


| Новости од Есфигмен |
| 4.06.2008. | |
|
02.06.2008 год.
Вооружани грчки полицајци планираат да ги исфрлат
мирољубивите монаси од манастирот Есфигмен!
Света Гора, Грција – Денес Грчката влада распореди трупи од стотици вооружени полицајци за насилно да ги протераат монасите од светиот манастир Есфигмен. Под водство на министерката за надворешни работи Дора Бакојани, сите патишта до манастирот се затворени и повеќе од 200 полицајци со полно вооружување се на Света Гора, со додатни 400 полицајци распоредени за помош при планираниот напад. Нивниот брз план е насилно да ги протераат мирољубивите и незаштитени монаси и нивниот храбар игумен Методиј од нивниот манастир, и на нивно место да ги стават оние кои се молат во согласност со наредбите на Грчката влада. Владата дозволи употреба на сила за решавање на верскиот конфликт, откако не успеа да ги принуди монасите поради изгладнетост да го напуштат манастирот, во текот на 5-годишната блокада. Во овој период, беше прекината доставата на храна, лекови, гориво, и пристап на медицинска нега, додека истовремено беа подложени на непрекината кампања за јавно провоцирање и заплашување. Грчкиот јавен обвинител, Василис Флоридис, ги укина приходите за живот на овие мирољубиви монаси, кои бараат да бидат оставени на мир да се молат во нивниот манастир. Минатата седмица Флоридис испрати писмо до високи владини претставници, нарекувајќи ги монасите „национална закана“ и барајќи нивно отстранување. Овој е истиот оној обвинител, кој во октомври 2006 се закани со „страшни последици“ за секој кој би се осмелил да го подигне својот глас против овие активности. Монасите постојано бараа дијалог со грчката влада како и со патријархот Вартоломеј од Истанбул, за да се разреши овој неспоразум. Патријархот, кој ги беше нарекол монасите „расколници“, одби да помогне во мирно разрешување на овој неспоразум. Во последниве 5 години, Владата на САД ја прозва Грција за нејзиниот третман кон монасите од Есфигмен во извештаите на Меѓународната Верска Слобода, издадени од страна на State Department.
Коментар: Грција, колевката на демократијата, како што милуваат да ја нарекуваат Грците, и овој пат покажа дека не само што ги скратува правата на малцинствата, туку сериозно ги нарушува и правата за слободна вероисповед. Трагедијата е уште поголема затоа што Грција, како православна (или гркоправославна) земја овој пат се бори против правата на своите истородни и истоверни браќа-православни монаси, чијшто најголем грев е тоа, што одбиваат да го спомнуваат на Литургија цариградскиот патријарх Вартоломеј, поради неговите отворени екуменистички активности и блискост со римскиот папа. Цариградскиот патријарх, доколку е вистински пастир, најпрво би требало да се погрижи да ги соедини раскараните православни старокалендарски фракции, да ги ислуша, да види во што е нивниот проблем и да најде христијански начин за надминување и решавање на поделбите помеѓу православните христијани, па дури потоа да оди и да бара помирување со неговиот голем брат – римскиот папа. А, пак, грчката влада и црква наместо да нè поправаат нас и да нè учат како да ги почитуваме верските слободи во Македонија, подобро да си го гледаат својот двор и со пример да ни покажат како се почитуваат верските слободи, односно, пред да се обидат да ни ја извадат раската од нашето око, нека си ја извадат првин гредата од нивното око.
|
| < Претходно | Следно > |
|---|