


| Александар Македонецот и Исус од Назарет |
| 5.08.2011. | |
|
Протоѓакон Славе П. Пројковски АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНЕЦОТ И ИСУС ОД НАЗАРЕТ
„Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!” По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нè повикал таму да го разгласуваме Евангелието. (Дела 16: 9-10)
МАКЕДОЦИТЕ - НАРОД НА ДУХОТ БОЖЈИ
Врвната слава на земното постоење Македонците ја доживеаја во предхристијанскиот период – во времето на македонските кралеви Филип и неговиот син Александар. Имено, откако ја утврдија својата држава и ги победија државите – полиси, Филип имаше намера, а тргна Александар, да го освојува светот, бидејќи Филип беше подмолно убиен. Александар Македонски, навистина, тргна и го освои светот. Но, за волја на вистината, треба да се каже и тоа, дека повеќе светот го освои Александар, одошто тој светот. Имено, своите походи ги започна од својата родна Македонија, но откако тргна, повеќе во неа жив не се врати. И, каква иронија! Поразените Ахајци, ете, успеаја да станат „наследници” и на неговите походи и на сета негова слава, и тоа од денот кога на Римјаните им ја дошепнаа, за битката кај Пидна во 168 година, борбената тактика на последниот македонски крал Персеј, синот на Филип Петти, па сè до денешен ден. Но, тие, Ахајците, меѓутоа, никогаш не посакале и не посведочиле, дека се спремни пред меморијата на генетските кодови на вековите да инвестираат откупнина, или поточно задоволување на вечната правда, за евентуалните гревови на Александар, пред Оној Кој È. Значи, за нив, примамлива беше само Александровата слава, а проклетството го оставаа за некои други... „Повторно ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава, и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.” Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!'” Тогаш ѓаволот Го остави” Мт. 4:8-11). Дали и кралот Александар Македонски имал средба со оној што неколку века потоа Го искушуваше Исуса во Пустината и му ги нудеше сите земни царства, не е познато ниту, пак, е достапно за испитување, но умесно е да се претопостави дека искушението што на Исус му го нудеше Искушувачот, беше инспирирано токму од Александровите освојувања. А кој ги инспирирал Александровите освојувања, дали неговите блиски советници, дали неговата гордост, или ќе да е истиот Искушувачот, едниот Бог знае! Богочовекот Исус Христос не беше дојден во времето на Александар. Затоа Александаровото време, по примерот на египетските владетели, токму него го прогласи за син на Сонцето... А Исус, бидејќи Син Божји, Син на Приснодева и на Духот Свет, знаеше дека сè земно е преодно и гнилежно, дека не е придобивка за вечниот живот, туку краткотрајно робување на земната слава и уживањето во неа, па колку и да траат тие. Исус, како Човек, имаше слобода дури и да му се поклони на Искушувачот. Меѓутоа, како Син на Живиот Бог, знаеше дека таквото поклонување е погибел, па на Искушувачот му рече: „Бегај од Мене сатано”. Александар, пак, тоа сигурно не го знаел, и, веројатно, бил подложен на поинаков начин на искушување од оној што ги нудел царствата од овој свет на Синот Божји. Александровите Македонци и генерациите потоа, исто така, од доживеаното искуство знаеја, дека дружбата со ѓаволот е погибел, само немаа јасна претстава. Ја немаа можноста на средби и разговори со Оној Кој È, бидејќи сè уште немаше Божји повик до нив. Таквиот повик беше привилегија само за Избраниот народ Божји – на Израилот. Затоа Македонците, иако сè уште многубошци, жеднееја за Живиот Бог. Навистина, на Истокот Александар беше почитуван и славен не само како моќен освојувач, како носител на благодетите на земното постоење, на освојувањата и владеењето со освоеното, туку и како градител и ползувач на материјалната моќ на Царството, во кое воспостави и ред, и поредок, и закон, и култура на живеењето, па наместо да биде, како освојувач, намразен, беше почитуван како Син на Сонцето, како Амон Ра. Истокот го прогласи за бог, но не е со сигурност познато што тогаш и за тоа мислеа и чувствуваа неговите Македонци во Македонија... Секако, неговиот народ, Македонците, ја вкусија бедата на таквата слава и ја прозреа, но не веднаш, туку особено по предавството од страна на Ахајците и конечниот и дефинитивен пораз од страна на Римјаните во 168 пред Христа во битката кај Пидна. Видоа Македонците како Римјаните по победата на последниот македонски крал Персеј бришат сè што е македонско; како убиваат сè што е образовано и писмено кај Македонците; видоа како се брише од историјата една големина, каква што беше Александар Великиот, Македонецот, и врз пепелта на неговата слава растеше новото царство, новата Империја – Римската. Македонците, за разлика од Атињаните, го примија христијанството кога тоа беше далеку од царските дворови и палати, кога катакомбите беа полни со христијански сведочници, кои одвај преживуваа, кога, оние што Го проповедаа Исус Распнатиот и Воскреснатиот, беа подготвени и го даваа својот живот за да пребиваат во Неговата победа, кога архиереи стануваа дури и слуги на господарите, зашто Духот Божји веќе беше во нив. Тоа е времето уште на апостол Павле, на контроверзниот Савле, кој учествуваше во убиството на архиѓаконот и првомаченик Стефан. Да беше проповедта на христијанството плод на моќните владетелски дворови, веројатно Македонците никогаш не ќе го прифатеа, оти тие најмногу од било кој народ искусија, уште пред Воплотувањето во Тело на Синот Божји, што на обичниот човек, кој секогаш е мнозинство, му носат владетелските безбожни дворови. Меѓутоа, како се случи за само 200 години по падот на македонското кралство еден скоро заборавен народ да биде забележан во домостројот на Божјото спасение? Со што ја заслужи таа Божја милост? Та не мал број луѓе и народи толку долго ги мразеа токму заради величието на славата и гордоста што генетски ја наследуваше од Александар Македонецот. Генетски да, ама во душата тој ист народ, во времето на апостол Павле жеднееше за живиот Бог, за Оној Кој È, на Кого Александровите наследници Му го ограбија Храмот што премудриот Соломон го соѕида во Негова чест и слава. Ако некого го допираше длабоко во душата страдањето на Избраниот народ Божји, го допираше Македонецот, бидејќи ја имаа скоро истата судбина со оние Израилци, кои на Александар, иако освојувач, му се поклонија како на ослободител. Но, тоа го допираше и апостол Павле… И, ете, „преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!” По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нè повикал таму да го разгласуваме Евангелието. (Дела 16: 9-10) И гледај чудо. Господ не повика некој апостол од Дванаесетте, кои врвеа по Исус, туку токму Савлета, оној преобразениот, оној меѓу првите противник на Исус и Неговите следбеници, што ги гонеше во име на еврејската библиска традиција… Дали тоа беше случајно? Не! Савле, веројатно, имаше и негативна меморија за Македонците. Веројатно не ги сакаше исто толку, колку што не Го сакаше и Исуса, Кого Го гонеше. Имено, тој, како добар Евреин, не ги забораваше беснеењата на Александровите наследници, беснеења кои колку беа подалеку од Александровото време, токлу беа пожестоки за Евреите и нивната традиција. А знаеше дека, и Римјаните одамна сакаа Македонците да отидат во заборавот на историјата, за тие да бидат оние најголемите, најсилните, и да нема со што да се споредат нивните големини – да бидат едни и единствени. И Ахајците го делеа истото мислење. И тие не му простија на Филип и на Александар, на Македонците, што ги поразија нивните држави полиси, што им плаќаа данок и што мораа да војуваат под нивна команда за нивни интереси. Ете затоа ги предадоа на Римјаните. И не само затоа, туку заради својата гордост, за да & дадат простор на гордоста да живее, иако тие, како луѓе, не живееја лошо ниту во времето на Александар, оти секој со своите способности можеше да има свој достоен живот. Така, сè македонско што Римјаните не можеа да го доизбришат од постоењето, го преформулираа како римско, односно елинско, и конечно грчко, оти Грците најпосле и држава создадоа, иако за прв пат во 19 век, но, секако, пред Македонците, кои веќе беа разграбани од лакомоста. Савле, како римски граѓанин, ја вкуси славата на новото Римско Царство, на што Македонците не му завидуваа. За нив тоа не претставуваше соблазна. Тие знаеја дека придобивките од освојувањата имаат краток здив, па колку и да избројат денови и години, па и векови таквите владеења. Се чини дека дури и ги жалеа кутрите Римјани, кои се чаталеа со силата и власта. Савле беше учен човек! Како таков, тој одлично го познаваше времето на Филип и Александар Македонецот. И, додека не го допре Македонското жеднеење за Утешителот, беше лојален римски граѓанин, дури и негов верен и со висок положај слуга, иако сè уште го сонуваше обновувањето на славното Соломоново царство на Израилот. А го допре на патот за Дамаск. На тој пат сфати многу нешта, оти самиот Исус Христос говореше со него… Откако имаше средба со Оној што му рече: „Зошто ме гониш?” (Дела 9: 1-20), без задршка го прими христијанството и стана негов ревносен проповедник, па беше најприродно, дури и за очекување, да му се јави човек Македонец, за токму конверзираниот Савле во Павле да стане македонски Мојсеј, – најславен проповедник на Христа во Македонија. Токму тоа и им требаше на Македонците, таквата утеха и надеж им беше неопходна. И најприродно беше, на Македонците прв да им Го проповеда Исуса Распнатиот токму таквиот Павле, од Бога повиканиот и од Исус опоменатиот: („зошто Ме гониш?”). Сè што беше Савле, се претвори во Павле – сета меморија, сите надежи, сите очекувања, сите сонувања. Павле беше оној што секому прости, зашто разбра дека и Господ простил и помилувал. Во Македонија Павле не влезе да проповеда Евангелие по своја волја! Беше повикан! А за да има видение, тоа веќе е во власта и силата не на човек, туку на Духот Божји. Значи, Павле, како верен слуга на Духот Божји, и „слуга на Исус Христос” (Рим. 1:1), оти не живееше тој, туку Христос живееше во него (Галат 2:19-20), го прифати повикот Божји и дојде во Македонија. Овој историски факт никогаш не треба на Македонците да им служи за гордост и превознесување, туку само како факт и како сведоштво, кое треба да го потврдуваат со својот живот... А зошто Македонците? Зошто не Елините или Римјаните? Зошто токму за Македонците имаше видение? Затоа што, на некој начин, Исус природно им припаѓаше на Македонците, скоро исто толку природно како и на Израилците, – ем распнат, ем отфрлен. Навистина, Дева Марија не беше Македонка, но Исус, на посебен начин, имаше и македонско „потекло”, ако не поради друго, тогаш како Син на Сонцето, но не она небесното, Александровото, туку наднебесното, најсовршеното – Божјото, зашто Самиот беше Сонце на Правдата. Знаеме дека избраниот народ Божји ја доживеа земната слава за време на владеењето на премудриот цар Соломон, синот на Давида, грешниот и покајан слуга на Живиот Бог. Славата на Соломоновото царство беше до бескрај понижена уште пред Александар, синот на Филип, да се роди. Немаше пославно царство и помудар цар од Соломон пред да го возвиши Господ. Ама и тоа царство, како и познатите египетски пред и потоа, имаше определено време на постоење. Александар Велики, синот на Филипа Македонецот, ја виде славата на Соломоновото царство преку велелепниот Храм на Живиот Бог. Значи, иако царството беше срамнето со земјата и храмот Соломонов срушен и обновен, сепак, духот на Соломоновото владеење и мудроста негова сè уште беа живо присутни, зашто беше живо присутна Славата на Господ Саваот. Македонците, како и Евреите во Христово време, беа трауматизирани до бескрај. Безнадежноста за мирен и спокоен живот беше се вселила во нивните срца, и секогаш кога наидуваа секакви воени дружини, гледаа да ги одмине нивниот поглед. Навистина, во Христово време Израилците го имаа својот цар Ирод, но тој не беше ниту бледа сенка на Соломон. Беше римски слеп послушник и развратен владетел, кого чуварите на храмот, иако таков, мораа да го почитуваат, станувајќи поради тоа и тие самите безлични и недостојни за искрена почит, или, не дај Боже, за следба. Во однос на Македонците, тие тогаш беа дури во потешка положба. Месијата Исус се роди во Витлеем, од род нивен, а бидејќи не Го познаа, токму тие извикуваа Распни Го! Тежината, пак, на Македонците беше во тоа што нивното кралство не само што немаше ниту некаков развратен Ирод, туку беше уништено до корен. Остана само Македонецот како пиреј… Во Македонија апостолот Павле Го донесе Христа Воскреснатиот, па од тоа – Распни Го – Македонците беа поштедени. Од друга страна, Македонците ниту на сон не го сонуваа враќањето на Александровото време на владеење, ниту посакуваа да им се роди нов син на Сонцето, кој пак би заскитал кон бескрајот на Истокот без да се врати дома. Таков сон, сепак, сè уште сонуваа Евреите, сеќавајќи се на Соломон. Тие, Македонците, навистина имаа потреба да слушнат за Сонце на Правдата, за Распнатиот и Воскреснатиот, зашто таквата проповед беше длабоко разбирлива за нивната душа. Тие, Исуса Распнатиот и Воскреснатиот, во Македонија можеа да Го пречекаат со длабока благодарност кон Севишниот, оти знаеја дека им дошол Неподмитливиот, Премудриот, Оној Кој не се менува, Кој е пред сите векови, и сега, и секогаш, зашто во Бога сè е сега и ништо минато. Минатото им припаѓа само како историја на живеењето на луѓето на земјата, а не како вечна вредност. Кој беше Александар Македонски, кралот и богот на Сонцето во однос на Исус Назареецот? Беше ли можда праслика, сенка на Претечата, човек кој помогна да дозрева „исполнувањето на времето”(Галат 4:4) – и за Евреите и за сиот свет? Можеше ли Александар да се роди по, а не пред Исуса Назареецот? Не, не можеше! И многу Исуси од Назарет се беа родиле и пред Александар и пред Исуса, ама никој не беше и Назареецот, Месијата, Искупителот – Синот на Бог Отецот. Александар засветли, ама само како метеор во паѓање, оти самиот подем веќе го имаше во себе падот. А Синот на Бог Отецот беше она незајдиво Сонце, кое ниту изгрева, ниту заоѓа, туку е вечна Светлост на Отецот во Синот преку Духот Свет. Дали денешниот Македонец ја знае разликата меѓу Александра и Исуса? И како да ги измири меѓу себе воскреснувањето на меморијата за Александар и подражавањето на Синот Божји? Кој е патот кон бесмртноста на денешниот Македонец? Или и во 21 век по Исуса паѓаме во примките на лукавите Елини, за чие преживување работи секој граѓанин на Европа, а сепак остануваат недопрени во клубот на најнапредните? Ни се повторува ли последната битка кај Пидна? Господи, времето во кое што живееше и Александар и потоа апостол Павле е одамна минато, ама ние и денес воскликуваме кон Тебе: – Дојди и помогни ни! |
| < Претходно | Следно > |
|---|