Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 25.06./12.06.
25.06./12.06.
24.06.2010.
Sample Image

Преп. Онуфриј Велики – Полни 60 години проживеал овој свет подвижник во пустина кога го посетил монахот Пафнутиј. Косата и брадата му достигнувале до земја, а телото му било обраснато со долги влакна поради долговремената голотија. Сите влакна на него биле бели како снег и целиот негов изглед бил блескав, возвишен и страшен. Видувајќи го Пафнутија, тој го ословил по име, па потоа му го рзскажал своето житие во пустината. Неговиот ангел – чувар му се јавил и го довел на тоа место во пустината. Долго време се хранел само со зелје, кое што ретко се наоѓало во пустината, а потоа, кога ја издржал острата борба со искушенијата демонски и кога срцето сосема му се укрепило во љубовта кон Бога, ангел Божји му донесувал леб за исхрана. А освен тоа, по благата промисла Божја, крај неговата келија пораснала и една палма што донесувала добар плод на урми и се отворил извор на жива вода. „А најмногу, рекол Онуфриј, се хранам и се напојувам слатко со зборовите Божји“. На прашањето од Пафнутиј, како се причестува, пустиникот одговорил дека ангел Божји секоја сабота му ги донесувал Светите Дарови и го причестувал. Вториот ден старецот му рекол на Пафнутиј дека тоа е денот на неговото заминување од овој свет, ги преклонил колената, Му се помолоил на Бога и Му го предал својот дух. Во тој момент Пафнутиј видел небесна светлина како го осветлила телото на упокоениот светец и чул пеење на ангелски сили. Погребувајќи го чесното Онуфриево тело, Пафнутиј се јавил во својот манастир и како жив сведок им го раскажал на корист на другите прекрасното житие на Божјиот човек и величината на Божјата промисла за оние кои целосно ќе Му се предадат ба Бога на служба. Онуфриј завршил во 400 година.

Преп. Петар Атонски – Родум Грк и војник по занимање. Војувајќи еднаш против Арапите, бил заробен, окован во вериги и фрлен во темница. Петар темнувал долго во градот Самари на реката Еуфрат и везден Го молел Бога да го ослободи од темницата и да го одеде во некоја пустина каде што целиот би се посветил на молитвениот подвиг. Во темницата му се јавил св. Симеон Богопримец со св. Никола, ги допрел со својот жезл оковите и тие се растопиле како восок, а Петар одеднаш се нашол вполе, надвор од градот. Веднаш тргнал на пат за Рим, каде што на гробот на апостол Петар бил потстрижен за монах од самиот папа. Потоа тргнал со лаѓа пак за Исток. На сон му се јавила Пресвета Богородица со св. Никола и Богородица му рекла на св. Никола дека на Петар му ја одредила Атонската Гора за подвизување. Петар дотогаш не ни чул за таа гора. Симнувајќи се во Света Гора, Петар се вселил во една пештера, во која поминал 53 години во тешки подвизи, во борба со гладот и жедта, со жегата и мразот, а најмногу со демонските сили, додека најпосле не совладал сè со Божја помош. Бидејќи ги издражал првите искушенија и добро ги положил првите тешки испити пред Бога, ангел Божји почнал да му донесува леб секои 40 дена. Неколку пати му се јавил искушувачот – ѓаволот во вид на светол ангел, но Петар го изгонил со крсниот знак и со името на Пресвета Богородица. Една година пред смртта, го пронашол некој ловец, кој ловел елени по Атон, па од устата на светителот го чул неговото житие. Умрел во 734 година. Моштите му се пренесени во Македонија.

Преп. Тимотеј египетски пустиник – Прво се подвизувал во Тиваида, а потоа се оддалечил во пустината каде што поминал 30 години. Угодувајќи му на Бога, мирно го завршил животот.

Преп. Васијан и Јона – Монаси на Соловецкиот манастир. Се удавиле и биле исфрлени на брегот во 1651 година. Над нивниот гроб се покажало некое знамение и поради тоа е изградена црква. Подоцна тука е построен манастир „Петромински“.Еднаш царот Петар Велики, спасувајќи се од бура, тука поминал три дена, направил крст и го поставил на брегот.

Р А С У Д У В А Њ Е

Тајната причест е голема и чудна. Дури ниту отшелниците и пустиниците за ништо друго толку не чезнееле, освен да им се даде можност да примат света причест. Света Марија Египетска го замолила Зосима да ѝ донесе света тајна на Јордан и да ја причести. Преп. Пафнутиј, враќајќи се откај св. Онуфриј во пустината, сретнал скромно обиталиште на четворица млади подвижници. Кога Пафнутиј ги запрашал дали и како се причестуваат, тие одговориле дека секоја сабота и недела ги посетува ангел Божји и им дава света причест. Пафнутиј останал до првата наредна сабота и лично во тоа се уверил. Кога осамнала саботата, целото тоа обиталиште се исполнило со неискажан чуден мирис и кога сите тие биле на молитва, ангел Божји во вид на прекрасен младич, светол како молња, се појавил со пречистите тајни. Пафнутиј се исплашил и од страв паднал на земјата. Но тие го подигнале и го привеле кај ангелот, та и тој заедно со нив се причастил од рацете на ангелот. Од раце ангелски се причестувал и св. Онуфриј, според неговото сопствено кажување, како и многу други отшелници и пустиници. Сосема е погрешно да се мисли дека отшелниците и пустиниците не се причестувале. Бог, Кој промислувал за нивната телесна храна, не ги оставил ни без животната храна од телото и крвта на Христа Господа.

Б Е С Е Д А

за дворецот и колибата

Дворецот на Ирод лежи во урнатини, а пештерата на Витлеемскиот Младенец постои. Круните на ќесарот се изгубени, а коските на мачениците се сочувани. Палатите на незнабожечките цареви се претвориле во купишта камења и прашина, а испосничките пештери прераснале во прекрасни храмови. Златните идоли се расфрлани насекаде, а веригите на апостолот Петар се чуваат како светиња. Силната римска држава сега е една приказна за мртовец, додека христјанската колиба, Светата Црква, денес е надмоќна држава во светот. Каде се Евреите, богоубијци? Растурени се по светот. Каде се силните Римјани? Во гроб. Каде е силата на крвавиот Нерон? Каде емоќта на пакосниот Диоклецијан и подлиот Максимијан? Каде е успехот на богоотпадникот Јулијан? Каде се високите кули? Таму каде што е и Вавилонската кула: под прашина и пепел, под срам и проклетство.

Поминете низ својот град и прашајте колку безбожнички домови се раскопани? Колку ли праведнички колиби израснале во прекрасни домови? На правдата, браќа, се засновани небото и Земјата, на Божјата непоколеблива правда. Затоа сите безбожнички творби се како надуен меур што се распрснува и стапалата на минувачите го прегазуваат. Вавилонските и фараонските дворови се како изгазени меури, а шаторот на праведниот Аврам е раззеленет и цвети во вечноста. О браќа мои, колку е сесилна и долготрајна правдата, а колку е слаба и минлива неправдата: како луња во летен ден!

О Праведен Господи, колку си величествен и доследен во одржувањето на правдата! На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >