Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 05.07./22.06.
05.07./22.06.
5.07.2010.
Sample Image

Свешт-мч. Евсевиј еп. Самосатски – Голем разобличувач на аријанството. Кога се испразнил антиохискиот престол, со негово настојување, за патријарх бил избран Мелетиј, големо светило на Црквата, кој по смртта се удостоил со голема пофалба од страна на св. Јован Златоуст. Но аријанците бргу го изгониле Мелетиј од Антиохија. Кога умрел лошиот син на Константин, Констанциј, се зацарил еден уште полош од него, Јулијан Отстапникот. Во времето на гонењето на христијаните од страна на Јулијан, св. Евсевиј ги соблекол од себе свештеничките одежди, а се облекол во војничка униформа, па така преправен во војник ги посетувал гонетите цркви по Сирија, Феникија и Палестина, секаде утврдувајќи ја православната вера и поставувајќи потребни свештеници и ѓакони и други клирици, а понекаде и епископи. По бучната погибел на Јулијан, св. Евсевиј го посоветувал Мелетија, та свикал собор во Антиохија во 361 година, на кој присуствувале 27 архијереи, на кој уште еднаш повеќе била осудена ариевската ерес, а се преутврдила православната вера онака како што е изразена на Првиот вселенски собор. Покрај Мелетиј и Евсевиј, на овој собор особено паѓал во очи св. Пелагиј Лаодикиски, проучен девственик и подвижник. Тој Собор бил во време на благочестивиот цар Јовинијан. Но овој цар набргу умрел, а се зацарил лошиот Валент, со кого настапило повторно гонење на христијаните. Св. Мелетиј бил прогонет во Ерменија, Евсевија во Тракија, а Пелагиј во Арабија. После Валент, се зацарил царот Грацијан, кој што ѝ дал слобода на Црквата, а затворените архијереи ги повратил на своите места. Така се вратиле: Мелетиј во Антиохија, Евсевиј во Самосад, а Пелагиј во Лаодикија. Во тоа време многу епархии и парохии биле вдовици, па Евсевиј ревносно итал да најде и на народот да му најде законити пастири. Но кога тој дошол со законитиот епископ Марин во градот Долихин да го востоличи новиот архијереј и ереста аријанска, која во тој град била силна, да ја разобличи, некој фанатичен еретик од покривот фрлил керамида на главата на Евсевиј и го ранил сериозно, од која рана овој голем ревнител на христијанствот светител и маченик умрел за вечно да живее во рајското блаженство. Пострадал во 379 година.

Св. мч-ци Зинон и Зина – Свети Зинон бил римски офицер во градот Филаделфија Арабиска. А Зина му бил слуга. Кога во времето на царот Максимијан настанало гонењето на христијаните, св. Зинон се осмелил, излегол пред војводата Максим, ја исповедал својата вера во едниот жив Бог и го посоветувал и тој да се оттргне од мртвите идоли и да ја прими единствената вистинска вера. Војводата се налутил, па го фрлил Зинона во самица. А кога верниот Зина го посетил својот господар во самицата, тогаш и тој бил фатен и уапсен. Потоа двајцата биле мачени за Христа и најпосле биле фрлени во оган, во кој незнабожците истуриле масло. Душите нивни се овенчале со венци во царството Христово, а телесните останки им биле погребани во црквата св. Георгиј, во местото наречено „Капарисион“.

 

 

Р А С У Д У В А Њ Е

Зошто Господ допушта на вистинската вера да има напади и маки, додека на ересите и на незнабожтвото му допушта насладување и спокојство? „Зошто?“, се прашува и св. Јован Златоуст и веднаш одговара: „Затоа за ти да ја познаеш нивната слабост (на ересите и на незнабожтвото) кога ќе видиш дека тие и без вознемирување самите од себе се распаѓаат, и да би се убедил во силата на верата што претрпува беда, па дури и преку своите противници се умножува“. “Значи, ако спориме со незнабожците или со бедните Јудејци, доволно е да го истакнеме доказот на божествената сила и тоа што верата (христијанска) е подложувана на безбројни борби, во кои ја одржала победата“, дури и кога целиот свет стоел против неа. А св. Исак Сирин говори: „Чудата Божји љубов кон човекот се познава кога човекот е во беда што ја разорува неговата надеж. Овде Бог ја покажува Својата сила на неговото спасение, бидејќи никогаш човекот не ја познава силата Божја во спокој и во слобода“.

 
< Претходно   Следно >