, Неговото смирение; се памти миењето на нозете на апостолите што го направи Сам: „Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13; 14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од бројот на Дванаесеттемина најблиски Христови ученици.
|
|
|
ФОТОГАЛЕРИЈА Со Света Василиева Литургија на Велики Четврток во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, започна чествувањето на торжествените денови кои му претходат на Христовото Воскресение. Со Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство од епархијата. По завршувањето на Литургијата беше извршен општ маслосвет, кој се прави за здравје и спасение и исцелување на духовните и телесните болести на сите верници. Митрополитот го поучи насобраниот народ зошто се осветува ова масло и кога и како да го користи ова осветено масло. |
|
|
Возљубени, Со благослов на Негвото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, излезе од печат Велигденското издание на списанието „Православна светлина“. Со овој 77-ми број, влегуваме во јубилејната 20-та година од издавањето на нашето списание. Ова претставува значаен духовен, културен и радосен настан за Повардарската епархија и за сите нејзини верници. Две децении ова списание е светилник на верата, надежта и љубовта, носејќи ја пораката на Христовото Евангелие до срцата на читателите. Неговите страници сведочат за живата вера на народот, за пастирската грижа на Црквата и за непрекинатата духовна просвета. Во текот на изминатите години, „Православна светлина“ стана не само информативен, туку и поучен и вдахновителен глас, кој ги поврзува верниците со вистините на православната вера и традиција. Јубилејот е повод за благодарност кон сите кои со љубов и посветеност придонеле за неговото создавање и раст, но и за нова ревност во продолжувањето на ова благословено дело. Нека и во годините што следат, списанието „Православна светлина“ остане светилник што ќе ги води верните по патот на спасението, просветлувајќи ги нивните души со вистината, мирот и благодатта Божја. Линк до списанието |
|
|
ФОТОГАЛЕРИЈА И годинава, голем број на верници во Повардарската епархија ги посетија православните храмови, присуствувајќи на Божествените Литургии по повод овој ден, за повторно и повторно да ја слушнат благата вест. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на бројно свештенство на Повардарската епархија, отслужи Вечерна богослужба со Света Златоустова Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. |
|
|