


| Интервју со Митрополитот Агатангел за „Вечер“ |
| 16.10.2015. | |
|
ИНТЕРВЈУ СО МИТРОПОЛИТОТ ПОВАРДАРСКИ Г. АГАТАНГЕЛ Во Кавадарци ќе блесне храмот „Св. Преподобна Параскева“
Ваше преосвештенство може ли најпрво да ни објасните која била Св. Петка и што значи да се биде светител? Преподобната мајка наша Параскева - Петка е родена во Рим од благочестиви родители, кои ревносно ги исполнувале христијанските заповеди. Од најрано детство Параскева била подучувана во Христовата спасоносна наука, а кога научила да чита, Светото писмо било нејзиното омилено четиво. Таа уште од мала помагала во домот Божји, па честопати во тишината од храмот се оддавала на молитви и славословија кон Бога. Кога починале нејзините родители, младата Параскева одлучила целиот свој имот наследен од нив да го раздели на сиромаси и да се замонаши. Откако се замонашила, ослободена од земните грижи, со голема ревност му служела на Бога и го проповедала Воскреснатиот Христос на незнабожците. Иако во тоа време христијанството било жестоко прогонувано од римските државни власти, младата проповедничка Параскева, со својата проповед и вистинољубие многумина привела кон верата во вистинскиот Бог. Нејзиниот мисионерски успех не останал незабележан и од нечестивите владетели, кои имале многу неуспешни настојувања за да ја повредат и да ѝ наштетат на светителката, но исто така безбројни биле и Божјите чуда преку кои била заштитувана и избавувана од многу невољи и опасности. Сепак, во 140 г. по Рождеството Христово, преподобната мајка наша Параскева - Петка била удостоена со маченичка смрт и нејзината душа се населила во блажените почивалишта на небесата, од каде го продолжила своето молитвено застапништво пред престолот на Севишниот Бог за оние кои сесрдно ја бараат нејзината помош и закрила. Православните христијани преку духовен подвиг, кој подразбира постојано покајание, чинење на добри дела и раснење во заедницата на љубовта, напредуваат кон совршенството Божјо, односно кон светоста. „Бидете свети, како што е свет вашиот Отец Небесен" е директна заповед и насока од Господа Исуса Христа кон Апостолите. Апостолите, пак, ваквиот спасоносен наук ѝ го пренеле на Црквата и на нејзините членови. Луѓето, кои по милоста Бо'ја вкусиле од Неговото совршенство ние ги нарекуваме светители. Светителите се урнекот на кој ние овдешните христијани се угледуваме. Тие постојано ни сведочат дека спасението и избавувањето од прегратките на гревот, односно достигањето на личноста Христова се реални и остварливи за секој од нас посебно. „Еден е свет, Господ Исус Христос", а преку Него и во Него сиот народ Божји се здобива со светост по благодат. На светост е повикан секој христијанин, кој примил Свето крштение, светоста е достапна за секој кој има волја да истаре во љубовта и милосрдието кон својот ближен. Што ќе преставува храмот „Св. Преподобна Параскева" за православните Кавадарчани? Животот на св. Параскева - Петка за нас христијаните е скапоцен извор за духовна поука. Само од овие неколку зборови со кои претходно го прераскажавме во кратки црти нејзиното житие, согледуваме дека токму храмот Божји е вистинското училиште за верата и побожноста и дека тој истовремено е и лечилиште за човечките душевни и телесни слабости. Храмот е Божјиот дом, во него невидливо присуствува Бог Кој е извор на сите добродетели. Храмот е местото каде се облагородува духот и срцето човечко. Овде се наоѓа вистинското училиште кое на семејството може да му подари добри и вредни деца, на општеството милосрдни и правдољубиви членови, а на татковината чесни и родољубиви граѓани. Храмот е местото каде се учат и утврдуваат верата и љубовта, чистотата и моралот, добрината и правдата, милосрдието и добрите дела. Без овие доблести човештвото не може да постои. Затоа блажени се оние луѓе, наши сакани и ценети браќа и сестри, кои жртвуваат дел од себе за подигање и за одржување на Божјите храмови. Рековме дека храмот Божји не е само училиште на духот и на срцето, туку е и лечилиште за сите човечки слабости. Во храмот се извршуваат величенствените и спасоносни Христови тајни, како што се покајанието, исповедта, причеста и др. Преку нив верните добиваат утеха и олеснување на своите маки, болки и страдања. Преку овие Свети тајни слабите стануваат силни, а сиромашните духовно богати. Преку нив насилниците се скротуваат, горделивите се смируваат. Тие му даваат сила на немоќниот човечки дух за да извршува величенствени духовни подвизи. Во храмот се здобива духовното совршенство и светоста. Свети и чисти се молитвите и на светата преподобна Параскева - Петка. Безброј ќе бидат луѓето кои со нејзиното молитвено посредување ќе излегуваат од храмот душевно и телесно излекувани, исполнети со духовна радост. Оти и за време на нејзиниот земен живот најсаканото дело ѝ било да им прави добро на ближните и да им помага на оние што страдаат. Која е Вашата порака до жителите на Кавадарци? Драги браќа и сестри Кавадарчани! Потребно е почесто да го посетуваме Божјиот храм поради поука и благослов. Само оние кои морално се подигаат и се изградуваат во Божјиот храм, ќе расцветаат во вистина, ќе здобијат христијански добродетели и благодатни дарови. Секој човек токму во Божјиот храм ќе најде тивко пристаниште за спасение и избавување од свирепите животни бури. Овде е местото за наше духовно богатење. Секоја недела и секој празник ревносно да доаѓаме во новоосветениот храм и пред сé на Бога да му благодариме за сите добрини што од Него ги добиваме и да го измолиме она што ни е потребно во животот. Тука, во храмот со детска чистота да му ги искажеме на Бога сите свои неволји, болки и страдања, целосно да му го откриеме срцето на Бога. Таа и таквата молитва сигурно ќе ја придобие Божја милост и Неговата семоќна благодат. Возљубени Кавадарчани! Господ Бог нека Ви подари љубов, добра мисла, мудрост, знаење и цврста вера налик на овој велелепен Божји храм, кој очекуваме да се претвори во цврста духовна тврдина и отворена книга на Божјите вистини. Во оваа наша добра намера нека ни помогне и посредништвото и молитвеното застапништво на света преподобна Параскева - Петка, која никогаш низ вековите не ги оставила без нејзина помош оние кои сесрдно ја молеле. Божјиот благослов нека биде со сите Вас сега и секогаш и во вечни векови. Амин! |
| < Претходно | Следно > |
|---|