Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Што велат научниците за Бога
Што велат научниците за Бога
18.09.2008.


 

Емил Бувије, зоолог и ентомолог, член и поранешен претседател на Француската академија на науките, професор во националниот музеј: Искуството ни докажува дека во сите епохи помеѓу најславните научници имало луѓе со цврсто верско убедување... Јас лично верувам дека религиозната идеја го потпомага напредокот на науката, бидејќи води кон изворот кон којшто неуморно тежнее и науката. Да ја бараш вистината, зарем не е исто како и да Го бараш Бога, Којшто е највисоката вистина? И зарем поради тоа не може да се гледа на религиозната идеја како на моќен фактор на научниот напредок?

Шарл Муре, професор на Францускиот колеџ, член на Француската академија и еден од најславните француски хемичари: Во својата младост јас бев желен за знаење и со воодушевување се фрлив во прегратките на науката. За неколку години стекнав голема ерудиција и поверував во моќта на науката да ги решава сите проблеми: суштината на животот, почетокот и крајот на нештата. Тогаш сметав дека верата во Бога и во бесмртноста на душата е својствена за „простите духови“. Јас стекнав широко знаење, но лошо знаење, бидејќи не сфаќав, не размислував. Подоцна, кога навлегов подлабоко во нештата, дојдов до сознание дека тие се многу покомплицирани отколку што ми изгледаа. Се соочив со недостижните тајни на материјата и силата, потеклото на чувствата и мислите. Тоа ме наведе да размислувам за универзумот и за знаењето што го имаме за него. Јас видов дека колку повеќе сознаваме, толку хоризонтот на непознатото сè повеке се шири, а полето на нашите знаења изгледа сè потесно. Од сите страни јас пред себе го наоѓав Бесконечното. И секогаш кога се посветував на размислување за страшните пространства, во кои се движат неброени сонца, кои му зборувале на Паскал, дека светот е една бескрајна сфера, чијшто центар е насекаде, без периферија, јас се наведнував над бескрајно малиот атом, којшто е цел еден космогониски систем во својата неизмислена реална префинетост, извор на секоја енергија, од каде што зрачат: топлина, светлина, електрицитет, магнетизам, кои го исполнуваат универзумот со своите бескрајни манифестации. Во овој универзум, каде што сè е солидарно помеѓу себе, каде што сè се врзува едно за друго, каде што сè се држи, и на крајот на сè – Бесконечно! Каков грандиозен и возвишен собир! Набљудувајте, чудете се! Проучувајте, бројте, сметајте, мерете, споредувајте, замислувајте, сонувајте, имајте секакви фантазии и храброст. И разум, надминат, немоќен, победен, скршен, возбуден. Одбранете се, ако можете, од чувството на смирение пред чудесната загатка, чија големина ве маѓепсува и збунува. А ако не можете да се одбраните, тогаш признајте ја неодоливата потреба од еден заклучок и покорувајќи се на длабоките тежнеења на вашата вознемирена душа, кажете, зарем не ви доаѓа идејата за едно семоќно Суштество, едно Надсуштество, Создател и Законодавец на физичкиот Универзум, како и на моралниот свет. Вие сте се соочиле со Бога (од книгата: Религиозно чувство и наука. Анкета помеѓу француските академици. Париз, 1928).

Макс Планк, најголем германски физичар, поранешен професор на Берлинскиот универзитет и добитник на Нобеловата награда: Бог не живее само во душата на верникот, туку Он управува со светот независно од тоа дали некој верува или не верува во Него. Законитост и целисходност владеат со вселената, а тоа е дело на разумното битие – Бог. Научникот кој ја проучува природата и нејзините закони, колку повеќе напредува во тоа, толку повеќе Му се приближува на Бога, како на највисока недостижна цел.

Михаило Пупин, (+1935) по потекло Србин од Банат, поранешен професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк, голем пронаоѓач на полето на електротехниката, поранешен претседател на Американското друштво за унапредување на науката: каде и да ја изучувала вселената, науката секаде наоѓала пројавување на еден принцип, кој ги доведува во согласност сите појави во вселената, и тој координационен раководителен принцип јас го нарекувам Божествена Интелигенција. Човекот не може да го избегне заклучокот дека позади сите појави и сè во вселената постои едно раководително начело кое води од хаосот кон вселената. Ние стоиме пред две можности: Или да веруваме дека вселената и величествените закони и редот во неа се просто резултат на слепата случајност, или дека се резултат на една интелигенција. И сега, што ќе изберете вие, како разумно битие? Јас лично верувам во Божествената Интелигенција. Зошто? Бидејќи тоа е попросто и далеку поразумно. Тоа е во согласност со целокупното мое искуство. Теоријата, дека разумните битија, како што сме ние, како и целиот друг разумен, развоен процес во вселената, не се ништо друго, туку резултат на неразумната слепа случајност, е надвор од моето сфаќање и разбирање. И зошто јас би прифатил една таква теорија, кога секаде околу мене во природата и вселената, секој ден, забележувам докази на раководителна интелигенција?

Зошто ние, слушајќи го говорот на човекот или неговото свирење на виолина, или гледајќи го делото на некој уметник, заклучуваме дека зад сите тие појави и дејства постои некоја интелигенција? Тоа е разбирливо, јас знам што значи тоа, бидејќи со својот разум можам да ја поимам разумноста на тие дела. Зошто тогаш би ја одрекувал раководителната интелигенција, која се наоѓа зад сите космички појави? Може ли да постои поразумна претпоставка од оваа? За мене како научник тоа е очигледно. Тоа било јасно и очигледно за пророците пред 3000 години. И не постои ништо што науката досега го открила, а што би било спротивно на ова верување и убедување. Секако, ние не можеме да изведеме математички доказ за Божественото битие во онаа смисла во која можеме да ги докажеме законите кои управуваат со движењето на физичките тела. Божественото битие е и премногу сложено, за да може да допушти таков вид на доказ. Но луѓето отсекогаш чувствувале дека разумот и духот во нив се дел од нешто повозвишено. И науката не открила во вселената ништо поголемо од човечката душа. Како што се развивала човечката душа, така оваа интуиција за Божествената интелигенција станувала сè посилна. И денес, во времето на најголемите научни откритија за вселената, нема ниедно научно откритие кое и најмалку би му противречело на ова чувство и верување.

Науката нè зацврстува во верувањето дека нашата душа по нашата физичка смрт и телесно распаѓање и понатаму постои. Ако земеме дека животот се развивал од мали почетоци низ, да речеме, десет милиони години, кај би се наоѓал по десет милиони години? Науката го обележила човекот како битие кое чекор по чекор оди по патот на славата и со своето творење сè повеќе се приближува кон сликата на својот Создател. Веќе досега науката на сосема бесомнежен начин докажала дека сè во светот е само еден голем процес на развивање и усовршување. Во тој процес човекот со својата душа го опфаќа целиот универзум и сè повеќе се приближува, во непрекинат континуитет, кон своето Божество.  

Кога ние веруваме во сето тоа – а кој не верува во науката? – тогаш невозможно е да веруваме дека по смртта сè се уништува, дека со телото се гасне и животот на душата. Би било чудно, и смешно, кога Божеството би ја усовршувало нашата душа, нашиот духовен живот во текот на милијарди години, само затоа, за таа душа да згасне заедно со телото. Макар што науката нема никаква формула, ниту математички доказ за бесмртноста на душата, таа ни пружа обилна храна за наше размислување и верување. И таа сè повеќе нè уверува дека нашиот физички живот е само еден премин во вечен живот на нашата душа. Според законот за континуитет и според општото сфаќање за универзумот, ни станува сосема јасно дека нашата душа и по телесната смрт живее, постои и понатаму се развива...

Науката ја зајакна и засили мојата вера. Таа ме направи подобар христијанин. Но таа моја вера, вера на научник, ни најмалку не се противи на верата на мојата мајка и на народот од моето родно село. Науката само ме издигна до еден повисок поглед и го прошири мојот хоризонт и поимите за Творецот.

Ако науката не ми помогне да ја разберам и на другите подобро да им ја објаснам верата и сфаќањето за Творецот, доведувајќи ме во поблиско општење со Него; ако науката не ми помогне да ја остварам божествената цел, тогаш јас би се сметал за неуспешен научник. Но науката ме направила подобар христијанин и јас верувам дека науката ќе ги направи подобри христијани сите оние, луѓе и жени, кои ќе се обидат да ги разберат нејзините прости и чудесни закони, бидејќи тоа се Божји закони (Момчило Стојановиќ, Научникот Пупин за науката и религијата, Христијанска мисла, број 2 за 1935 година).

Хајнрих Фогт, професор по астрономија на универзитетот во Јена, потоа во Хајделберг, во Германија: постоењето на светот не може да се објасни со она што е во светот. Тој не може да постои сам од себе, тој бара Причинител кој нема почеток. Светот покажува кон надсветот, кон Причинителот кој е над светот, на вишата натприродна Моќ, чие битие никогаш нема да можеме да го дофатиме со природонаучни методи. Религијата значи врска помеѓу оваа натприродна Моќ и човекот, па затоа и најбитна карактеристика на религиозниот човек е да верува во натприродната Моќ, во Семоќниот Бог како Оној Кој го создал и го одржува светот. Тој е носител на Волјата која и сега владее со вселената во нејзината разновидност, како и Умот кој се објавува во уредувањето и целисходноста на светот. Природните науки и религијата не се противат една на друга во никој случај, туку попрво меѓусебно се надополнуваат (Д-р Божо Вуцо, Јазикот на природата и природословците. Макарска, 1965, стр. 69).

Џемс Џинс, еден од најголемите модерни физичари и астрономи во Англија, професор на Универзитетот во Кембриџ: ако вселената е вселена од мисли, тогаш нејзиното настанување би морало да биде чин на мислите. Навистина, конечноста на времето и просторот скоро сами нè принудуваат, создавањето да го претставиме како мислење. Одредувањето на константи, како што се радиусот на вселената и бројот на електрони кои ги содржи, укажуваат на мисла чие богатство се мери со огромни размери на овие количини. Времето и просторот кои претставуваат сцена за мислата, морале да настанат како дел од овој чин. Примитивните космологии го претставувале создателот кој дејствува во просторот и времето ковајќи Сонце, Месечина и ѕвезди од веќе постоечките суровини. Модерната научна теорија нè принудува да го замислиме создателот кој дејствува надвор од просторот и времето, кои се дел од неговото создавање, токму како што е уметникот надвор од своето платно. Тоа се совпаѓа со Августиновата претпоставка: Не во времето, туку со времето Бог го создал светот. Всушност, учењето потекнува уште од Платон.

Времето и небесата настанале во ист момент, така што кога некогаш би се распаднале, би се распаднале заедно. Таков бил умот и мислата Божја при создавањето на времето. Ние, сепак, толку го сфаќаме времето што можеби би требало да го споредиме целокупното време со чинот на создавање, материјализација на мисли…

Во потполно објективниот преглед на состојбата на нештата се уочува фактот дека механиката (сфаќањето на светот како машина без разумен причинител) веќе ја одиграла својата улога и доживеала тажен неуспех, како на научна, така и на философска страна…

Пред едвај повеќе од триесет години мислевме или претпоставувавме дека се движиме кон конечната реалност на механичката природа. Се чинеше дека светот се состои од неочекувано мноштво од атоми на кои им било судено извесно време да изведуваат бесмислени игри под влијание на слепите, бесцелни сили и потоа да се вратат во почетната состојба и да формираат мртов свет. Во овој потполно механички свет, со играта на исти слепи сили, животот случајно залутал… Денес во голема мера постои согласност, која од физичка страна на науката речиси се приближува кон еднодушноста, дека реката од знаења се движи во правец на немеханичката реалност; вселената почнува повеќе да личи на голема мисла, отколку на голема машина. Умот повеќе не изгледа како случаен натрапник во царството на материјата; почнуваме да мислиме не би требало ли да го поздравиме како создател и владетел во царството на материјата – се разбира, не нашите поединечни умови, туку умот во кој атомите, од кои проистекле нашите поединечни умови, постојат како мисли…

Се обидовме да расчистиме дали денешната наука има нешто да каже за познатите тешки прашања, кои можеби се надвор од дострелот на човечкото разбирање. Не можеме да тврдиме дека, во најдобар случај, сме познале повеќе од бледиот сјај на светлината; можеби сè било илузорно, бидејќи сигурно сме морале многу силно да ги напрегнеме очите за да видиме било што. И така, нашето главно тврдење не е дека денешната наука има нешто да изјави; попрво науката би требало да престане да дава изјави: реката од знаења премногу често го менувала својот тек (Таинствена вселена, превел од англиски: инж. Бранко Табаковиќ, издание на Народна книга, Белград, 1961, стр. 147-152).

Ц. Б. Хоман, американски биолог: Јас верувам во Бога. Оваа моја вера е цврста не само затоа што нашата американска култура е христијанска, туку и затоа што за Бога ми говори и научното запазување на чудесните појави во природата. Сите нови откритија гласно и јасно говорат дека со вселената владее неизмерно голем Ум. Каде и да се свртам по пространите предели на природата, секаде го сретнувам овој неизмерен Ум, зашто без Него не е можно да се објаснат законите и редот кои ја проникнуваат севкупната вселена. А над овој ред и овие закони мора да постои Највозвишено Битие. Секој закон, кога ќе го откриеме, ни довикува: Бог ме создал, човекот само ме открива. Јас верувам во Бога, како Бог на вселената и како мој пријател. Јас сум свесен дека Он е во мене и во вселената околу мене (Д-р Божо Вуцо, Јазикот на денешните американски природословци. Макарска, 1966).

Е. В. Мауер, американски хемичар: Јас верувам во личниот Бог, во Неговиот божествен Ум, од кого е светот и сè што е во него. Зошто верувам? Затоа што со светот и со вселената владеат закони и ред и сè е толку прекрасно изградено, така што невозможно е дури и да се помисли дека законите и редот, кои владеат со вселената, би можеле да настанат по некоја случајност. Секоја веројатност во случајноста е исклучена. Секојдневното искуство нè учи, а и нашиот разум ни говори дека, каде што е законот, таму е и редот, а каде што се законот и редот, таму е и умот. Законот, редот и умот се држат за раце и секогаш се заедно. Простата логика ни говори дека некој го планирал, изградил и уредил сето ова. А Тој Некој е сезнајниот и семоќниот Бог (на истото место).

Е. Ч. Рекс, американски математичар и физичар: На научниците кои го проучуваат животот на ќелијата, биолозите, им паднало во очи дека во неа се одвиваат многубројни и разновидни процеси и дека со сите тие комлицирани збиднувања, како и со органите во организмот, управува една единствена управа, и дека таа со најмало вложување постигнува најголеми добивки. Тоа се гледа, на пример, од она што го вршат крвните зрнца во нашиот организам. Тие имаат онаква величина, форма и бројност, како што се бара за да можат да ја извршуваат улогата за која се одредени. Сето ова важи и за останатите честици, делови и цели органи од нашиот организам: сите се онакви, во оној број, и на она место, каде што и какви што треба да бидат, за најдобро да ја извршуваат работата за која се одредени. Ако погледнеме на она што се случува кај инсектите, ќе биде доволно, помеѓу безбројните други примери, да обрнеме внимание на тоа како пчелата го изградува саќето во кошницата. Тука повторно наоѓаме единствена управа која со најмало вложување, работа и материјал постигнува најдобри резултати. Тука гледаме дека секоја од милионите пчелини кошници низ целиот свет се изградува со најголема геометриска прецизност и секогаш така, да се добива најдобра и најголема добивка. Ако ова како и стотина други слични уредувања не говорат за Умот на Творецот, за една централна и контролна Божја управа, тогаш јас изјавувам дека не сум достоен да ме викаат научник – природословец. – Сериозното и непристрасно проучување на прашањата во областа на природните науки ме уверило дека постои Бог и дека Он управува со вселената.

М. Г. Смит, американски математичар и астроном: Сета пространа природа околу нас и севкупната вселената над нашите глави се засновани врз закони. Многу големи умови вложувале и ги вложуваат своите заеднички напори за да ги откријат овие закони. Но, тие само ги откривале и откриваат, а законите кои владеат со вселената се стари колку и вселената, зашто тој целиот е изграден врз нив. А би било неосновано кога некој би рекол дека овие закони доаѓаат од самите созданија. Дека е тоа неосновано и невозможно ни говори, прво, тоа што вакви закони има безброј, како во самиот атом така и во бескрајната вселена; и второ, што меѓу нив владее прекрасна хармонија, складност. Затоа тие закони ниту се ниту можат да доаѓаат од самото создание во кое дејствуваат. Јас сум уверен дека на прашањето: од каде се овие закони? има само еден одговор кој вреди, а тоа е дека тие бараат да го признаеме Законодавецот, кого јас Го викам Бог. Така заклучуваат луѓето со здрав разум, а со нив се согласувам и јас.

Л. Цимерман, американски физиолог, експерт за проучување на хемискиот состав на земјиштето: За да изникне семето, потребни му се светлина, воздух, вода и хемиски елементи од земјата. Но сето тоа сè уште не е доволно. Во семето има некоја сила која почнува да дејствува, ако семето се најде во наведените поволни услови. Тогаш настануваат мноштво, многу мудро испреплетени и усогласени реакции. Семето настанува кога ќе се соединат две ќелии, кои ги гледаме само со помош на микроскоп. Тоа сега дава ново растение од истиот вид. Ако е семето од пченица се развива во ново стебло од пченица; но ако е желад, се развива во даб. Таму има ред, има убавина, има хармонија, таму сè зависи едно од друго. А кој ги поставил генетските закони во растението по кои и ќе настанува и ќе се развива семето во растение? А ова прашање, сосема природно и логично, води кон друго кое е најдлабоко и најтемелно: од каде се растенијата и како настанале првите растенија? Бидејќи не постои никаде и никаква причина да се каже дека тоа било и е случајно, туку дека сите причини го кажуваат спротивното, ни се наметнува сосема разумен и логички заклучок дека сето тоа настанало и дека сето тоа се случува по Божјите закони. Колку што повеќе проучувам и запазувам што прави природата во земјата и во растенијата, мојата вера во Бога станува сè посилна, и јас секој ден Нему Му се поклонувам со чудење и пофалба.

Џ. Кутрен, американски математичар и физичар: Сосема е јасно дека самото создание не можело да се произведе самото себе, ниту можело да произведе толку величествени закони, кои така совршено владеат со него. Пространото царство со кое владеат овие закони – ова царство ја опфаќа целокупната пространа вселена, бидејќи и самата вселена е изградена од атоми и молекули, а атомот е исто така совршено изграден како голема вселена – ни говори за премудриот и семоќен Бог, зашто само Неговиот неизмерлив Ум би можел ова да го замисли и вака да го уреди. Затоа, ние без стеснување го признаваме фактот дека постои највозвишено разумно Битие, Бог, Создател и Управител на вселената. Напредокот кој настанал по лордот Келвин (англиски научник од минатиот век) во природните науки би му дал за право, со уште поголем занес да извика: „Ако мислите доволно сериозно, науката ќе ве принуди да верувате во Бога“.

П. Ејбирсол, американски стручњак на полето на физиката и биофизиката: Безбројните милиони луѓе кои мислат и кои истражуваат се нашле пред длабокото прашање: кој е тој толку голем Ум и Сила кои управуваат со вселената и од кои доаѓа животот? Од каде е животот? Која му е улогата и целта? Како млад научник, кога почнав да се занимавам со наука, јас бев толку вљубен во човечкото умување и моќта на природонаучниот метод, што мислев дека научниците кои се занимаваат со природни науки можат да објаснат сè во вселената па и тоа, од каде е животот, од каде е нашиот ум, па дури и тоа која е смислата и значењето на секое создание. Но нашето секојдневно доживување нè уверува дека колку повеќе и повеќе сознаваме за сè околу нас, од атомот до галаксијата, од микроорганизмите до човекот, дека има сè повеќе и повеќе нешта кои остануваат необјаснети. Природните науки можат со илјадници години да одат напред, но пред нив сè уште ќе има неоткриени тајни во атомот и вселената, тајна ќе остане и животот, и човекот, и човечкиот ум. Научниците брзо доаѓаат до сознанието дека природните науки се ограничени. Тие и научниците кои се занимаваат со нив не можат да објаснат од каде се тварите кои настануваат во светот и зошто се така уредени, на пример: атомот, вселената, човекот. Од каде се законите кои владеат со вселената? Од каде е таквата хармонија и поредок? А јасно е дека ни човекот ни останатите созданија во светот не настанале сами од себе. Ниту, пак, тварите можеле на себеси да си припишуваат толку совршени закони и да ја контролираат нивната примена. Ниту овие закони ги востановил човекот. Сето ова гласно го проповеда Бога, Неговата бескрајна мудрост и семоќ. Затоа сериозното истражување и логичкото размислување по сигурен пат нè води кон Бога (на истото место).

Анри Фабр, славен француски ентомолог, научник кој го проучувал животот на инсектите, бил убеден христијанин и својата вера во Бога ја изразил во своите многубројни научни трудови, докажувајќи дека Бог постои. Еден свештеник кој ги читал неговите дела го запрашал научникот дали верува во Бога. А научникот, кој сакал да се пошегува со соговорникот, се насмевнал и му одговорил:

- Не, отче, јас не верувам.

- Како тоа! - извикал зачудено свештеникот, - не верувате во Бога, а во своите научни дела толку јасно докажувате дека Он постои?

Сè уште смешкајќи се, Фабр одговорил:

- Јас во Бога не верувам, јас Го гледам.

И познатиот шведски ботаничар Лине (+1778) изјавувал дека во секој цвет го гледа Бога (Анри Морис, За пронаоѓањето на Бога, Париз, 1937).

Леонид Иванович Седов, конструктор на првиот руски сателит, учествувал на конгресот на астронаутичарите, одржан во септември 1966 година во Мадрид. На прашањето на еден од многубројните новинари, што научил истражувајќи го вселенскиот простор со помош на сателит, одговорил: „Тие истражувања ми ја покажаа Божјата величина“ (Глас на соборот, Верски новости, број 24, Загреб, 4. декември 1966).

 

 
< Претходно   Следно >