Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Божикно послание
6.01.2009.

 

†АГАТАНГЕЛ

 

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

 

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО - БОЖИК, ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

 

 

„Голема е тајната на побожноста -

Бог се јави во тело

1 Тим. 3, 16.

 


 

Возљубени наши духовни чеда!

 

На денешниов торжествен и величествен ден, ние православните христијани, го прославуваме најрадосниот настан во историјата на Христијанската црква, а тоа е раѓањето на Спасителот Господа Исуса Христа, Кој со Своето величествено дело и снисходливост кон човечкиот род, ги загреа срцата на пастирите во Витлеемската пештера, ги зарадува мудреците од Исток и го утеши сето Адамово потомство. Затоа, сите кои ја спознаа оваа вистина, еднодушно го воспеаја новородениот Богомладенец, Го возвеличија Богочовекот Христос, зашто во сиромашната и едноставна Витлеемска пештера се роди Спасителот на светот, се појави избавителната Светлина, која го осветлува патот до портите на Царството небесно. Богочовекот Христос го зеде телото човечко за да го ослободи човештвото од оковите на гревот, темнината и незнаењето, па дарувајќи ни спасение да нè упати кон правда, вистина и духовна величина.

Да се радуваме заедно браќа и сестри Македонци и да Го воспеваме Новородениот Христос, Кој се јави за да донесе меѓу луѓето мир, слога и братска љубов. Бог се симна на земјата за да му даде можност на човекот да се воздигне високо на небесата. Да се радуваме и веселиме зашто Спасителот се роди преку непорочната Дева Марија и со тоа се исправи исконската неправда и се победи прародителскиот грев кој се пренесува врз човечката природа од Адама, па сè до денеска. На денешниот ден се роди долго очекуваниот Емануил за кого зборуваа и пишуваа старозаветните пророци. Заблеска на хоризонтот ѕвездата што го најавуваше изгревањето на „Сонцето на правдата“. Се јави Утешителот на тие што страдаат, Избавителот на угнетените, Лекарот на болните, Надежта за правдољубивите и Востановувачот на еднаквоста меѓу луѓето во целиот свет. Ете, зошто денешниот ден е ден за славословие, за радост и благодарење. Сонцето на правдата доаѓа за да му даде мир на измаченото човештво, да го упати кон правда и љубов и со животворните зраци на божественото учење да ги загрее човечките срца и души. Затоа пријдете браќа и сестри и сите заедно со ангелската војска да му оддадеме слава на Господа, да воскликнеме од благодарност за неизречивата милосрдност и за Неговата бескрајна премудрост.

 

Драги браќа и сестри Македонци!

 

Во годината што изминува Македонската православна црква и нејзините верни чеда имаа особена причина за радост и благодарење кон Бога. Ние, како Повардарска епархија удривме камен темелници за почеток на градба на повеќе парохиски цркви, осветивме повеќе цркви и манастири, продолживме со реновирање или градба на неколку манастирски комплекси, ја интензивиравме изградбата на новата величествена црква во центарот на Велес, посветена на македонските учители и просветители Светите браќа Кирил и Методиј, и со огромна Божја помош и закрила континуирано ја одржувавме Црковно-народната кујна во Велес, која, преку нахранување на нашите несреќни и сиромашни браќа и сестри се надеваме дека ќе ни даде нови и добри духовни плодови, полезни за наше спасение и духовна преродба. Ја користам оваа прилика, драги браќа и сестри да ве повикам уште еднаш на уште еден духовен напор, за преку вашето бесценето дарување на Црковно-народната кујна на дело да ја покажете вашата хуманост и добрина. Празниците всушност затоа и постојат, за преку нивното благодатно значење и спасоносна длабочина да се изградиме себеси како подобри луѓе, а се разбира преку нашата несебичност и добрина и да му посведочиме на светот дека ние Македонците навистина сме Божји народ, а нашата татковина Македонија е библиска земја по која чекореле и проповедале славните Христови апостоли, кои, пак, на светот му дарувале спасоносен начин на живот и избавување од сите тогашни и сегашни цивилизациски зла.

 

Верни чеда на Македонската православна црква!

 

На денешниот величествен и торжествен празник, испраќајќи ви го нашиот архипастирски благослов, и ние, заедно со вас, чувствуваме огромна национална и црковна радост. Искрено и со целото свое битие длабоко Му благодариме на Бога, на Неговата света промисла, но и на оние благочестиви наши браќа и сестри, кои храбро трудејќи се и совесно извршувајќи си ја својата работа, несебично придонесоа во македонските основни училишта да се слушне топлиот Божји глас. Воведувајќи ја веронауката како редовен предмет во образовниот систем на Р. Македонија, на нашите ученици, пред сè, им се даде одлична можност да добијат подобро, поквалитетно и поправедно воспитание и образование. Генерациите што ќе ја изучуваат веронауката повеќе нема да бидат верски неписмени и верски индоктринирани генерации. Општо погледнато, преку изучувањето на веронауката, овие генерации ќе добијат извонредна духовна, цивилизациска и културолошка наградба. Овие македонски граѓани, преку запознавањето на верата на нашите татковци, подобро ќе се запознаат себеси, поправилно ќе го изградат својот автентичен идентитет, морално ќе се осознаат, па, вака, на правилен начин градејќи се себеси правилно ќе го изградат и своето татковинско општество. Учејќи и воспитувајќи се од божествената библиска толеранција ќе научат да го почитуваат феноменот на животот, како и секој што во некој поглед е поразличен од нив.

Библијата, воедно, нè учи дека Бог го создал човекот според свој образ и подобие, што значи дека при создавањето, покрај божествените својства како што се љубовта, добрината, мудроста и правдољубивоста, на човекот му е дарувано и да учествува и да му сотрудничи на Бога во создавањето на нов живот. За нас православните христијани животот и семејството се тесно поврзани меѓу себе, па затоа Повардарската епархија апсолутно ја подржува кампањата за поттикнување на македонските семејства за добивање на трето дете, и во исто време не ги благословува сите девијантни појави кои насилно го прекинуваат животот, како што се убиството, самоубиството, чедоморството и абортусот. Зголемувањето на македонските семејства не само што ќе нè спасат како народ од историско изумирање, туку и ќе ја зголемат жизнената радост во нашите домови и непосредно, во нашите срца.

 

Драги браќа и сестри!

 

Испраќајќи ви го со овие желби нашиот архипастирски благослов, на вас, мили духовни чеда, овде во нашата татковина и надвор од неа, му се молиме на новородениот Богомладенец да останете цврсти во нашата прадедовска православна вера и Светиклиментовиот дух секогаш да биде во вашите души и мисли. Трудете се да останете верни борци во чувањето на нашата национална и црковна слобода и да дадете сè од себеси за да ни цути и напредува нашата татковина Република Македонија и нашата мајка закрилница Македонската православна црква.

 

 

Христос се роди - навистина се роди!
 
< Претходно   Следно >