


| Отсекување на главата на Св. Јован Крстител |
| 12.09.2012. | |
![]() На чествувањето на споменот на отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител, Митрополитот Повардарски г. Агатангел присуствуваше во Бигорскиот манастир. Митрополитот Агатангел чиноначалствуваше со вечерната богослужба на која надлежниот Митрополит на Дебарско-кичевската епархија, г. Тимотеј изврши монашки потстриг на тројца нови браќа во Бигорската обител, Кирил, Евнувиј и Аверкиј. ![]() Следниот ден се отслужи Света Божествената Литургија на која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандритот Партениј и бројно свештенство од Бигорскиот манастир и Дебарско-кичевската епархија. На Литургијата, Митрополитот Тимотеј благоволи и ги ракоположи отец Ефросиниј во чин јероѓакон и отец Еразмо во чин јеромонах. ![]() На Литургијата со празнично слово се обрати Митрополитот Агатангел: „Радоста при средбата на двете свети мајки - пречистата наша владичица Богородица и Елисавета - која во утробата го носела славниот Претеча, не може да се спореди со ништо и е несфатлива за нас. Таа радост можеби претходната вечер ја доживеаја нашите монаси Кирил Евнувиј и Аверкиј. Таква радост се чувствува само кога умот е прочистен, срцето е прочистено, целото наше човечко битие е очистено од нечистотијата, од калта во која сме затрупани. Само тие чисти души кои го предадоа животот на Христа, кои се одрекоа од светот и одат по патеката на Христос, по тој трнлив пат. Да се откажеш од ближните, да се откажеш од страстите, тие кратки, минливи задоволства... Како луѓе можеби ги осудуваме. И вие самите знаете како беше пред десет, петнаесет години, какви маки имаше нашата света Црква во врска со оние кои сакаа да се посветат на Господа, а нивните родители, да ми простат сега, оддалечени од Бога и Црквата, имаа темен превез на своите очи и не гледаа подалеку, заслепени беа, мислеа дека целата убавина е земното задоволство, да му служиш на земниот цар, а не на небесниот, вечниот, Царот над царевите, на Кого денес сите ние, драги мои, Му се поклонувавме и му пеевме: Господи Ти благодариме што не донесе денес во оваа света обител за да можеме од длабочината на срцето да ти пееме Слава Ти Господи. И тие мајки денес Ти пеат. Знам мнозина од тие мајки кои чукаа на вратите од архиереите, вратите на државните институции, барајќи да се затворат манастирите, затоа што, наводно, нивните деца не живееле како што треба во тие манастири. Но сето тоа беше измислица, лукавство на ѓаволот, бидејќи ѓаволот не го сака монаштвото, зашто монаштвото е армијата на Црквата, драги мои, монаштвото е силата на Православието. Со монаштвото на нашата света Црква гледаме колку силни стануваме како православни луѓе, колку се очистуваме, колку подуховно размислуваме и колку повеќе се приклонуваме кон вечноста, бидејќи секоја христијанска душа чезнее за вечноста, за Царството небесно. А царството небесно го чувствуваме тука, кога се исповедаме, се причестуваме со светите Христови Тајни. Тоа Царство ни го приближуваат овие млади луѓе, кои деноноќно се молат за нашиот благоверен народ, за своите браќа, сестри, нашите упокоени претци и целото наше потомство. Тие се постојано на молитва и затоа велиме дека тие се армијата на нашата света Црква. Затоа како народ и како Црква им благодариме на нашите мајки, што Господ Бог уште од нивната утроба ги определил нивните чеда да Му служат... Минатата вечер имаше една многу прекрасна атмосфера! Какви чудеса денес прави Господ, драги мои во нашата света Црква! Пред две седмици, на Илинден во Пречиста Кичевска за првпат после неколку века прославивме светии. И за многу кратко време, во оваа наша света обител, тројца наши браќа, Евнувиј, Аверкиј и Пајсиј, веќе ги носат нивните свети имиња. Бог направи да се повторат нивните свети имиња за да се слават и тука на земјата, како што се славени во вечноста. Нека им е честито на овие наши браќа кои се одрекоа од светот и го зедоа крстот свој. Нека му е честито на братот Еразмо, кој денес го прими свештеничкиот чин и на о. Ефросиниј кој го прими ѓаконскиот чин. Честито и на родителите. Им благодарам што на нашата света Црква и даруваа војници кои ќе служат во олтарот на Христа Бога Спасителот, за спасението на целиот православен род. Нека молитвите на светиот Јован Претеча, Крстителот наш чиј спомен денес празнуваме, ни бидат за наша утеха, за смирение, за исцеление, за спасение. Ја добивте благодатта, кога ќе се вратете во своите домови пренесете им ја и на вашите ближни. Благодатта што сите ние заедно ја примивме по молитвите на Свети Јован и по молитвите на Мајката Божја да ве држи до следното видување. Амин.“ ![]() Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител 11/09/2012 Ирод Антипа, синот на стариот Ирод, убиецот на Витлеемските младенци во времето на раѓањето на Господ Исус, беше господар на Галилеја во времето на проповедта на Свети Јован Крстител. Овој Ирод беше оженет со ќерката на арапскиот кнез Арета. Но бидејќи зол изданок од зол корен, Ирод ја протера својата законска жена и незаконски ја зеде за сожителка Иродијада, жената на својот брат Филип, којшто сѐ уште беше жив. Против ова беззаконие стана Свети Јован Крстител и силно го изобличи Ирод. Ирод го фрли во затвор. За време на еден пир во неговиот дом во Севастија Галилејска пред гостите играше Салома, ќерката на Филип и Иродијада. И пијан и занесен од таа игра, Ирод ѝ вети на танчерката дека ќе ѝ даде сѐ што ќе посака, па дури и кога би побарала половина од неговото царство. Наговорена од мајка ѝ, Салома ја побара главата на Свети Јован Крстител. Ирод нареди и му ја отсекоа на Јован главата во затворот, па му ја донесоа на Ирод на чинија. Учениците Јованови ноќе го зедоа телото на својот учител и чесно го погребаа, а Иродијада го избоде со игла Јовановиот јазик, а главата му ја закопа на некое нечисто место. Што стана понатаму со главата на Светиот Предвесник опишано е под 24 февруари. Но набрзо оваа група злосторници ги постигна Божја казна. За да ја измие честа на својата ќерка кнезот Арета удри со војска на Ирод и го порази до темел. Поразен Ирод беше осуден од кесарот Калигула на прогонство, најнапред во Галија, а потоа во Шпанија. Како прогонети Ирод и Иродијада живееја во беда и понижувања, додека земјата не се отвори и не ги проголта. Салома загина со зла смрт на реката Сикорис (Сула). Смртта на Свети Јован се случи пред Пасха, а празнувањето на 29 август е востановено затоа што тој ден е осветена црквата којашто на неговиот гроб ја подигнаа во Севастија Светиот цар Конастантин и неговата мајка, Светата царица Елена. Во таа црква се положени моштите на Јовановите ученици: Елисеј и Авдиј. Повеќе информации на Бигорски.мк
|
| < Претходно | Следно > |
|---|