


| Свети Наум, Охридски Чудотворец |
| 6.07.2015. | |
|
![]()
Празнувањето на светиите во православната Црква всушност претставува празнување и величање на Бога, Кој се покажува како прекрасен во Своите светии. Силата на подвижништвото, оставањето на сите светски убавини, но и чудотворството дадено на оние кои се соединиле со Христа, ја покажува извонредната Божја сила и промисла за човековиот род. Таков светител е и нашиот Наум Охридскиот Чудотворец, кој се подвизуваше како апостолите, а со својата вера и чудеса го придоби неизбројното мноштво Мизијско. Ваквата благодат и присуство Божјо ги чувствува и нашиот верен народ, но и сите кои барем еднаш во животот го посетиле светилиштето на Црноризецот.
![]() ![]() ![]()
Иако Светинаумовиот манастир во Охрид е посетен секојдневно, тој особено се исполни со верници во деновите кога го празнуваме неговиот свет спомен. Празнувањето започна на 02.07.2015 година, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел и архимандритот Нектариј, игумен на манастирот. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Агатангел се обрати кон верните со пригодно слово. Празнувањето продолжи утредента, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Тоди Јован, свештениците Димче Азески, Владо Недески и Роберт Илијевски, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Васил Ристовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Повеќе информации можете да добиете на сајтот на Дебарско-кичевската епархија .
|
| < Претходно | Следно > |
|---|