


| Велигденско послание |
| 5.04.2010. | |
|
† А Г А Т А Н Г Е Л ПО МИЛОСТА БОЖЈА МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ, НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО - ВЕЛИГДЕН, ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА Возљубени наши духовни чеда! Повардарската епархија на Македонската православна црква, со Божја помош и закрила, денеска зачекори во времето на големото торжество и празнување, во времето исполнето со богодарувана воскресенска радост и надумна божествена љубов. Целото христијанство погледнато во својата суштина се темели врз радоста и љубовта, врз овие две основни доблести, кои засветлија со својот најсветол сјај, токму на денешниот многублагодатен празник Воскресението Христово - Велигден. Личноста на Воскреснатиот Господ Исус Христос е темелот и основата, врз кои се потпира решението на духовните проблеми на модерниот човек, на човекот обременет со товарот на гревот. Во Личноста на Воскреснатиот Господ се наоѓа одговорот на сите човечки прашања, разрешувањето на сите човечки дилеми, бидејќи овде се крие тајната на животот, тајната на избавувањето и спасението, тајната на здобивањето и престојот во вечноста и Царството Божјо. Драги браќа и сестри Македонци и Македонки!
Она што за луѓето е неможно, станало можно за Богочовекот. Рече Господ „Нова заповед ви давам, да се љубите едни со други, како што Самиот Јас ве возљубив, полагајќи го животот за мнозина“ (Јн. 13. 34). Оваа порака и завет Христос не ја упатил само кон своите ученици, ниту кон само еден човечки род или раса. Неговата љубов нема ниту граница, ниту ограничување. Таа сите подеднакво ги прегрнува, на сите подеднакво им се дарува и на сите и на сî подеднакво им се радува со својата бесмртна радост. Според својата природа таа е вечна, а според своите својства сеопфатна и безгранична, таа подеднакво ги љуби и живите и мртвите, и праведните и грешните, и луѓето и тварите. Љубовта која ја сака сегашноста, а луѓето ги предава во ништожност, таа е лажна и демонска љубов. Љубовта која не е во состојба да воскресне мртви и самата е мртовец. Љубовта која не може да го победи демонското зло, гревот и смртта, самата се претвора во прелест и привид. Љубовта која не е спремна да слегне во најмрачните подземја на човековата огревовеност и богоотуѓеност, никогаш не ќе може да се претвори во живот и светлина на луѓето. На таква љубов сме повикани првенствено и ние коишто го носиме Христовото име. Затоа, оној којшто е Христов на земјата и којшто сака да биде Негов во вечноста, нека се исполнува со Неговата воскресна, вечна и од смртта посилна љубов, како кон сите луѓе, така и кон сите созданија. Според таквата љубов ќе бидат препознати Неговите ученици и ќе бидат признати на Страшниот суд.
Верни чеда на Повардарската епархија на МПЦ!
Во изминатиов Велигденски циклус Повардарска епархија продолжи и понатаму со градењето на новиот храм во центарот на Велес, посветен на семакедонските учители и просветители светите браќа Кирил и Методиј. Овој храм, за нас како Епархија има приоритетно значење, се разбира не занемарувајќи ги останатите градителски потфати, кои ние во претходните години веќе ги имавме започнато. Така, годинава очекуваме да заврши целосната реконструкција на Велешките цркви „Успение на Пресвета Богородица“ и „Св. Петка“ каде моментално, и на двете места, се изведува фрескоживописот, како завршна фаза пред нивно преосветување. Мораме да признаеме дека во овие тешки економски услови во Република Македонија градителски потфати и проекти многу е тешко да се изведат на време онака како што порано било планирано. Брзото реализирање на овие богоугодни дела сепак зависи од финансиските средства. Затоа напоменувам дека сите наши браќа и сестри кои помагаат во изградбата на православни духовни светилишта во исто време се градат и себеси, ја градат и историјата, но и вкусуваат од залогот на вечноста. Градењето на храм колку што е аскетско, толку е и естетско дело. Во животот сé се променува - се менуваат времињата, цивилизациите, градовите растат или се намалуваат, но светилиштата остануваат вечни, токму поради вечните вредности што во нив се случуваат. Драги браќа и сестри, согледувајќи ги статистичките податоци за наталитетот и морталитетот, ние, како македонски православен народ, со тек на годините сè повеќе старееме. За ваквата биолошка и национална катастрофа немаме никаков изговор, не смееме да дозволиме да станеме малцинство во сопствената земја. Обидот за да се себеоправдаме, криејќи се позади финансиските средства или градењето на кариерите е обид да ја скриеме својата мрзливост и себељубие. Достоинството на родител е едно од најголемите достоинства што Бог му ги подарил на човекот. Создавањето, а потоа и воспитувањето на личноста е учество во Божјата креација на овој свет, па според тоа голема е тагата тогаш кога ние самите се откажуваме од оваа божествено величание, во име на некои минливи човечки вредности. Во некои манастири во Повардарската епархија, а тука пред сè предничи манастирот „Св. Атанасиј“ во с. Извор, забележани се сатански, демонски и ѓаволски прекршувања на Каноните на Светата православна црква, со тоа што буквално се окупирани од разни бајачи и гледачи, кои здружени со некои локални моќници искажуваат непослушност кон своите парохиски свештеници и профитираат од маката на православните верници, кои дошле да се поклонат во овие светилишта. Ја користиме оваа прилика, уште еднаш да укажеме дека ваквите гнасни пагански дејствувања Македонската православна црква не ги благословува и воедно да ги повикаме вистинските православни верници, заедно со својот свештеник, одлучно да им застанат на патот на лажните пророци.
Возљубени чеда во Христа Воскреснатиот!
Испраќајќи ви го нашиот Архипастирски благослов, ви посакуваме во мир, слога, со добра волја и меѓусебно разбирање да ги дочекате и прославите Велигденските празници. Мирот Божји и Неговата безрезервна љубов нека ви бидат утеха и поткрепа во вашите семејства. Овој празник, Воскресението Христово, е вистинска можност да се сплотиме како македонски народ, да си простиме еден на друг, братски и со љубов да си подадеме рака, да воспоставиме нов почеток во нашите животи. Да му благодариме на Бога за добрините што ни Ги направил, да го благословиме Неговото име, за Него да ги отвориме нашите срца. Да се облечеме во Неговиот живот и во Неговата личност, и да речеме со сето наше битие:
Христос воскресна - Навистина воскресна!
Митрополит Повардарски † А Г А Т А Н Г Е Л
|
| < Претходно | Следно > |
|---|