Изминатиот викенд во манастирот на Рождество на Пресвета Богородица во Калишта беше
одржан Црковно-народен собор на Македонската Православна Црква.
На Соборот земаа учество претставници од сите епархии и институции на МПЦ.
Бидејќи оваа година се навршуваат 50 години од одржувањето на Вториот
Црковно-народен собор на којшто е донесена одлука за возобновување на
древната Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна
црква, овогодишниот Собор, покрај работниот дел имаше и свечен
карактер, за прославување на јубилејот.
На 4 октомври беше одржана Вечерна богослужба во манастирот „Св. Пантелејмон и св. Климент“ - Плаошник, а потоа и свечена Академија во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Во недела, 5 октомври, беше отслужена света Aрхиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Oхридски и Mакедонски г.г. Стефан, во
сослужение на сите архиереи на МПЦ.
Р Е З О Л У Ц И Ј А
од јубилејниот Црковно-народен собор
3-5 октомври 2008
Оваа година, во овие значајни денови за Македонската православна црква и
македонскиот народ, кога го прославуваме 50-годишниот јубилеј, се радуваат сите
верни чеда на нашата света Црква, а со нив на небесата и душите на учесниците
на Вториот Црковно-народен Собор од 1958 година. Но, се радуваат и оние, кои
повеќе децении пред нив се стремеле и работеле на тоа, да се запази споменот на
древната Охридска архиепископија и во погоден момент, истата повторно да се
возобнови.
Што, всушност, значеше Одлуката на Соборот - да се возобнови Охридската
Архиепископија како Македонска православна црква? Пред сè, таа Одлука
претставуваше манифестирање на приврзаноста на нашиот благочестив народ кон
православната вера во Едниот Троичен Бог, но и израз на национално
самоопределување.
Ние, духовните наследници на возобновителите на древната Охридска
архиепископија како Македонска православна црква, инспирирани од нивната визија
и самопрегор, го продолжуваме од нив започнатото дело, грижејќи се за
сегашноста и бдеејќи над иднината на Македонската православна
црква.
Во работниот дел на АЦНС беа разгледани состојбите и достигнувањата на
Македонската православна црква во изминатиот период. Согледувајќи ги истите,
членовите на Соборот изразуваат благодарност до Владата на Република Македонија
за воведување на веронаука во редовниот образовен систем во Република
Македонија, како и благодарност за добивањето на долгоочекуваната државна
акредитација на ПБФ „Свети Климент Охридски“ Скопје.
Воедно, се побара и интензивирање на процесот на денационализација и враќање на
имотите на црквите и манастирите на Македонската православна црква.
По истечениот успешен мандат на досегашниот потпретседател на АЦНС д-р
Светислав Маџаров од Охрид, а согласно Уставот на МПЦ, со мандат од четири
години, за нов потпретседател на АЦНС е избран господин Славе Трајковски од
Мисисага - Канада.
Во работна и конструктивна атмосфера, а за запазување на празнично-јубилејниот
карактер на Соборот, членовите на АЦНС едногласно одлучија точката 10 од
Дневниот ред, предвидена за овој Црковно-народен собор, која се однесува на
предлогот за измени и дополнување на Уставот на МПЦ, да се одложи и да биде внесена
на дневниот ред за следниот Црковно-народен собор.
Истовремено, членовите на АЦНС упатуваат апел за национално единство и искрен и
молитвен повик до државниот врв за еднообразен пристап, во овој исклучително
комплексен и полн со предизвици период за нашата Татковина, поврзан со
прашањето околу разговорите за името на Република Македонија, при што АЦНС
препорачува да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовен
идентитет на македонскиот народ, останувајќи на ставот од Резолуцијата на АЦНС
од 2005 година да се зачува уставното име на Република Македонија.
Манастир Св. Богородица – Калишта
4 октомври 2008