


| Кратко житие на Св. Никола |
| 18.05.2007. | |
|
Овој славен светител, и денес прославуван по целиот свет, бил син единец на познати и богати родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара, во областа Ликија. Иако единец кој им бил подарен од Бога, тие повторно го дале на Бога како дар. На духовен живот св. Николај се научил кај неговиот стрико, Николај, епископ Патарски, и се замонашил во манастирот ,,Нов Сион”, основан од неговиот стрико. По смртта на неговите родители, св. Николај го раздал наследениот имот на сиромашните, не задржувајќи ништо за себе. Како свештеник во Патара, се прочул со своето милосрдие, иако тој грижливо ги чувал своите милосрдни дела, исполнувајќи го зборот Господов: Да не знае твојата лева рака што прави десната (Мт. 6, 3). Се предал на самотија и на безмолвие, мислејќи да живее така до крајот на својот живот, но чул глас одозгора: Николај, појди на подвиг во народот ако сакаш од Мене да бидеш овенчан. Веднаш потоа со чудна Божја промисла бил избран за архиепископ на градот Мир, во областа Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, св. Николај бил вистински добар пастир на своето стадо. Во времето кога Христијаните биле гонети од Диоклицијан и Максимијан, бил фрлен во затвор, но и таму ги поучувал луѓето на законот Божји. Присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја и со голема ревност за верата го удрил со рака еретикот Ариј, кој говорел погрдни зборови за Бога, велејќи дека Синот Божји е само човек, но не и Бог (вистинското учење е дека Синот Божји Господ Исус Христос, бил во исто време и Бог и Човек - Богочовек, значи имал две природи). Заради тоа дело бил остранет од Соборот и му бил дури и одземен архиерејскиот чин, се додека на првите архиереи кои го воделе Соборот уште истата ноќ не им се јавиле Самиот Господ Исус Христос, кој стоејќи близу до светителот му го подавал Евангелието, а од другата страна Пресвета Богородица, која на рамената му го ставила архиерејскиот омофор и одземените архиерејски одличја. Кога го виделе ова, Оците се зачудиле и веднаш му го вратиле на Николаја сето она што му го одзеле, почнувајќи да го почитуваат како голем угодник Божји. Како заштитник на Божјата вистина, овој прекрасен светител бил секогаш и одважен заштитник на правдата помеѓу луѓето. Милостов, вистинит, правдољубив, тој одел помеѓу луѓето како ангел Божји. Уште за време на неговиот живот луѓето го сметале за светител Божји и го повикувале на помош во маките и бедите свои; и тој се јавувал, во сон и на јаве на оние што со вера го повикувале, веднаш помагајќи им. Од неговото лице сјаела светлина како од лицето на Мојсеја, и тој со самата своја појава донесувал утеха, духовна тишина и добра волја помеѓу луѓето. Во староста своја малку боледувал и се упокоил во Господа, многутруден и многуплоден, вечно веселејќи се во Царството Небесно и продолжувајќи со своите чуда на земјата и помагајќи им на верните во прославувањето на Бога. Се упокоил на 6 Декември (стар стил) 343 - та година, а неговите чесни мошти Христијаните ги погребале во градот Мир, каде што и бил архиепископ за време на својот земен живот. Во времето кога областа Ликија била нападната од Турците, светителот му се јавил на некој чесен свештеник од градот Бари - Италија и му заповедал моштите да бидат пренесени од Мир во Бари, кој во тоа време бил православен град на чело со православен патријарх. При пренесувањето се случиле многу чуда , како од допирот на верните до моштите, така и од светото миро кое изобилно се изливало од моштите на светителот. Затоа сите со радосен глас да повикаме кон овој голем Божји угодник: ОЧЕ СВЕТИ НИКОЛАЕ МОЛИ ГО БОГА ЗА НАС !
|
| < Претходно |
|---|