|
7.04.2017. |
|
 Благата вест за зачнувањето на Спасителот, Господ Исус Христос во утробата на Пресветата Дева Марија, на која великиот архангел Гавриил и се јави во архангелска светлина и и рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“, е пречекана со огромна радост во срцата на православните верници ширум светот. И годинава, голем број на верници во Велес ги посетија православните храмови, присуствувајќи на Божествените Литургии по повод овој ден, за повторно и повторно да ја слушнат благата вест. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. На Литургијата, Митрополитот Агатангел, по одлука на Синодот на МПЦ-ОА, го произведе протоерејот Борис Симоновски од Велес во чин ставрофор со право на носење на граден крст. Во предвечерието на Благовештението, во истиот храм беше отслужен целиот Акатист на Пресвета Богородица.
|