


| ТАЈНАТА НА ПОКАЈАНИЕТО (П. Светлина 13) |
| 8.04.2010. | |
|
Православното учење го одредува покајанието како Тајна, во која оној, кој искрено и православно ги исповеда своите гревови пред Бога, при видливо изјавување на прошка од свештеникот, невидливо се разрешува од гревовите од Самиот Господ Исус Христос. Исповедањето на гревовите, во своето вистинско значење и во својата вистинска сила, без сомневање, треба да започне во нашата душа нешто многу порано, пред да го извршиме усно во Тајната на покајанието. Ова исповедање треба да биде нешто поинакво, отколку постојаното морално самоиспитување, кое ја сочинува основата на нашето самопознание во целиот наш морален живот. Вистинското христијанско исповедање на гревовите благодатно ги лечи духовните рани, дарува мир во утехата на проштевањето и разрешува. На исповедта, христијанинот прима очистување на совеста и обновување на духот, кога ги исповеда гревовите и скрушено ги открива пред Бога своите немоќи, раните на душата, своите падови... Преку спознанието и исповедањето на паѓањето во грев, нашата душа треба повторно да се роди за нов и подобар морален живот. Не едно или друго наше дело, според сопствен избор, туку целиот наш живот треба да биде предмет на нашето исповедање. И токму тоа постојано секојдневно исповедање, треба да служи како подготовка за целосно исповедање на гревовите во Тајната Покајание. На патот на ова постојано самоисповедање на човекот, Црквата го подготвува за таинственото исповедање. Сигурно дека е потребно многу повеќе способност, како и цврстина на умот и срцето, за постојано да се прави правилен преглед на целиот живот, па постојано, со верна мисла, да се следи целиот тек на нашето битие – од нашето доаѓање на светот, па до денес. При подетално испитување на својот живот, прва и суштинска тема треба да биде нашето спасение. Тука треба да се соберат сите сили на умот, да се наоружаме со непристрасност, за да можеме да го решиме прашањето според својата важност, кое е неспоредливо со ништо, а тоа е прашањето за своето спасение. Решението на тоа прашање треба да разјасни, какво е сето наше морално битие, треба да даде извештај кои сме и што сме ние за небото и вечноста. Еве два неопходни услова: при испитувањето на својата совест, потребно е да се има одлучност и спокојство на духот. Потребна е одлучност, за да не се поштедуваме себеси, да не се прелажуваме самите, за да го видиме доброто во себе дури и онаму, каде што го нема, за да можеме да си судиме над себе не со судот на себељубието, не со судот на разнежнето чувство или разум, не со судот на празно сожалување и лесна тага за своите постапки. Потребна е одлучност, за во истиот момент да го искорениме во себе сето она, што од пред нашите очи ја крие вистината, та нашето срце да гори во огнот на чистото и спасително покајание. Потребно е спокојство, за да не се огорчуваме над своите недостатоци, но за да ја сочуваме во себе силата на духот за нивното исправување; да не се најдеме во очајна состојба од своите падови и гревовните болести, туку да имаме одлучност да бараме лек за нив и машки да си погледнеме во сопственото лице низ огледалото на совеста. Кога веќе си паднал, не троши го напразно времето во лелекања и офкања, туку повеќе труди се да станеш и да продолжиш понатаму. Неможно е за човекот да не падне, но голем е оној, кој умее да стане и уште посмело да продолжи, без разлика колку пати паднал! Имајќи таква одлучност и такво спокојство на духот, да пристапиме кон истражување: во што се состои нашата главна вина пред Бога и пред самите себе во делото на нашето спасение и какви страсти и пороци обично владеат во нас, како и тоа, да размислиме, што посебно нив ги потхранува за нашата погибел. Ова се неопходните прашања за спасението, а за да одговориме целосно правилно и одлучно на првото од нив, потребно е да го земеме за образец она, кое е дадено како идеал на совршенство не само за нас, туку и за сите, а тоа е Словото Божјо, кое е ,,живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот“ (Евр. 4, 12). Тоа значи, дека пред чистото огледало на божествениот збор и при засиленото внимание кон неговото внатрешно око, во нас нема да биде сокриена ни една помисла, ни една воздишка на срцето, ни една тајна желба на волјата. И не треба само со една, и тоа било која, страна од нашето битие да се обраќаме кон тоа огледало, туку со сите: и со разумот, заради проверување на неговото сфаќање и расудување; и со срцето, заради проверка на неговите чувства и тежнеења; и со волјата, заради проверка на мотивите, целите и правилата, според кои таа дејствува. Дури тогаш целосно ќе се открие дали во нас е поставен почетокот на нашето спасение, сјае ли верата во разумот, се загрева ли од љубов нашето срце, ја подигнува ли законот нашата волја. Умот, кој слабо верува, истиот момент ќе се пројави, зашто гордоста на умот, која е својствена за него, не го поднесува учењето за послушност кон верата, кое од нас го бара Божјиот збор. Но и самољубието, кое е вообичаено својство на маловерието, во истиот момент ќе се постави на местото на судија, а верата и Божјиот збор на местото на обвинети, па ќе почне да ги сфаќа и да ги суди на свој начин. Заразено со страста, срцето во тој момент ќе се отвори, зашто не го поднесува изобличувањето на порокот, со кое е заразено, па заминува од пред огледалото. Безгрижната и обеззаконета волја, никако не ќе сака да се сокрие. Таа во тој момент ќе стане со целата бура на своите страсти и вкоренети навики, зашто за неа секое изобличување е несвесно и секој поглед обременувачки, па таа живее само со тоа што се труди колку што е можно помалку да навлегува во себе. Заради решавање на прашањето – дали навистина успеваме на патот на христијанското совршенство, дали сме тргнале по него, ние не можеме да укажеме на друго средство, освен на смирението и љубовта. И така, треба да ја испитаме својата совест: дали смирението во нас е вистинско и постанува ли тоа сè подлабоко, потхранувајќи го во нас чувството за себеосудување и духот на одрекување од своето самољубие? Раководи ли тоа во процесот на сознавање на нашите совршенства и добродетели, дали тоа се појавува во нас при чувствувањето на нашите немоќи и заблуди? Ја покажува ли тоа својата сила, кога го предизвикуваат лишувањата, несреќите и жалостите, кои нè стигнуваат во светот? Дали смирението говори во нашата молитва, дали дејствува во нашите подвизи, патува ли со нас по патот на светската благосостојба, дали е покрај нас во средбата со искушенијата од сличните на нас луѓе, кога ние незаслужено трпиме од нив? Ако совеста ни одговори на ова прашање, или можеби на едно од нив со ,,не“, тогаш не треба да си припишуваме за себе спасение или христијанско совршенство. Треба повторно да се обратиме кон почетокот, за одново да се запали искрата на благодатниот живот. Но, не треба одеднаш и да се вознемируваме, ако нашата совест не даде потврден одговор. Смирението е таква добродетел, која првенствено се огледа во искушенијата и во тешките предизвици. Има ли некој, кој не е смирен, кога никој не го задева? Крстот, во било каква форма да се јавува, секогаш е училиште на смирението. На ист начин треба да се испитуваме себеси во односот кон љубовта. Треба само да ги отвориме оние места во Посланијата на апостол Павле, каде што тој ги разоткрива сите совршенства на христијанската љубов и дали навистина е христијанска. Потребно е само со живо чувство на срцето да погледнеме на Христовиот Крст, за да дознаеме кој степен на љубовта сме го достигнале и што направила нашата љубов заради Оној, чија љубов кон човекот го довела и до распнување на Крстот! Ако и при ова самоиспитување на совеста не ни се каже ништо, или ни се каже нешто малку утешно, тогаш никакви природни добродетели, па колку и да ни изгледаат блескави, нема да го докажат нашето совршенство и никако не треба да нè смируваат со самозадоволство, зашто тоа не е ништо подобро од празните безживотни цветови, кои се наоѓаат меѓу бодликавите трња. Третото прашање: каква е страста, која владее во нас и каков е во нас моќниот порок, ако ние сè уште не сме го започнале своето обраќање и спасение? Ова прашање лесно се решава. Страста, која владее во човекот, секогаш го влече кон една насока, од која не може да се отстрани и кон која ги насочува сите свои мисли и желби. Треба да се забележи тој пат и страста ќе биде одгатната. Страста која владее, секогаш е болест на духот, премногу суптилна, без грешка дознава што ì е сродно, а што туѓо и спротивно. Со ништо врските не се толку болни, како со таквата страст; со ништо не е толку тешко да се разделиш, како што е тоа тешко да го направиш со моќниот порок. Такво испитување на животот, такво испитување на својата совест, треба да му претходи на покајанието. Но и по ова, не е можно одеднаш да се пристапи кон исповедање на своите гревови во светата Тајна. Треба да има уште нешто, без што напразно би почнале да очекуваме очистување и разрешување на гревовите во Тајната. Потребно е уште многу и целосно, чисто и длабоко покајание во срцето. Не е доволно да се види во себе гревот. Потребно е кон истиот да пројавиме одвратност и гадење. Малку е тоа да се сознае можното зло. Треба да се боледува и тагува заради ненаправеното добро. Гревот длабоко пуштил свои корени во нашето срце. Неопходно е да се случи потрес на целото срце, за да се искорнат корењата. Потребно е да се запали во душата силен оган, за во неа да се уништат трњето и коровот. Но, при сето тоа, чистото покајание на христијанинот, не е исто што и страшниот оган, кој ја проголтува душата на престапникот. Во моментот на покајанието, на христијанската душа треба да ì бидат својствени искрените и горки солзи, а не секојдневните. Да не очекуваме со лицемерни солзи да предизвикаме нажалување на небесниот Отец кон нас, Кој ни дава толку многу љубов, милосрдност, долготрпеливост, а во нас гледа толку многу рамнодушност, жестокосрдечност, заблуди, падови, па затоа прв, а сигурно и најтежок грев пред Него, е нашата жестока неблагодарност, упорност против Неговата љубов, непокорност кон Неговата благодат, односно, кон сè она, што во очите Негови претставува хула на Неговиот Дух. Ова е првата причина за солзите на христијанската душа, и тоа солзи горчливи. Но, тие солзи нека бидат солзи на синовски страв, а не солзи на очајание. Значи, солзите на христијанското покајание се солзи за тоа, во какво богатство на сила ние произволно си попуштаме на себе до паѓање и ги злоупотребуваме тие сили во служење на похотите гревовни; при какво изобилство на духовни дарови, ние се претвораме во духовно сиромашни; при какво високо назначување, ние сакаме да бидеме презрени слуги на гревот; и на крај, при какво очекување на вечните, несфатливи добрини, ние се управуваме според привиденијата и заради минливите моменти за насладување со гревот, подготвуваме за себе вечни мачења. Еве го длабокиот извор на солзи за христијанинот. И токму во тој извор на солзи, секогаш леани во длабоко чувство на покајание, христијанската душа треба да се потопи и измие од гревовите. Но, да не бидат овие солзи на жалосна меланхолија или очајание. тие треба да ја омекнат душата, која е ожесточена од гревот, треба да ја очистат и просветлат, како што за тоа учи еден од големите подвижници-богослови: ,,Болувањето на срцето поради гревовите, ќе отвори во човекот потоци од солзи, слично на река, која зад себе остава тишина, кротост во душата и некоја необјаснива сладост; уште, пак, и мажество, за да можеме слободно, и не гледајќи на никакви препреки, да ја одржиме послушноста кон божествените заповеди, што за почетниците, навистина, не е лесно, кои ја достигнале половината од овој пат, а за совршените, овој извор е извор на светлина и со себе повлекува целосна промена во срцето“. Истиот тој подвижник продолжува: ,,Пред солзите и плачот, никој да не нè лаже дека е можно да се изврши вистинско покајание. Да не се лажеме ни самите себеси. Пред солзите и плачот во нас сè уште нема вистинско покајание, нема Божји страв во нашите срца, ние сè уште не сме навлегле во себе и не сме дошле до целосно чувствување на идниот суд и вечните маки. Ако сето тоа ние во себе би го почувствувале, во истиот момент ќе потечат солзи од нашите очи. Без нив, пак, никогаш нема да омекне жестокоста на нашето срце, нема да најде смирение нашата душа и не може да биде удостоена за општење со Светиот Дух“. Преподобен Ефрем Сириски ни дава пример на срдечна скрушеност: ,,Тагувај, душо моја, често повторувал, тагувај поради сите духовни богатства, кои од Бога си ги примила и си ги загубила; тагувај поради сите зли дела, кои си ги направила. Тагувај за сето она, за што Бог пројавил кон тебе долготрпение; тагувај и покај се... за да не се посрамиш на страшниот Христов суд. Тешко мене грешниот, кој сум ја осквернил чистотата на своето срце со малодушноста! Така страстите заповедаат со мене, како господар со слугите, па и јас во овој час, како дете, со страв се покорувам, а таа ме заведува и јас се насладувам. И кој ќе плаче за мене, или кој ќе ме утеши, освен Тебе Единиот, Спасителу мој, Кој според Својата добрина си погледнал на мојата жалост?“ Освен лажниот срам и страв, среде самото покајание, често го подигнува својот глас и самољубието – непријателот на секое пожртвување. Самољубието не им дозволило на првите грешници да дојдат до сознанието на својата беда, кога била нарушена Божјата заповед. Наместо исповедање на гревот, наместо молба за милост кон Адам и Ева, раководени од самољубието, тие измислиле некакви престапни извинувања, па дури и, за што е потребно со трепет да се размислува, одлучиле да Го осудуваат самиот Судија, фрлајќи ја врз Него својата вина. И сега тоа самољубие се труди да го убеди секого од нас дека ние не сме направиле некои важни гревови, кои викаат кон небото, дека нашиот живот, иако не е без заблуди и падови, сепак, не е толку прекорен, за да не би требало да очекува милост од Бога. Меѓутоа, нашите заблуди и падови, сето тоа се обични последици на слабоста, кои се заеднички за секого од нас. Па, зошто тогаш постои исповедта? Таа е само општо признавање на гревовноста, сведоштво на тоа дека не треба да бидеме упорни во гревот и да чувствуваме долг кон совеста. ,,Ние не сме направиле важни гревови!“ Што содржи во себе оваа помисла? Со што ќе го мериме степенот на важноста на гревовите? Гревот е плодоносен, неисцрпен и непрекинлив во своето развивање и умножување. Најмалото семе на гревот раѓа најсложени гранки на паѓања во нов грев. Постапката, која навидум е ништожна, често има длабоки и далекусежни последици, кои дури преминуваат и од колено на колено, од векови во векови, зашто и најширокото зло има свој почеток во најдалечниот и најмал престап. Ако можеме да го здогледаме ова, тогаш ние нема да ги сметаме овие или оние гревови за неважни. Тоа е лажно размислување за гревот, како да е тој еднократно дело, грешка или престап, кој е можно истиот момент да биде поправен или применет. Напротив, според правилното сфаќање, гревот има жилав почеток, делувачка сила која има свој живот, свој развој, своја плодност. Еден грев, само за себе, не е можен и не постои. Само што ќе се роди, тој во себе веќе содржи безбројни семиња на свои поттици, кои неизбежно ќе излезат и ќе се покажат, и според својот ред повторно ќе бидат полни со семиња на нови родови. Сè што е досега кажано, има за цел да ја објасни неопходноста на отворената, целосна и детална исповед во Тајната на Покајанието. Колку гревовите и да изгледаат мали, потребно е да ги замразиме, потребно е да чувствуваме одвратност кон нив, па затоа треба отворено и во целост да ги исповедаме и да се има искрена жалост при нивното исповедање. Отровот на гревот дејствува внатре и длабоко, на душата ì донесува вистинска смрт, иако надворешната рана, низ која поминува, може да биде многу мала. Од исповедта треба да се исфрлат сите општи и празни обвинувања, кои ништо не објаснуваат во нашите болести и душевни состојби и кои не се ништо друго, туку итро виткање на змија, која се вгнездува во длабочината на душата, обидувајќи се да ја сокрие својата глава. Ние не Го љубиме Бога онолку, колку што би требало. Не го љубиме ни својот ближен, колку што сме должни тоа да го правиме. Тоа се наши гревови. ,,Говорејќи на таков начин во покајанието, забележува еден духовен отец, ти ќе говориш такви работи, кои сигурно за себе би можеле да ги кажат најсовршените луѓе, па дури и сите блажени, кои веќе се наоѓаат во рајот, ако исповедта би била уште потребна за нив“. Не! Зарем таква исповед бара од нас нашиот живот, нашата состојба, внатрешна и надворешна, во овој свет? Тешки се раните на срцето, но доколку подлабоко треба да се навлегува во нив, дотолку погрижливо треба да бидат прегледани. Не е доволно да се каже нешто за овој или оној грев, кој изгледа поважен, или повеќе се пројавува во сеќавањата и фантазиите, туку треба да се прераскажуваат, пребројуваат, да се именуваат сите свои гревови од најголемите, до најмалите, од гревовите направени со дело, до гревовите направени со мисли и зборови, од гревовите на самоволие и жестоко срце, до гревовите од незнаење, заблуди, негрижливост, пропуст, од гревовите смртни, до гревовите од лесномисленост и оние, кои како да можат да се простат. Но, и тоа не е доволно. За да можеме точно да ги искажеме своите гревови, треба да се каже нивната причина: дали е тоа самољубието, или суетата, или тврдоглавоста, или штетните примери, или било која друга причина. И уште се бара и објаснување, колку долго остануваме во овој или оној грев, зашто ако подолго остануваме во гревот, дотолку повеќе се умножуваат неговите штетни дејства. На пример, голема е разликата меѓу суетата, која се вовлекува во срцето на некое време, и суетното самоугодување, со кое се храни нашата духовна гордост во текот на многу години, или целиот живот. Треба да се биде внимателен и кон оние гревови, кои често никнуваат во срцето и долго владеат во него. Затоа треба да ги откриваме и самите навики и другите извори на гревот, за да можеме да дојдеме до изворот на лечењето и поуспешно да најдеме вистинска помош. На исповедта треба да ги откриваме дури и оние наклонетости, по кои ние сè уште не сме паднале во некакви престапи. На пример, премногу нè притиснува духот на тагата и жалоста, или чувствуваме особена наклонетост кон расеаност и сетилни задоволства. Со еден збор, не треба да се штедиме себеси во било што, кое служи во откривањето на нашите немоќи и нашите рани. Само во ова може да има надеж на вистинско исцеление. Кон покајанието треба да се пристапува со смерност и кротост. Внатрешноста на своето срце треба да ја отвораме со целосно самоодрекување, во простосрдечност и искреност на чувствата, треба да се изобличуваме самите себе, за да можеме еднаш-засекогаш да ја смириме својата совест. Признанието на гревовите е најдобар лек за гревовите. Има многу утеха и задоволство во тоа признавање, кога тоа е чисто и искрено. Има многу духовна пријатност и светлина во сопствените чувства на душата, кога таа се очистува преку покајание. Вистинското покајание излива таков пријатен мирис во длабочината на душата, така што преку него се чисти сета нечистотија на гревот. ,,Тој пријатен мирис е благоуханиот мирис на божествената благодат, која ја оживува и смирува душата, која се кае; таа благодат е сладост на духовниот свет, чиј извор е Крстот на Спасителот. Тоа е единственото прибежиште на душата, која е жедна за покајание, и не е само нејзина заштита од стрелите на вечното правосудие, туку и сенка на нејзиното смирение и осветување...“ ,,Кога ги исповедаш твоите гревови, говори еден побожен маж, замисли си дека си на Голгота, при нозете на распнатиот Христос, и дека Неговата скапоцена Крв тече од сите Негови рани во твојата душа, заради очистување на твоите гревови“. Токму тука, при подножјето на Крстот, никакво сознание, ниту признавање на гревовите, нема да го уплаши срцето, никаков страв од судот или казна нема да ти ја поматат совеста, туку во мир и бодрост, одушевувајќи се со вера и љубов, христијанинот храбро ќе застане на испитување, и без страв и очајание ќе почне да се обраќа кон Бога: ,,Каде ќе најдат место во мене стрелите на Твојот гнев, кога сум измиен со Крвта на Твојот Син и Мој Спасител?“
Епископ Смоленски Јован (Соколов)
превод од руски јазик: протоереј Златко Ангелески |
| < Претходно | Следно > |
|---|