Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Реакција на текстот „Експертите за барањето на МПЦ“
15.01.2010.


Sample ImageПовод: текстот во весникот Време „Експертите за барањето на МПЦ“, од 8. 1. 2010 г.
Во последните неколку години, тогаш кога црковно-народната радост е најголема, неизбежен „празничен“ декор се експертските и универзитетските професори, кои со лоши очи и нечисти срца, исполнети со злоба кон МПЦ и се што е македонско, се обидуваат да го урнат авторитетот на великодостојниците и свештенството на најсветата духовна институција МПЦ. Се чини дека интензитетот на злобата и бесмислата на експертизите се толку посилни во зависност од тоа колку е поголем празникот. Пред некој ден извесен г. Атанаско Тунтевски, кој беше претставен како гласноговорник на универзитетската јавност употреби „сокак-логика“ како контрааргумент при неговата „експертиза“ за нашето неодамнешно барање за ослободување на Македонската православна црква од обврските за плаќање индустриска струја, која и тоа како ги оптоварува и така скромните буџети на градските цркви, селските цркви и манастирските комплекси.

Се она што ќе го побара МПЦ од надлежните институции, за добробитот на македонските верници, ако истото барање и се усвои, тогаш поединци во македонското општество веднаш тоа го толкуваат како политичка одлука. Па, нели апостол Павле не советува да ја почитуваме власта бидејќи таа е дадена од Бога. За да не се губи драгоцен простор и време би сакал накусо да ги образложам нашите аргументи за тоа, зошто мислам дека апсолутно е неправедно да се наплаќа индустриска струја на македонските цркви и манастири. Во Повардарската епархија има над 170 црковни објекти, од кои 124 се храмови, 24 манастири и 9 параклиси, кои во иднина ќе треба да плаќаат индустриска струја. Поголемиот број од овие светилишта се селски цркви и манастири, кои или воопшто немаат приход или нивниот приход е единствено доволен за да се обезбеди само нивното основно одржување. Треба овде да се напомене дека секоја црква и манастир во Повардарската епархија засебно си ги подмирува своите давачки. Во иднина сигурен сум дека многу селски црковни одбори ќе се соочат со голем проблем при подмирувањето на комуналните такси, вклучително и прескапите за нив сметки за струја, па може да се случи многу од овие цркви да останат во мрак, кои патем речено, се и објекти од непроценливо значење за македонската културата. Во повеќето од овие цркви народот се собира само неколку пати во годината, и тогаш, при селските слави се собираат финансиските средства кои во текот на годината служат за разни комунални давачки. Овде не може да стане збор за никаков профит, туку напротив, многу често со донации се подмирува појавениот расход. Од друга страна се поставува прашањето како може манастирскиот конак, да биде третиран како профитна институција, кога де факто тој е домаќинство, каде живеат монасите? Зарем со тоа не се нарушуваат нивните потрошувачки права? Истата оваа логика може да се употреби и за црковните трпезарии и кујни, кои всушност се најголемите потрошувачи на електрична енерија. Како може да им се измери профитот на овие пропратни црковни објекти, кога тој всушност и не постои. Според тоа воопшто не е издржана споредбата, која ја прави професорот Константин Димитров со адвокатските канцеларии или Невладините организации, бидејќи тие немаат над 170 објекти кои кумулативно погледнато ќе треба да издвојуваат енормна финансиска сума за наплата на индустриска струја, иако повеќето од нив де факто се домови и непрофитни пропратни црковни објекти, на кои ќе им биде нарушено нивното потрошувачко право да бидат третирани како домаќинства.

На нас како црква постојано во очи ни се фрлаат неколку универзални забелешки, кои како аргумент се употребуваат секаде каде за тоа има потреба. Во последно време најмодерна забелешка е возниот парк на МПЦ, притоа не резонирајќи дека овие возила не се лична сопственост на владиците, туку им припаѓаат на епархиите и тие се користени исклучиво како безбедни превозни средства, а не како бесни коли за суетно возење по улица. Сигурен сум дека владиката да се превезува и на велосипед. На ваквите злонамерни експерти нема да им се ублажат и отапат острите отровни стрели, па затоа, не сум докрај уверен дека можам да ги убедам во спротивното. Она што сигурно го знам е дека Македонската православна црква не му е маќеа на македонскиот народ и таа базирајќи се врз Христовата евангелска наука за доброто и љубовта, веќе 2000 години гради и ќе гради вечни дела, непроценливи по своето духовно и историско значење. Овие дела понекогаш се од камен и малтер и тие со својата надворешна убавина се гордост на секој Македонец, и истите не се лична сопственост ниту на владиката, ниту на свештеникот. МПЦ и тогаш кога во 18-от век заради финансиски средства била укината и кога и било забрането да гради видливи материјални добра не престанала да го обликува и преобразува конкретниот македонски човек, кој со делата на своите раце давал добри и преубави духовни плодови. Оваа мисија на Македонската црква нема да престане и тогаш кога некој ќе настојува неа да ја прогони надвор од јавниот и општествениот живот, или ќе се обидува да го поткопа со демонски аргументи нејзиниот надворешен авторитет. Ниеден слуга не е поголем од својот господар, ако Мене ме гонеа и вас ќе ве гонат, ако Моите зборови ги пазат и вашите ќе ги запазат - им зборуваше Христос на своите следбеници. Овие спасоносни зборови се наша постојана утеха, кога омразата на светот кон црквата секојдневно го засилува својот интензитет.


Митрополит Повардарски Агатангел (Станковски)

 
< Претходно   Следно >