Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Како се извршува Исусовата молитва
Како се извршува Исусовата молитва
4.03.2008.
 

Доволно е читање, треба да се дејствува. Доста е гледање како одат другите, треба сам да одиш. Ако бараш внатрешен живот – стапи во внатрешноста (Теофан Затвореник)

 

Како и за секое поважно дело и за молитвата е потребна подготовка. На молитва никогаш не треба да се оди неподготвен, непосредно од дневните грижи, разговори и зафатеност; за неа секогаш треба да се подготвува. Треба сè да се запре и на момент да се соберат па да се насочат своите мисли кон Бога. Нека ти биде јасно кој е Бог, а кој си ти. Во себе разбуди јасно чувство колку голема потреба имаш од молитва; дека можеби е последна прилика пред Бога искрено да ги признаеш своите падови и да молиш за Негова помош. Труди се да ја почувствуваш целата своја беспомошност без Него. И тогаш, во чувствување на своја сестрана потреба, почни со молитвата. Имај голема доверба во Христа и обрати Му се просто, искрено и со топло срце.

 

 

a.                   За вежбањето на Исусовата молитва

 

За уметноста на молитвата важи истото што важи и за секоја уметност: таа не се совладува преку теоретско познавање, туку преку вежбање во неа цел живот.

 

Исусовата молитва, како и целиот христијански живот не може да се сфати преку теоретско учење, туку преку практично изведување; преку духовно растење на умот и на срцето; преку напредување во внатрешното задлабочување. Таа помага да се отвори оној живоносен источник на самодејствувачката молитва, која води кон соединување со Христа; која го ослободува срцето од секаква нечистотија; која дава длабок мир и духовна цврстина, и така го преобразува целиот наш внатрешен и надворешен живот. Во тоа почива значењето на Исусовата молитва.

Обезбеди си во молитвеното правило извесни мигови за Исусовата молитва. Изговарај ја по повеќе пати на почетокот и на крајот од секоја втора молитва. Одреди си еден извесен број, или уште подобро, одредено време за неа, но не многу наеднаш, и зголемувај го постепено. Вежбај ја постојано, кратко и собрано, четврт час или половина час, всушност како што ти одговара. Ако почувствуваш потреба да се молиш подолго, секогаш задоволувај го тоа чувство. Пушти го своето срце да се моли, онолку често и долго, колку што сака. Колку почесто, толку подобро. При тоа не обрнувај внимание на бројот на молитвите, туку на тоа, тие како живоносен источник да течат од срцето. Одржувај го своето одредено правило, но не се врзувај за него, инаку ќе изумре живоста на молитвата.

Не брзај при изговарањето на молитвата, туку секој збор изговарај го внимателно, полека и одмерено; запирај се на кратко како во очекување на одговор Божји. Во почетокот е корисно молитвата да се извршува стоејќи и секој пат да се следи со еден длабок поклон или со паѓање на колена. Ова прави го според силата, набргу ќе го видиш плодот. Кој ја извршува Исусовата молитва на бројаници, може да земе одреден број, околу триесет молитви – не повеќе во почетокот – и нив да ги кажува наутро, напладне и навечер. Во меѓувреме Исусовата молитва може да се кажува во срцето онолку често, колку што се сака, тивко или гласно, сè додека таа не се поврзе со дишењето и со отчукувањето на срцето, и така да започне да го следи целиот наш живот.

Труди се твојот ум и срце да се молат со внимание. Тоа важи за секоја молитва. Умот мора да внимава на зборовите, а срцето да ги сочувствува. Кој не е зацврстен во молитвата, тој само наглас ги изговара зборовите на молитвата, неговиот ум се расејува и неговото срце останува студено. Молитвениот подвиг лежи во тоа, умот да се воспита во внимание, а срцето во сочувствување. На тој начин, молитвата со текот на времето ќе стане умно-срдечна. Дури тогаш таа е вистинска молитва.

Не треба да се молиме само со зборови, туку повеќе со умот. Не треба само со умот да се молиме, туку повеќе со срцето. Треба умот јасно и одредено да сфаќа што искажуваат зборовите, а срцето да го доживее она што го сфаќа умот. Сето тоа заедно ја прави вистинската молитва. Ако нешто од тоа недостасува, молитвата е непотполна, или воопшто не е молитва (Теофан Затвореник).

Исусовата молитва бара строга доследност. Секакво нетрпение и избрзување во тежнеењето кон нејзините конечни плодови, без постепениот макотрпен пат на самоодрекување, е несогласно со стравопочитувањето и е осудено на потполна неплодност. Затоа искусните во молитвата бараат да не се брза самоволно, туку со целосно внимание и смиреност, со подвижничко самопознавање и неуморна ревност, да се изговара трпеливо молитвата и да се чека додека Господ, самиот, по Своја волја не ја доведе на следната скала. Единствено ова е правилен поредок во молитвениот живот. Кон тоа мора да се оди што попросто и поискрено, без напрегање и без обиди да се произведат усилени чувства… Исто така, не смее да се мисли дека со тоа се прави нешто посебно или нешто необично. напротив. Пред лицето Божјо мораш да признаеш дека си несовршен човек, кој бара спасение во чистење на својата душа. Во срцето мора да имаш, макар во ’ркулец, искрена вера дека: Исус Христос е Бог и вистински спасител на светот, Кој единствено може твојата душа да ја воскресне, и во неа да воспостави вистински, чист и свет живот. Без ваква вера, молитвата нема никаква смисла. Таа вера во текот на молитвата се зацврстува и во срцето зазема водечко место. Ти, покрај тоа мора да се потрудиш таа вера да ја докажеш и на дело, и според својата моќ да го исполниш она што Господ во Евангелието го заповеда.

Извршувањето на Исусовата молитва, од самиот почеток бара големо внимание, смирение и истрајност. Таа не може да се извршува како било и во невнимание, туку штом вниманието се расејува, треба веднаш да се собере. Ако фантазиите нападнат и произведат претстави, треба веднаш да се разбијат. Ако се подигнат страстите, веднаш треба да се скротуваат. Најпосле, ако нè притисне привидна бесплодност на сиот овој труд и нè вкочани со насетувања и нервоза, и таквата состојба мора да се поднесува и понатаму упорно да се моли. Ако од незнаење, самоволие или од илузија настанат грешки, мора да се дознаат, да се окајат и да се поправат. При сето тоа мора да се биде полн со смирение, да не се мрмори, да се продолжи молитвата и целата надеж да се насочи кон Бога. Ќе поминат недели, месеци или години, па сигурно во срцето ќе се распламти топлотна светлина на постојаната благодатна молитва – според мерката на твојата сила и според ревноста кон ова свето дело.

Почеток за такво нешто е колку што е можно почеста, повнимателна и од срце изговарана Исусова молитва. Честото повторување го утврдува умот пред Бога, на тоа се загрева срцето кон Него, ако оваа топлина стане постојана, тогаш во нашата внатрешност се вселува мирот Божји со сите свои духовни струења. Колку почесто и повнимателно ја извршуваш Исусовата молитва, толку побрзо таа се поврзува со твоето срце. Најдобро е да се потрудиш со целата сила и да не попушташ сè додека молитвата не започне во срцето сама да се придвижува. Тогаш останува ти само да ја имитираш. На прво место, Исусовата молитва ги собира сите мисли во срцето, и во неподелено внимание, во страв Божји, покајание и болно самопознание, ги остава да живеат пред Христа. Преку тоа душата се подготвува за прием на Божјата искра. Тогаш искрата на Светиот Дух го допира срцето и ја распламтува молитвата во свет пламен.

Предуслов за тоа е непрестаната, постојаната молитва. За неа е потребно трпение и самосовладување. Целата мрзливост и невнимателност, целиот сомнеж во успехот, треба да бидат прогонети. Притоа треба да нè зацврстува блажената доверба, дека Господ ги гледа сите наши напори: ниту една единствена молитва не е залудна. Господ го гледа нашиот напор, Он ја слуша нашата постојана, иако преку расеаноста, извалкана молитва, и најпосле ни подарува вистинска молитва, која како жив источник струи од срцето. Довербата во Бога е корен на духовниот живот. Сè доаѓа во свое време. Биди блажен во оваа доверба и потпри се на Бога.

Средувањето на нашиот внатрешен живот и молитвата одат рака под рака. Според мерката на внатрешно исчистување и обновувањето на господарењето на Светиот Дух се приближува и вистинската молитва. А со неа срцето добива слобода од сите врски, мир, светлина и радост во Бога.

Надворешниот израз на молитва е во постојаното, нечујно или гласно нејзино одржување на усните. Внатрешниот нејзин израз е во неподелената собраност на разумот и на срцето пред Бога. Затоа, со целата сила треба да се вдлабочиме во Исусовата молитва, повторувајќи ја гласно или тивко, да ја следиме со срцето додека умот се собере во срцето и додека срцето се загрее кон Господа. Така се раѓа внатрешна собраност. Таа прави да наоѓаш сили во Бога и постојано да живееш во Него, било да си сам или помеѓу луѓето, и со што и да се занимаваш. Силата на оваа молитва не лежи во повторувањето на нејзините зборови, туку во насочувањето на срцето и умот кон Бога.

Нам ни е потребна постојана врска со Бог преку молитвата, да се соединиме во срцето со Исуса Христа, како извор на онаа активна сила која целиот наш внатрешен и надворешен живот го води во духот на Евангелието. Секој од нас треба да се соедини со Бог со целото свое битие, со умот и со срцето да го прифати Господа, треба да започне да живее со Неговиот свет живот. За вакво соединување, по Светата Причест, најдобро и најсигурно средство е Исусовата молитва.

 

 
< Претходно   Следно >