


| Изложба на дела на велешки копаничари |
| 26.06.2015. | |
|
![]()
Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложба на дела на велешки копаничари. Десетина копаничари, кои и денес ја негуваат вековната традиција на овој уметнички занает, пред јавноста се претставија со 45 дела. Изложбата, во име на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, ја отвори секретарот на Повардарската епархија, протоѓакон Влатко Стоименов. Во прилог можете да го прочитате ова излагање:
Во Евангелието според Матеј, е наведено дека Бог, секому според силата негова, му подарил извесна количина таланти, т.е. таленти или дарови за одредена работа или одредена област (Мат. 25, 15). Бог вдахновува многумина со различни дарови, за различни работи, а од нас зависи дали и како ќе ги употребиме или злоупотребиме, и како ќе Му се оддолжиме на Бога за она што ни го дал. Дури и кога ја насочуваме нашата дарба против Бога, повторно Он, како добар родител, внимателно нѐ поткрепува и воспитува, зашто Негова најголема желба е да бидеме преобразени и исцелени од секое наше личносно расцепување и застранување. На прашањето: Зошто Бог дава уметнички таленти? Одговорот би бил: Некому, за да Му служи на Бога со својот талент и вештина, за да изработи дела со кои ќе Го прослави Дарителот на сите дарови, а некому за да може преку уметноста да дојде до Бога и да го запознае. Даровите секогаш се со конструктивна намена, и никогаш во себе не содржат деструктивна содржина. Ние православните на црковниот уметник гледаме како на врвен богослов, за нас иконописецот, зографот, копаничарот се подвижници и аскети. Ликовното изобразување во православната Црква не е само обична слика, декор, или пак илустрација на Светото Писмо. Ликовниот приказ е израз на полнотата на православната теологија. Таа не ќе може да биде разбрана надвор од Црквата и нејзиниот живот, зашто таа е израз на севкупното Предание на Црквата Божја. Ликовните прикази во православната традиција не го изобразуваат ликот на светителот само според неговиот земен лик, туку повеќе според неговата прославена, односно небесна просветеност. Тие, за разлика од световниот портрет, во кој се изразува природниот лик на индивидуата, имаат амбиција да го прикажат натприродниот и од Бога прославениот и преобразениот лик. Затоа православниот уметник, треба постојано да се движи нанапред, зашто без постојано преумување и без постојан подвиг нема да биде во состојба да одговори на зададената цел. Уметникот го има дарот од Бога да гледа повеќе и подлабоко од другите и токму заради тоа, православниот уметник, пазејќи ја автентентичноста на христијанската уметност, наместо минливата, ја претпоставува вечната и вистинската убавина. Токму од таква уметност на духовен препород, имаме потреба и ние денес и во тој контекст треба да ја разбереме и нашата денешна изложба, која вечерва и официјално е отворена за јавноста. Господ нека им даде крепко здравје, сила и мудрост на новите генерации копаничари, овој настан нека прерасне во традиционален, а догодина делата на нашите раце нека произведат духовни величини, достојни за почит и пофалба. Ви благодарам.
![]()
|
| < Претходно | Следно > |
|---|