Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Божикно послание
11.01.2010.
† А Г А Т А Н Г Е Л


ПО МИЛОСТА БОЖЈА
МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО - БОЖИК, ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА



Возљубени наши духовни чеда!

Синот Божји Кој од искони беше во прегратката на Отецот, се роди од Пресвета Богородица!
    Бог го создаде светот во кој сè беше сосем добро, но, човекот не успеа да го одржи созданието во единството на благодатта и мирот и со направениот грев внесе неред и го изопачи целиот богодоверен свет. А, Бог, Кој нè воведе од небитие во битие, кога отпаднавме не го остави Своето создание до крај да пропадне во гревот, туку не престана да прави сè, додека повторно не нè подигна.
    Раѓањето на Бога во човечко тело истовремено е и соединување на човекот со Бога. Бог Словото преку Пресвета Богородица се соедини со луѓето и отпаднатата човечка природа во Себе ја прими.
Бог благоволил домостројот на спасението да го изврши токму со воплотувањето и вочовечувањето на Синот Божји, а не преку некаков небесен посредник, затоа што посака да оствари личен допир со човекот, најприсно да се соедини со него, за да го прероди во светоста, да го обнови во богочовечкото единство и да го спаси. И така, кој е во Христа, ново создание е. Старото помина, ете, сè ново настана (2.Кор. 2. 17). Со Христовото Рождество во тело започна Новиот Завет на Бога со човекот, кој не на камени плочи, туку во човечките срца е запишан.
    
Драги браќа и сестри!

Божик е ден на кој ја славиме изобилната Божја љубов кон човекот. Божик е празникот на кој се потсетуваме дека вистинска љубов е само онаа љубов во која целосно се предаваме себеси заради Бога и заради братот свој.
    Тајната на љубовта е во тоа што, колку човекот повеќе се дарува заради другиот, толку повеќе го храни и пои сопственото битие и прави тоа бескрајно да расне според мерката Христова. Блажен е оној кој знае дека во свештенодејството на љубовта, човекот по благодат се раздробува, но не се разделува, секогаш се принесува на другиот како храна, а никогаш не се потрошува.
Ништо не привлекува посилно од љубовта, но Божјата љубов како одговор ја очекува само слободната и непринудена човекова љубов. Ангелската песна што го возвестуваше Христовото раѓање нè поучува дека на Богомладенецот ќе можеме да Му се поклониме само во меѓусебен мир и со добра волја.
Во овој свет Христос ни доаѓа во лицето на нашиот ближен. Затоа светите отци велат: Ако си го придобил својот ближен, си го придобил Бога. Никој да не остане во темнината на самољубието, зашто христијанинот е христијанин само во црковната заедница. Поговорката вели: Еден христијанин е како ниеден христијанин. Христијанската заедница најдобро се изразува во литургиското собирање на едно место, во еден храм.

Верни чеда на Повардарската епархија на МПЦ!

Заради непроценливото значење на црковните објекти и духовни светилишта, во нашата Повардарска епархија, со Божја помош, засилено се работи на градењето на нови цркви и реновирањето на старите. Во годината на силна економска криза не престанаа работите на новата велешка црква, посветена на семакедонските просветители и учители „Св. Кирил и Методиј“, која засветлува со својот надворешен лик, благодарение на својата извонредна старомакедонска архитектура. Црквите „Св. Петка“ во Велес и „Св. Ѓорѓи“ во Отовица, континуирано се дооформуваат и израснуваат во прекрасни Божји храмови. Во годината што претстои, очекуваме да заврши комплетното внатрешно реновирање на црквата „Св. Богородица“ во Велес, која со поставувањето на подното греење, ќе биде одлично место каде и во зима велешани ќе може да ги остваруваат своите духовни потреби. Повардарската епархија и оваа година предадено работеше во поглед на издавачката дејност, задржувајќи го континуитетот на своите редовни и периодични весници, списанија и книги со извонредна духовна содржина. Исто така со голема помош, на повеќе наши благочестиви христијани, преку донации за храна, се одржуваше црковно-народната кујна во Велес, која секојдневно нахранува неколкустотини наши сиромашни браќа и сестри.
Нашиот народ знае дека подареното на Црквата е вложено во вечно сокровиште. Градењето на црквите православниот македонски човек отсекогаш го разбирал и како изградување на својата совесна христијанска личност, која се грижи за зачувување на наследеното, но и за преземање нови творечки потфати во слава на едниот вистински и жив Бог.
Благодатта на воплотениот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух нека бидат со сите дарители и градители, кои не само што ги градат црквите, туку, со својот труд и себеси се вградуваат како живи камења во Црквата Христова и како здрави органи на Телото Христово работат за општото добро.
Испраќајќи ви го со овие желби нашиот архипастирски благослов, на вас, мили духовни чеда, овде во нашата татковина и надвор од неа, му се молиме на новородениот Богомладенец, да имате мир, слога и разбирање меѓу себе. Да останете цврсти во нашата прадедовска православна вера и Светиклиментовиот дух секогаш да биде во вашите души и мисли. Трудете се да останете верни борци во чувањето на нашата национална и црковна слобода и да дадете сé од себеси за да ни цути и напредува нашата татковина Република Македонија и нашата мајка закрилница Македонската православна црква.
„Слава на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“

Христос се роди, навистина се роди...  


На Рождество Христово 2009-то лето Господово.
 
< Претходно   Следно >