


| Ин мемориам - Протоереј-ставрофор Бошко Кипровски |
| 25.01.2013. | |
|
Биографија на протоереј-ставрофор Бошко Кипровски
За ѓакон е ракоположен на 22 март 1943 година од страна на Митрополитот Филарет, а за свештеник на 29 март 1943 од страна на Драговицкиот епископ Харитон во црквата „Св. Димитриј“ во Битола. На прва парохија е поставен во село Велушина, Битолско и таму останал 12 години, од 15 јуни 1943 до 15 јуни 1955 година. Парохиската служба ја продолжил во Дојран во црквата „Св. Ѓорѓи“, каде за време на неговиот престој го изградил парохискиот дом во склоп на црквата, кој и ден денес го користат и во него престојуваат парохиските свештеници. Во 1957 година е поставен за втор парохиски свештеник во црквата „Св. Пантелејмон“, каде од 1962 година до неговото заминување на служба во Америка во 1968 год. бил и старешина на црквата. Во 1972 г., по неговото враќање од Америка повторно е поставен за старешина на црквата „Св. Пантелејмон“. И во овој православен храм останаа значајни белези од неговата работа, како што се проширувањето на портата за да можат да влегуваат коли во дворот, преместувањето на чешмата, градењето на кршталната и салата на кршталната во 1978 година, мозаикот над влезната порта, кој е уникатно уметничко мозаик дело. На 1 ноември 1957 год. е поставен и за старешина на манастирот „Св. Димитрија“ во Велес каде останал 11 години на таа служба. За времето поминато како старешина на манастирот, исто така, има постигнато големи резултати. Тој лично ја обновил раскопаната калдрма и ја проширил манастирската порта. Во тоа време била поставена канализацијата на манастирот, а каналот го копале неговите синови и нивните другари. За да се стигне до црквите „Св. Петка“ и „Св. Никола“ е отворена врата под олтарот на „Св. Димитрија“, и е направен нов пат до овие цркви „Св. Петка“ и „Св. Никола“, кој и денес го користиме. Како најголем успех во времето кога тој бил старешина на манастирот е градењето на нова зграда на местото на старата кујна и казарница, која имала нова кујна, голема сала и апартмани. Тој билодличен студент на ликовната група на Педагошката академија, па затоа и во неговата свештеничка дејност уметноста има посебно место. Работел иконографија, мозаици и рељефи. Има нацртано околу 200 икони и скоро сите ги има подарено на луѓе и на цркви. Над портата на манастирот „Св. Димитрија“ има направено мозаик со ликот на Светиот великомаченик Димитрија, потоа големиот крст над гробот на закланите руски монаси во црквата „Св. Никола“, кој е висок три метри и е исто така мозаик. Исто така и мозаикот над поратата на Соборниот храм „Св. Пантелејмон“, е негово дело. Ликот на Св. Пантелејмон е композиција од уште две дела. Од десната страна на Св. Пантелејмон има путир и над путирот грозје, а од левата има аналој со Свето Евангелие. Во тоа е уникатноста на тој мозаик. На 8 јули 1968 година, заедно со неговата презвитера Добра заминува на свештеничка служба во Америка. Бил распореден на служба во црквата „Св. Богородица“ во градот Коломбос. Во 1972 год. се вратил од Америка, но таму повторно заминал во ноември 1982 год., по неговото пензионирање. Работел во Лорејн, Охајо. Во Лорејн богослужел во халата на црквата, бидејќи немало црква. Во градбата на црквата во 1986 година со свој труд, лично учествувал и тој. Мало осветување на црквата го извршил токму отец Бошко. Формирал голема парохија повеќе од 500 квадратни километри. Од источен Кливленд до Емерст на запад. Тоа е исто така негов голем успех. Во оваа црква направил мозаик на „Св. Климент Охридски“ со димензии 2, 20 м. со 1, 20 м. Последно негово дело во слава и чест на Бога е големиот мозаичен крст од три метри, кој го изработи заедно со својот син Петре и го подари на Согленскиот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“. Дедо Бошко бил и делегат на Третиот црковно-народен собор по донесувањето на одлуката за возобновување на Охридаската архиепископија 1958 година во Охрид, а со одлука на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, протоереј Бошко Кипровски од Велес е одликуван со највисокото црковно признание „Граден крст“. До последните мигови од неговиот живот ја носеше својата свештеничка мантија и на големите празници доаѓаше на Богослужбите.
Последното интервју дадено за списанието „Православна Светлина“
|
| < Претходно | Следно > |
|---|