Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Свети Василиј Велики
15.06.2007.








 

 

СВЕТИ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ-ДУХОВЕН ЏИН СО ЕНЦИКЛОПЕДИСКИ УМ

Свети Василиј Велики во Црквата е почитуван и славен како голем поборник за православната вера, пристаниште на моралната чистота и столб на Црквата. Заедно со свети Јован Златоуст и свети Григориј Богослов се почитува како најголем ерарх и учител на Црквата.

По празнувањето на Божиќните празнувања православните христијани на 14 јануари, го одбележуваат денот на свети Василиј Велики во народот познат како - Василица. Согласно стариот календар кој во 49 година пред Христа го донел царот Гај Јулиј Цезар, денеска е празнувањето на световната година и од тука овој ден се вика - Стара нова година. Обичаите кои се поврзани со денешниот ден се правењето на домашната погача во која домаќинките ставаат паричка, пеењето на василичарските песни во кој треба да биде опфатен тропарот на свети Василиј Велики, а некаде се практикува и палењето на огнот кои треба да ја симболизира светлината Божја во новата година. Обичајот да се прави погача на денешниот ден потекнува од житието на свети Василиј Архиепископот Кесаријски кој живеел во четвртиот век. Тој како голем заштитник на сиромашните ги помагал на тој начин што подготвувал леб во кој додека го месел ставал по еден златник како би ги израдувал сиромашните.

  • РАЃАЊЕ, МЛАДОСТ, ОБРАЗОВАНИЕ

 Свети Васили Велики бил роден во времето на царот Константин, околу 330-та година во Кесарија Кападокиска. Божјата промисла одредува тој да се роди во семејство на богати, славни, но и многу побожни родители, а од оваа лоза ќе потекнат и повеќе светители меѓу кои мајка му света Емилија, сестра му света Макрина, брат му свети Григориј итн. Младоста му поминала во времето на царувањето на царот Константин Велики (306-337г.).Уште како некрстено момче на 15 годишна возраст ја изучил атинската филозофија, реторика, астрономија и другите светски науки на своето време. Негови школски другари биле: свети Григориј Богослов и Јулијан Апостата. Гледајќи ја неговата надареност за науката, родителите го испратиле на тогашните највисоки училишта во Цариград, Атина и Кесарија. Во паганизам ги совладал неоплатонистите, но гледајќи ја возвишеноста на божјата мудрост со помош на свети Григориј, Василиј се посветил на молитвениот и богомислениот живот. Враќајќи се од Атина во Кесарија , Василиј со своите проповеди почнува да ги воодушевува оние кои го слушале. Кога наполнил 30 години се покрстил во реката Јордан во Ерусалим од раката на епископот Максим.

  • МОНАШТВО

Во 357г. Василиј отишол во Сирија и Палестина за да се запознае со монашкиот живот. Тој обратил многу пагани кон Евангелието и се посветил на тајните на монашкиот живот. Воодушевен од монашкиот пост, воздржување и молитва, се посветил на евангелски подвиг со сето  срце. Во областа на монаштвото оставил и многу поуки. Зборувал и пишувал прекрасно за покајанието, пороците и добродетелите, смртта и воскресението на душата, спасението итн. Потоа се вратил во Атина каде се сретнал со својот поранешен учител Евул. Во еден разговор со него, Василиј му рекол дека вистинската мудроста се состои во сеќавањето на смртта кое не штити од гревот, приврзувањето кон земните богатства и не потикнува на стремеж кон вечноста. Така и паганскиот учител извикал дека преку зборовите на свети Василиј поверувал во Бога Вседржителот, Творецот на небото и земјата. Потоа Василиј се населил во едно мирно катче крај реката Ирис. Од другата страна на таа река живееле неговата мајка света Емилија и сестра му Макрина, каде основале и женски манастир. Василиј на свети Григориј ќе му напише:"Бог ми откри живеалиште според срцето.". Неколкугодишните подвизи Василија го прават познат за многумина кои се интересираат за монашки и добродетелен живот. Почнуваат да градат нови и нови манастири, а Василиј станува игумен и духовен отец на многу монаси. Тој ги предпочитал општожителните манастири каде монасите живееле во братства, но сепак вовел и еден вид на компилација од општежителен и осаменички живот. Неговиот лик секогаш се фрескоживописува во олтарот во црквите. Автор е на многу богословски дела, а е рецензент и на света Литургија која се служи 10 пати во текот на еден црковен годишен циклус. Тој многу се грижел и за благолепието на богослужбите. Востановил строг ред и сеноќни бденија со антифоно пеење на псалми.
  • АРХИЕПИСКОП НА КЕСАРИЈА

По смртта на Дианиј за епископ на Кесарија Кападокијска бил избран Евсевиј. Тој бил благочестив, но неподготвен за епископското служење, особено во тоа време кое било епоха на еретичките лажни учења. Затоа за помошник го зема Василија и го ракоположува во свештенички чин. Василиј веднаш блеснува со својата ученост, неуморното трудољубие, блескавото проповедништво, посветеноста кон сиромашните и монасите. Така народот почнал да бара тој да стане епископ, а Евсевиј да биде симнат од катедрата. За да се избегне расколот, Василиј отишол кај свети Григорија и потоа во Понтијскиот манастри. Поради тешката состојба во која се нашле христијаните, Евсевиј побарал од Григорија Богослов да посредува кај свети Василиј и да му повлијае за да се врати во Кесарија. Василиј покорувајќи се на Божјата промисла и волја се вратил и му се посветил на црковното уредување и управување. Во 370г. Евсевиј починал и погледите на заштитниците на Никејската вера сега се вртат кон Василија. Против неговиот избор за Архиепископ на Кесраија Кападокијска биле ариевските еретици, бидејќи се плашеле од неговите храбри проповеди и разобличувања. Но Божјата промисла прави свети Василиј да стане Архиепископ и голем поборник против ариевската ерес.

  • ИСКУШЕНИЈАТА И ПАСТИРСКИТЕ ПЛОДОВИ

 Тој претрпел страшни закани од тогашните ариевски власти и во една прилика им рекол дека каде и да биде изгонет секаде има земја Господова и дека воопшто не се плаши од прогонот, ниту маките и смртта, кои само ќе го приведат кон Христа. Во 275г. во Кесарија дошол царот Валент и влегол во базиликата каде служел Василиј. Слушајќи ја прекрасната Литургија, царот решил да го скине веќе потпишаниот указ за прогон на Василија и наредил да бидат помогнати болниците и јавните кујни кои ги основал Василиј. Големиот Христов Архипастир Василиј немало мака или грижа за која не покажал неговата татковска љубов. Помагал на лепрозни, болни, странци, сиромашни итн. Строго се грижел и за дисциплината на своето свештенство и го разобличувал гревот на симонијата кај хороепископите. Неговиот клир станал толку образован што биле барани за помошници од високите епископи во околината на Кесарија. Во текот на животот и по смртта се покажал како голем чудотворец, а имал и дар на прозорливост. Неговата смрт во 379г. предизвикала голема тага не само кај христијанските верници, туку и кај јудеите и паганите. При изнесувањето на неговото блаженоупокоено тело, мнозина болни се исцелиле.

  • НАПИШАНИ ДЕЛА

Негово епохално дело за источната аскетска литература станува книгата "Правила за монасите". Освен ова, Василиј напишал и прекрасено дело во кое го објаснува создавањето на светот и човекот и го нарекол "Шестоднев". Овде тој ја објаснува првата книга од Светото Писмо наречена - Битие. Покажува дека е одличен познавач на науката, ни и толкувач на Светото Писмо. Пишува и дело за тоа како младината да се користи со паганската литература и тоа претставува еклектички обид да се објасни кои аспекти од другите религии и учења не се во контадикторност со боготкриеното учење на Светото Писмо и Светото Предание. Има напишано и 80 морални правила, проповеди, писма и други дела кој го потврдуваат како прекрасен енциклопедиски ум и пред се како духовен џин на Црквата.
 
 
< Претходно   Следно >