Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Матурско поклоничко патување во Грција
4.05.2015.


Sample Image

При самиот крај од петгодишното образование и воспитување во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, согласно децениска традиција на нашата просветна установа, и оваа година, со благослов на Поглаварот на нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан а воедно и со архипастирски благослов и на ректорот Митрополитот Повардарски г. Агатангел, ние, учениците од V клас се упативме на поклоничко патување низ светите места во Грција, кое беше полезно за нашата идна научна и, пред сѐ, свештеничка служба.

Ова матурско патување се реализира во периодот од 13. 04. до 18. 04. 2015 лето Господово. Патувањето започна околу 07 часот, од Богословијата, а дел од него беа и професорите вработени во МПБ. По поминувањето на граничниот премин Богородица – Евзони, првото место кое го посетивме по влегувањето во Грција беше манастирот Свети Јован Крстител во близина на градот Верија, каде бевме срдечно пречекани од монасите. Во овој манастир се удостоивме да ја целиваме главата на св. Климент Охридски и дел од моштите на свети Јован Крсител, св. Дионисиј Олимписки, а дел од чесниот Христов Крст. По посетата на манастирот се упативме кон градот Верија каде го посетивме местото Павлија, т.е. подиумот каде што пороповедал апостол Павле. По ова следуваше кратка прошетка низ градот каде дел од учениците случајно го видовме и посетивме митрополитскиот соборен храм посветен на св. Антониј Нов и го целивавме неговото чудотворно тело. По посетата на Верија се упативме кон градчето Калампака (Метеори), каде се ноќеваше.

 

Sample Image

 

Утрото на 14. 04. 2015, по појадокот и напуштањето на хотелот, се упативме кон Метеорите во посета на манастирите. Најнапред го посетивме женскиот манастир посветен на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, каде се поклонивме и ја целивавме главата на свети Харалампиј. Потоа го посетивме и машкиот манастир Свето Преображение. Исто така, и во овој манастир се поклонивме и ги целивавме моштите на светите Атанасиј и Јоасаф – основоположниците на манастирот. Во овој манастир ги посетивме и двата значајни музеи кои се со голема црковна и национала вредност. Останатите четири манастири: Света Троица, Варлаам, Русано и Свети Никола ги видовме панорамски, затоа што времето не дозволуваше да се задржиме подолго. Од Метеорите се упативме кон пристаништето на градот Игуменица од каде што со траект отпловивме до островот Крф. Пристигнувањето на островот Крф беше во вечерните часови и најнапред ја посетивме црквата Пресвета Богородица Влахернска, а потоа следеше и прошетка низ градот Керкира. Подоцна се упативме во местото Дасија каде што следеше сместување во хотел и ноќевање.

Утрото на 15. 04. 2015, односно третиот ден од патувањето, по појадокот и напуштањето на хотелот, ги посетивме најзначајните цркви во стариот дел од градот. Првата црква што ја посетивме е посветена на светите Јасон и Сосиапатар, каде се поколонивме на нивните мошти. Карактеристично за оваа црква е тоа што таа е единствената црква од византсикиот период. По ова следеше посета на митрополитскиот соборен храм Света Теодора и на храмот Свети Спириодон каде се поклонивме и ги целивавме нивните чудотворни тела, кои според преданието се чувари (заштитници) на целиот остров и на градот Керкира. По ова следеше разгледување на градот и запознавање со неговата богата култура и историја која го вбројува во еден од најубавите на Медитеранот. Во попладневните часови со траект го напуштивме островот Крф и стигнавме во градот Игуменица. Оттаму се упативме кон Превеза, преку Амфилохија кон Месолонги, а преноќивме во местото Крионери, во близина на градот Патра.

 

Sample Image    Sample Image    Sample Image

 

         Утрото на 16. 04. 2015, по појадокот и напуштање на хотелот, се упативме кон градот Патра, каде го посетивме велелепниот храм во неовизантиски стил посветен на свети апостол Андреј, каде се поклонивме и ги целивавме неговите мошти, а воедно и  крстот на кој бил распнат. Потоа се упативме кон античкиот град Коринт, град во кој апостол Павле престојувал околу осумнаесет месеци и каде имал најплодна апостолска мисија. За време на оваа посета беше посетен архиелошкиот локалитет Коринт, како и архиелошкиот музеј при локалитетот. По оваа посета патувањето продолжи кон островот Евија, преку Атина, а пристигнавме во градот Халкида каде што имавме прошетка низ градот и ја посетивме црквата Света Петка. Потоа се упативме кон манастирот Макрималис – Рождество на Пресвета Богородица каде што бевме гостоприлмливо пречекани од монасите. Во манастирот го разгледавме прекасниот живопис и се поклонивме на моштите на свети Партениј Лампсакиски. По ова, се упативме кон местото Прокопи и манастирот посветен на свети Јован Руски, каде се поклонивме на неговите нераспадливи мошти. Потоа следуваше сместување во манастирскиот конак и ноќевање во истиот.

            Утрото на 17. 04. 2015 се разбудивме од ѕвоната на манастирот Свети Јован Руски и присуствуваме на Боженствената Литургија. По Литургијата отидовме во манастирот посветен на свети Давид Евијски. Таму браќата срдечно нѐ пречекаа, а Бог нѐ удостои да се поклониме и да ги целиваме моштите на светителот. Во дворот на овој манастир се наоѓа и гробот на современиот старец Јаков Циликис, чија каниназација за светител е во тек, пред чиј гроб и се поклонивме. Од овој манастир тргнавме кон едно од пристаништата на островот и со тракет го напушивме островот Евија. По некое време пристигнавме во градот Лариса и го посетивме митрополитскиот храм посветен на свети Ахил Лариски, каде што се наоѓаат и неговите мошти. На патот за Катерини запревме и посетивме еден храм посветен на света Петка каде се поклонивме пред дел од нејзините моштите, за потоа преку Катерини да стигнеме во Паралија, каде што ноќевавме во еден од хотелите.

            Последниот ден, на 18. 04. 2015, по појадокот се упативме кон Солун. Најпрвин беше разгледан градот со панорамско возење, а потоа беа посетени најзначајните храмови и манастири во истиот. Го посетивме локалитетот Влатадон и го посетивме манастирот Преображение Христово, кој е тесно поврзан со мисија на свети апосотол Павле во Солун. По оваа посета отидовме во храмот посветен на свети Георгиј – Ротонда, а потооа и во храмот Свети Пантелејмон. Потоа се упативме кон храмот и симбол на градот Солун, Свети Димитриј. Во оваа велелепна црква имавме можност да се поклониме пред моштите на свети Димитриј и моштите на света Анисија. Во продолжение беше посетен и храмот Света Софија, каде се поклонивме и го целивавме телото на светиот Архиепископ Солунски Василиј, а потоа го посетивме и митрополитскиот храм посветен на свети Григориј Палама, каде се поклонивме пред неговите мошти. Потоа следуваше прошетка низ градот Солун и запознавање со неговата богата историја. По сето ова стигнавме до самиот крај на нашето прекрасно патување и следуваше враќање во Македонија.

 
< Претходно   Следно >