Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 08.07./24.06.
08.07./24.06.
8.07.2010.
Sample Image

Св. мч-ца Февронија – Ќерка била на сенаторот Просфор од Рим. За да го избегне бракот со смртен човек, таа себеси се ветила на Христа и се замонашила некаде на Исток во асирската земја, во манастирот во којшто игуменија била нејзината тетка Вриена. Лисимах син на некој големец, имал желба да се ожени со Февронија, но бидејќи царот Диоклецијан во него насетувал таен христијанин, го испратил на Исток со Селин, неговиот стрико, да ги фаќа и да ги убива христијаните. Селин бил суров како ѕвер и секаде безобѕирно ги истребувал христијаните. Лисимах напротив, секаде каде што можел ги штедел христијаните и ги засолнувал од својот ѕвероподобен стрико. Откако ги запустил христијаните во Палмира, Селин дошол во градот Сивапол, во чија близина имало женски манастир со 50 испоснички, меѓу кои била и Февронија. Иако имала само 20 години, Февронија ја почитувале и во манастирот и во градот поради големата кроткост, мудрост и воздржливост. Во тој манастир се држело правилото на блажената Платонида, поранешна игуманија, секој петок да се поминува само во молитва и читање на свештени книги, и тоа стоејќи скриена зад засторот за никој да не се занесува и пленува со убавината на нејзиното лице. Слушнувајќи за Февронија, Селин наредил да му ја доведат. Па кога светата девица не сакала да се одрече од Христа и да се согласи на брак со смртен човек, тој наредил да ја тепаат, потоа да ѝ ги изронат забите, па да ѝ ги отсечат рацете, па градите, па нозете и на крајот да ја обезглават. Но мачителот, истијот тој ден, го снашла страшна Божја казна: бес влегол во него и го обзел претсмртен ужас; во таа ужасност тој со главата удрил во мермерен столб и паднал мртов. Лисимах наредил телото на Февронија да се собере и да се однесе в манастир, каде што било чесно погребано, а тој, со многу други војници, се крстил. Од моштите на Февронија се добивале многу исцеленија, а таа самата се јавувала на денот од нејзиниот празник и стоела на своето вообичаено место помеѓу сестрите, а сите сестри ја гледале со страв и радост. Света Февронија чесно пострадала и се преселила во чесното блаженство во 310 година, а во 363 година нејзините мошти биле пренесени во Цариград.

Преп. Дионисиј – Ктитор во манастирот св. „Јован“ („Дионисијат“) на Атон. Родум е од Корица, во Албанија. Неговиот постар брат Теодосиј се одалечил во Света Гора каде што, со време, станал игумен на манастирот „Филотеј“. Кога пораснал и св. Дионисиј дошол кај својот брат во „Филотеј“, и овој го замонашил. По Божја промисла, Теодосиј, занимавајќи се еднаш со манастирска работа во Цариград, бил избран и посветен за митрополит во Трапезунт. На Дионисија, пак, почнало да му се јавува некоја чудна светлина секоја ноќ на она место каде што тој подоцна го подигнал манастирот на св. Јован Претеча. Разбирајќи ја појавата на таа светлина како знак од небото, дека тука треба да подигне манастир, Дионисиј отишол во Трапезунт кај својот брат и кај царот Алексеј Комнен, да побара помош. Царот му дал и пари и повелба, која и сега се чува во манастирот. Дионисиј го основал манастирот на св. Јован Претеча во 1380 година. Но, кога еднаш морските разбојници го ограбиле манастирот, Дионисиј повторно отишол во Трапезунт и таму го завршил животот, во 72-та година од земниот живот. А манастирот „Дионисијат“ и до денес напредува и цвети. Во тој манастир се наоѓа икона на Пресвета Богородица наречена „Пофалба“, која што царот Алексеј Комнен му ја дарувал на Дионисиј. Според преданието, пред таа икона првпат е читан акатист на Богородица составен од патријархот Сергеј.

Р А С У Д У В А Њ Е

„Кој сака од себе да ги отстрани идните беди, мора со радост да ги поднесува сегашните“, рекол Марко Подвижник. Луѓето ја сметаат клеветата за голема беда и малкумина се оние кои ја поднесуваат неа без роптање. О красен плоду на благодушно поднесена беда! Бедата ни се дава за добра духовна трговија, а ние ја пропуштаме приликата останувајќи празни на пазарот. Гледај, и Атанасиј, и Василиј, и Златоуст, и Макариј, и Сисој, и илјадници други следбеници на Најклеветниот биле наклеветени. Но Бог, кој устројува сè за наше спасение, така устроил на трњето од клеветата да никнат мирисни ружи на слава за сите наклеветени заради Неговото име. Ако не бил наклеветен, зарем Стефан би го видел небото отворено и славата Божја на небото? И клеветата на целомудрениот Јосиф зарем не заслужила уште поголема негова слава?

 
< Претходно   Следно >