Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow За клеветењето - 1 дел
За клеветењето - 1 дел
1.10.2007.

Не сведочи лажно против својот ближен



 

 

„Не судете, за да не бидете судени. Оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени“ (Мат. 7, 1).

„Лажниот сведок нема да остане неказнет“ (Изрек. 19, 5).

Сатаната е лажго и татко на лагата (Јован 8, 44).

Отфрлете ја лагата, кажувајте вистина... Не кажувајте лаги еден на друг (Ефес. 4, 24; Кол. 3, 9).

Во идниот град Ерусалим нема да влезе оној кој лаже (Откр. 21, 27).

 

1. Лагата го срамоти и го понижува човекот. Немој да се лажеш ни себеси, ни другите. Кога зборуваш лажно за себе, ти самиот знаеш дека лажеш. Кога зборуваш лажно за друг, тој другиот знае дека зборуваш лажно за него. Кога себеси се превознесуваш и се фалиш пред луѓето, луѓето не знаат, но ти самиот знаеш дека даваш лажно сведоштво за себе. А ако го повториш тоа лажно сведоштво за себе повеќе пати, со текот на времето луѓето ќе се уверат дека ги лажеш. А ако постојано повторуваш една лага за себе, сите луѓе ќе знаат дека кажуваш лаги, но тогаш ти самиот ќе почнеш да веруваш во својата лага, и така лагата за тебе ќе стане вистина. И ќе се навикнеш на лагата, како што се навикнува слепиот на темнината.

А кога кажуваш лаги за друг човек, тој човек знае дека ти лажеш. Тоа е еден сведок против тебе. И ти знаеш дека лажеш против него. Така ти си втор сведок против себеси. А Бог е третиот сведок. Значи секогаш кога ќе кажеш лага против твојот сосед, знај дека тројца сведоци се против тебе: Бог, твојот сосед и ти. И знај дека еден од тие тројца сведоци ќе те каже на сиот свет.


 2. Еве како Бог ја обелоденува лагата против соседот. Во едно село биле двајца соседи Лука и Илија. Лука го замразил Илија, зашто Илија бил подобар и подомаќин човек од Лука, кој бил неработник и пијаница. Поттикнат од омраза, Лука отишол кај судијата и го обвинил Илија дека кажал лоши зборови против царот. Илија се бранел колку што можел и најпосле му се обратил на Лука и му рекол: „Дај Боже Самиот Бог да ја обелодени твојата лага против мене!“ – Но судот го ставил Илија во притвор, а Лука се вратил дома. Кога бил близу до куќата, тој слушнал лелекање во куќата и крвта му се смрзнала од тоа, зашто се сетил на клетвата од Илија. Кога влегол во куќата затекнал ужас. Неговиот стар татко паднал во огнот и си ги изгорел очите и цело лице. Кога го видел ова Лука со свои очи, занемел, па не можел ни да зборува ни да лелека. Утредента рано поитал во судот и признал дека лажно го обвинил Илија, па судот веднаш го пуштил Илија, а го казнил Лука поради лажно сведочење. И така Лука го стигнале две казни за еден грев: и Божја и човечка (Епископ Николај, Првиот Божји закон, стр. 55-57).


 3. Лажниот сведок самиот се издал. Во Ница живеел некој касап Анатол. Него го подмитил некој богат но злобен трговец, за да сведочи лажно против својот сосед Емил, дека тој, Анатол, го видел Емила како ја полеал и ја запалил куќата на трговецот. И Анатол така посведочил на судот и се заколнал. Емил бил осуден. Но кога ја отслужил казната, Емил се заколнал дека во иднина ќе живее само затоа, за да докаже дека Анатол лажно сведочел. Емил бил трудољубив човек и набрзо заработил 1000 наполеони. Тој решил сето тоа да го жртвува, само за да го наведе Анатол да признае пред сведоци дека сведочел лажно. Затоа, Емил првин нашол луѓе, познаници на Анатол, и тогаш тие ја завршиле целата работа.

Една вечер тие го повикале Анатол на вечера, го опиле, и тогаш му кажале дека им е потребен еден сведок кој би сведочел на суд против некој кафанџија, дека тој им бил јатак на некои злосторници. Кога му го објасниле целиот план на Анатол, извадиле 1000 златни наполеони и го прашале дали би можел да најде некое соодветно лице, кое би така би посведочило на суд. На Анатол му светнале очите, кога видел толку злато пред себе, и веднаш изјавил дека тој прифаќа да сведочи лажно. Тогаш тие изјавиле божем се сомневаат дека тој би можел да го стори тоа, без да се уплаши и да се збуни. Анатол им докажувал дека е способен да го стори тоа. А тие го прашале дали пробал такво нешто и дали го извел успешно. Не насетувајќи никаква замка, Анатол им признал дека и порано, во една прилика бил потплатен да сведочи лажно против Емил, и дека неговото лажно сведочење го испратило Емила во затвор. Штом го слушнале ова, луѓето станале, отишле и му кажале на Емил. Утредента Емил поднел тужба до судот, и Анатол бил осуден на тешка робија. Така железната Божја правда го стигнала кривоклетникот Анатол и ја исчистила честа и образот на чесниот Емил (на истото место, стр. 57-59).


 4. Наклеветил невина девојка и – се обесил. Во Риека живееле двајца добри другари, Ѓорѓи и Никола, обајцата неженети. И обајцата засакале една иста девојка, ќерката на сиромашниот занаетчија Павле Џовани, којшто имал седум немажени ќерки. Најстарата се викала Флора. И Ѓорѓи и Никола се загледале во Флора. Но Ѓорѓи бил поитар, па ја запросил Флора и го повикал својот пријател да му биде девер. Никола го фатила таква завист, што решил да ја расипе целата работа. Едно утро почнал да го одвраќа Ѓорѓи да не ја зема Флора, зашто таа е лоша девојка, водела валкан живот со многу луѓе. Ѓорѓи се тргнал, како прободен со нож, и почнал да го уверува Никола дека тоа не може да биде вистина. Тогаш Никола му кажал дека и тој имал нечиста врска со Флора. Ѓорѓи поверувал во тоа, отишол во куќата на Флора и ја откажал женачката со неа. Целиот настан се раширил низ гратчето. На целото семејство паднала дамка. Нејзините сестри почнале да ја укоруваат. А таа, за да се оправда, скокнала во морето и се удавила.

По една година Никола дошол во црквата на Велики Четврток и го слушнал свештеникот како ги повикува верните да се причестат. „Но да не пристапуваат, рекол свештеникот, лажговците, крадците, кривоклетниците, ниту оние кои му позавиделе на својот ближен, ниту оние кои ја извалкале честа на невина девојка. Зашто за нив е подобро да земат огин во себе, отколку крвта на непорочниот и невин Исус Христос“.

Кога ги слушнал овие зборови, Никола сиот затреперил, како лист на дрво. Веднаш по службата тој го замолил свештеникот да го исповеда. На исповедта Никола кажал сè и прашал што да прави, за да се избави од нечистата совест, која го гризела како гладна лавица. Свештеникот му предлагал разни начини, но, се разбира, покајанието на прво место. Помеѓу другото, свештеникот му кажал, доколку вистински се срами поради својот грев, и не се плаши од казна, своето недело да го објави во весник. Целата таа ноќ Никола не спиел, собирајќи храброст да го стори тоа. Утредента напишал за весниците сè што сторил, како кажал лага за чесната куќа на чесниот занаетчијата, и како го излагал својот пријател Ѓорѓи. Својата исповед ја завршил со зборовите: „Не сакам да одам на суд, зашто судот нема да ме осуди на смрт, а јас заслужив смрт. Затоа себеси ќе се казнам со смрт“. Другиот ден се обесил (на истото место, стр. 59-61).


 5. Клеветниците паѓаат под власт на ѓаволот. Кога свети Григориј Чудотворец, епископот неокесариски, бил млад и учел философија и медицина во Алекандрија, тој се пазел од секој лош пат, бегал од секоја нечистотија и го мразел беззаконието. Многу философи и граѓани го сакале и го почитувале поради неговиот свет живот, а некои од неговите другари затоа го мразеле. За да го оцрнат пред другите, тие поткупиле некој расипана жена за таа јавно да го наклевети и да го посрамоти невиниот и свет младич. Бесрамната жена се согласила. Во една прилика, кога Григориј среде градот разговарал со философите и најзначајните учители на Александрија, таа му прстапила и јавно, пред сите, го обвинила за грешна телесна врска со неа и побарала да ì го исплати она што ì го должи. Сите биле како од гром удрени кога го чуле ова. Григориј се збунил, а жената сè повеќе навалувала да ì го исплати долгот. Кога малку се соземал, Григориј го замолил еден од своите присутни другари, бидејќи самиот тој не носел пари, во негово име да ì исплати на жената колку што бара таа, за да ги остави на мир. Другарот на Григориј извадил пари и ì платил на жената. Таа тргнала да си оди, но штом се завртела, ја нападнал лош дух и почнал да ја мачи пред сите. Клеветничката паднала на земја, викајќи со страшен нечовечки глас, почнала да се тресе, да се грчи, да чкрта со забите и да исфрла пена од устата. Сите присутни се исплашиле. Разбрале дека тоа е Божја казна за нејзината клевета на невиниот младич (Житие на свети Григориј, 17. ноември). 


 6. Раката која пишувала клеветнички писма се исушила. Позната ни е една стара градска девојка, која имаше добар углед во соседството и во цело гратче, но која сета беше исполнета со завист кон туѓата среќа. Секој велеше за неа: Таа е исправна и чесна девојка! Но никој не можеше ни да претпостави дека таа стара девојка имаше одвратна навика, со непотпишани писма, да го куди момчето кај девојката и девојката кај момчето. Штом ќе слушнела или прочитала дека двајца се вериле или се подготвуват за веридба, таа веднаш итала кон својата пеколна работа, да пишува лажни писма и да ги клевети оние кои штотуку почнале да прават свое брачно гнездо на среќата. Во многу случаи успевала да предизвика изненадување или забуна, а во некои случаи и да ја расипе веридбата и подготовката за веридба, и да го посее семето на омразата онаму каде што цветала љубовта. И судено било од Бога, токму истата онаа рака, која тајно составувала безброј клеветнички писма, да го објави злоделото на таа опака жена. Како? Десната рака ì се исушила, и таа во очај и со многу плачење ги исповедала сите зла кои ги сторила со таа рака (Епископ Николај. Нема ништо тајно. Мал Мисионер, 17. број за јуни, стр. 15-16).

Оговарањето и клеветењето се слични на камен фрлен во вода. Како што, од камен фрлен во вода по површината на водата се шират кругови сè понатаму и понатаму, така и оговарањата и клеветите не можат да се вратат назад, ниту да се поправи штетата направена од тоа. Затоа треба да се чуваме од овој грев. Зашто „устата што клевети ја убива душата“ (Мудр. Сол. 1, 11).

 

Наслов на изворникот:

Протојереј Живан М. Маринковиќ,

Најбољи васпитач, Београд, 1968.

 
< Претходно   Следно >