Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Поддршка за Македонскиот манифест
Поддршка за Македонскиот манифест
30.05.2013.

Почитувани,

Ние, Митрополитот Повардарски Агатангел, заедно со свештенството, монаштвото и богољубивиот македонски православен народ од богомдаруваната ми Повардарска православна епархија, би сакале јавно да дадеме поддршка и да се приклучиме кон прогласот именуван како „Македонски манифест до домашната и до меѓународната јавност, по повод засилениот притисок врз Република Македонија да го промени уставното име”.  И ние, како и иницијаторите на овој проглас, го делиме истото мислење дека преговорите во ОН, кои де факто носат кон промена на нашето древно и единствено име Македонија, треба да се прекинат веднаш. Ваквото свое мислење го темелиме на фактот дека при овие преговори очигледно се фаворизираат и се води грижа само за грчките националистички и радикални ставови. Преговорите, во суштина, имаат за цел единствено промена на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик, што се разбира дека ќе доведе и до промена на името на Македонската православна црква. Од Македонија се бара апсурдното и невозможното. Промената на името не треба и не смее да биде третирано како дневно политичко прашање. За нас Македонците секоја додавка или придавка кон нашето име ќе има суштински поместувања во нашиот национален идентитет.

 

Sample Image

 

Повеќе од 20 години се врши притисок врз македонското национално битие дека нема друга алтернатива за нас освен самите да се укинеме како македонски народ. Напротив, наша единствена алтернатива како македонско општество и како македонски народ е да напредуваме во добрината, работливоста, мирољубивоста и хуманоста. Овие доблести никој нема да ни ги подари, туку треба самите да ги усвоиме и да ги живееме. Европа е лулка на културата, слободата, цивилизацијата и науката - овие Европски вредности треба да се стремиме да ги усвоиме. Но, во исто време треба да знаеме дека Европа е и дом на корумпирана бирократија, политичко лицемерие, уникатен неморал, еврејски гетоа и концентрациони логори. Политичкото слепило и лицемерие е особено јасно видливо од последната изјава на г. Аиво Орав, кој во својство на грчки амбасадор и адвокат ни покажа дека не прави разлика помеѓу тоа што претставува вето, а што консензус. За разлика од него, хашките судии и голем број светски интелектуалци, го немаат овој дислексичен проблем. Крајно време е некој на овој господин да му укаже дека тој не е амбасадор во „Вашата земја”, туку во Р. Македонија и дека неговото инсистирање на вакво ословување на државата - домаќин е налудничав нацизам, преоблечен во наводна дипломатска смиреност и студенило, својствен за Гебелс и неговите нови следбеници. Македонија и македонскиот народ поминале низ многу тешки периоди во својот историски развој, а сигурни сме дека ќе ги преброди и современите предизвици и искушенија. Така ќе биде зашто правдата и вистината се на наша страна, а каде е правдата и вистината, таму е и силата Божја.

 

Со почит и Божји благослов,

                                                                                                                                    

Митрополит Повардарски

†Агатангел (Станковски)

 
< Претходно   Следно >