Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 07.07./24.06.
07.07./24.06.
8.07.2010.
Sample Image

Раѓање на св. Јован Претеча и Крстител Господов – Шест месеци пред своето јавување во Назарет на Пресветата Дева Марија, великиот Гаврил, архангелот Божји, му се јавил на првосвештеникот Захариј во ерусалимскиот храм. Пред да го објави чудното зачнување на неискусомажната Девица, архангелот го објавил чудното зачнување на бездетната старица. Захариј не им поверувал веднаш на зборовите на гласникот Божји и затоа јазикот му се врзал немило, и останал нем сè до осмиот ден од раѓањето на Јована. Во тој ден се собрале роднините на Захариј и Елисавета заради обрезување на младенецот за да му стават и име. Па кога го прашале таткото какво име ќе му даде на синот, тој, бидејќи нем, напишал на една штичка: Јован. Во тој миг му се одврзал јазикот и тој почнал да зборува. Домот на Захариј бил на една од височинките помеѓу Витлеем и Хеврон. По целиот Израел се разнело глас за јавувањето на ангелот Божји на Захариј, за немилиот случај и за одврзувањето на неговиот јазик во часот кога го напишал името Јован. Гласот за тоа дошол и до Ирод. Затоа Ирод, кога испратил луѓе да ги исколат децата во Витлеем, испратил луѓе и во ридскиот крај, во домот на Захариј да го убијат и Јована. Но Елисавета благовремено го засолнала детето. Разјарен поради ова, царот Ирод испратил џелати во храмот каде што служел Захариј, оти на Захариј повторно му паднала жрепката за служење во ерусалимскиот храм, да го убијат. Захариј бил убиен помеѓу притворот  и храмот, а крвта негова се згрутчила и се скаменила на плочите и останала така како постојан сведок против Ирода. Елисавета со детето се скрила во една пештера, каде што наскоро починала. Младенецот Јован останал во пустината сам на грижа на Бога и на ангелите Божји.

Св. Никита еп. Ремесијански – Другар и врсник на св. Павлин Нолски. Изгледа дека бил Словен и како таков дека го проповедал Евангелието меѓу Словените во областа Нишко – Пиротска. Каква промена направил меѓу Словените најдобро покажува песната што св. Павлин му ја испеал на Никита:

        „Каква промена! И каква среќа! Дотогаш непроодни и крвави гори, сега кријат разбојници обратени во монаси, питомци на мирот.

         Каде што имаше ѕверски обичаи, сега таму има лик ангелски. Праведник се крие во пештера, каде што порано живееше злотвор“.

        Престолница на св. Никита му бил градот Ремесијан, под кој некои луѓе го подразбираат Пирот. Покрај својата мисионерска служба, св. Никита има напишано и неколку книги, и тоа: Шест книги за верата, книга за девојката која паднала во грев (која што многумина побудила на покајание). Свети Никита се упокоил во V век.

         Дека св. Никита бил Словен и дека живеел во Пирот тврди св. Филарет во книгата „Светители на јужните Словени“.

Св. мч- ци Орентиј, Фарнакиј, Ерос, Фирмос, Фирмин, Кириак и Лонгин – Ците биле браќа. Биле римски војници во време на царот Максимијан. Кога Римјаните војувале против Скитите за Дунав, св. Орентиј му излегол на мегдан на скитскиот голијат Марот и го убил. Поради тоа сета римска војска им принесла жртва на боговите, но Орентиј со браќата изјавил дека се христијани и дека неможат да им принесуваат на глувите и неми идоли. Без оглед на нивните војнички заслуги, биле осудени на прогонство во касписките предели, но по пат сите седуммина, еден по друг, од глад и маки го завршиле својот живот на Земјата и се преселиле во царството Христово.

Р А С У Д У В А Њ Е

Една од разликите помеѓу красноречивата елинска филозозофија и христијанската вера е тоа што елинската филозофија дозволува сè јасно со зборови да се изложи и со читање да се разбере, додека христијанската вера ниту дава целата јасно со зборови да се изложи, ниту, пак, уште помалку, само со читање да се разбере. При излагањето на христијанската вера неопходен е и пример на изложувачот, а при разбирањето и усвојувањето, освен читање, потребно е и вежбање на читачот. Кога патријархот Фотиј ги прочитал зборовите на Марко Подвижник за духовниот живот, тој кај писателот забележал извесна нејаснотија, за која тој мудро вели дека „не произлегува од темнината на излагањето, туку од тоа што вистините овде изложени подобро се сфаќаат со посредство на вежбање (отколку со посредство на зборови), и не можат да се објаснат само со зборови.... И ова, додава големиот патријарх, не е случај само кај овие беседи, ниту само кај овој единствен маж, туку кај сите кои се потрудиле да ги изложат подвижничките закони, страсти и упатства што подобро се разбираат од самото делување (вежбање)“.

 
< Претходно   Следно >