Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 24.06./11.06.
24.06./11.06.
24.06.2010.
Sample Image

Св. ап. Вартоломеј – Еден од дванаесстте големи апостоли. По сè изгледа дека Вартоломеј и Натанаил е едно исто лице. Здружени со апостол Филип и со сестрата Филипова, девицата Маријама – а за некое време и со св. Јован Богослов – го проповедале Евангелието прво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и завршил маченички. Во Ерапол овие свети апостоли со молитва умртвиле голема змија, која незнабожците во храмот ја чувале и ја обожувале. Во истиот тој град со молитва му дале вид на Стахија, кој 40 години бил слеп. Тука на нив се кренала маса од народ, та и Филипа и Вартоломеја ги распнале на крст (Вартоломеја наопаку). Во тоа време настанал земјотрес, од кој загинале лошите судии и многу народ. Почувствувајќи го тоа како казна Божја, многумина притрчале да ги симнат апостолите од крстовите, но Филип веќе издивнал, додека Вартоломеј бил уште жив. Потоа, Вартоломеј отишол во Индија, каде што го проповедал и на индијски јазик го превел Евангелието според Матеј. Потоа преминал во Ерменија, каде што ја исцелил царевата ќерка од лудило. Но завидливиот царев брат Астијаг го фатил Божјиот апостол и го распнал на крст, па потоа кожата му ја одрал и најпосле главата му ја отсекол во Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните чесно го погребале во оловен сандак. Бидејќи над неговите мошти се случувале многу чуда, незнабожците го зеле сандакот и го фрлиле во морето. Но водата го донела сандакот до липарските острови, каде што епископот Агатон, по откровение, го дочекал и го погребал во храмот. Свети Вартоломеј му се јавил в црква на преп. Јосиф Песнописец, облечен во бели ризи и го благословил со Евангелието за да може да пее духовни песни: „Нека од твојот јазик потечат води, од небесна мудрост!“ Уште му се јавил и на царот Анастасиј (491-518) и му рекол дека ќе го чува новоизградениот град Дари. Подоцна моштите на овој голем апостол биле пренесени во Беневент, па во Рим. Над нив се случувале големи и страшни чуда.

Св. ап. Варнава – Еден од седудесетмината. Роден е на Кипар од богати родители од Левиевото племе и учел заедно со Савле кај Гамалаиил. Првин се викал Јосиф, но апостолите го нарекле Варнава, Син на утехата, бидејќи умеел несекојдневно да ги теши човечките души. По обраќањето на Савле, тој прв го вовел меѓу апостолите; а потоа со Павле и Марко го проповедал Евангелието во Антиохија и по други места. По сè изгледа, тој прв проповедал и во Рим и во Милано. Пострадал на островот Кипар од Евреите и бил погребан од Марко, кај западните врати на градот Саламин, со Матеевото Евангелие на градите што тој со своја рака го препишал. Неговиот гроб останал непознат неколку века, но бидејќи многумина добивале исцеление од болестите на тоа место, тоа е наречено „Место на здравјето“. Во времето на царот Зинон и Халкидонскиот собор апостолот му се јавил на архиепископот кипарски Антим, и тоа три пати во три ноќи, и му го објавил својот гроб. Тоа јавување на апостолот се случило токму во она време кога властољубивиуот антиохиски патријарх Петар барал Кипарската црква да биде под власт на антиохискиот престол. Но по јавувањето и откривањето на чудотворните мошти на св. ап. Варнава, било востановено Кипарската црква како апостолска да биде за навек самостојна. Така постанала афтокефалноста на Кипарската црква.

Празнување на иконата „Достојно ест“ – и чудото што се случило пред неа во времето на патријархот Никола Хрисоверг (983-996). Тоа чудо се состои во ова. Една ноќ монахот го читал канонот на Богородица и ја пеел песната „Почесна од херувимите...“ во келијата на манастирот „Пантократор“, сега наречена „Навистина е достојно“. Неговиот старец отишол во Кареја. Одеднаш во келијата се јавил човек и почнал да ја пее: „Навистина е достојно“. Таа песна била непозната дотогаш во Црквата. Монахот кога ја слушнал таа песна, се возбудил, како поради содржината, така и поради прекрасното небесно пеење. „Кај нас вака пеат“ му рекол туѓинецот на монахот. Монахот посакал да ја има таа песна напишано и донесол една камена плоча, на која туѓинецот со прст ја испишал песната како по восок и одеднаш го снемало. Тој архангел би Гаврил. Таа плоча е пренесена во Цариград, а песната и до денес останала во Црквата.

Р А С У Д У В А Њ Е

Вистинскиот пријател се моли на Бога за својот пријател. Вистинскиот пријател се грижи за спасение на душата на својот пријател. Да се одвраќа пријателот од лажни патишта и да се управува на патот на вистината – тоа е драгоцено пријателство. Божјите светители се најдобри пријатели на луѓето. Двајца млади, Варнава и Павле, биле пријатели додека оделе заедно во училиштето на Гамалиил. Кога Варнава постанал христијанин, тој истрајно и со солзи Му се молел на Бога и на Павлета за Христа Господа, но Павле му се потсмевал и го сметал за заведен. Благиот Господ, пак, не ги оставил молитвите на Варнава без плод. Благиот Господ му се јавил на Павлета и го обратил од лажниот пат на патот на вистината. Обратениот Павле тогаш паднал пред нозете на својот пријател и извикал: „О Варнава, учителу на вистината, сега се уверив дека сè што ми говореше за Христа е вистина!“ Варнава заплакал од радост и го прегрнал својот пријател. Пријателот ја спасил душата на својот пријател со усрдна молитва. Варнава да би можел да го постави Павлета за римски цар, помалку би му сторил отколку што со молитва успеал да го приведе кон вистината.

Б Е С Е Д А

за господарот и слугата

Божјото човекољубие го надминува човечкото човекољубие како што небото ја надминува Земјата, па сепак човекољубивиот Бог ги кара луѓето. Бог ги кара луѓето не за да ги погуби туку да ги поправи и да ги спаси. О благословено карање од љубов! Зашто Господ го казнува оној кој што го сака; го камшикува секој син кого што го сака (Евр. 12:6). Со што Бог казнува? Со прачка. Со каква прачка? Прачка на болест, прачка на немоќ, прачка на загуба, прачка на глад, прачка на неплодност, прачка на суча, прачка на поплава, прачка на смрт на роднини и на пријатели, прачка на лоши демони кога со овие ќе попушти власта на д човекот. Тоа се прачките Божји со кои Бог ги казнува своите деца за да ги поправи, вразуми, просвети и спаси.

Зошто родителот да не ги бие своите деца, ако навистина ги сака? Прачката е орудие на голема љубов и грижа. Ако детето не  е осетливо за духовните карања, тоа е осетливо за прачката. И колку што некое дете е неосетливо со духот и совеста, поосетливо е со телото. Телото и не е дадено на човекот само за себе нешто да значи, туку да биде слуга на духот, да му помогне на духот, да му користи на духот. Ако телесната казна го пробуди духот на човекот, а со духот и совеста, тогаш телото совршено ја исполнило својата должност ко духот, својот господар. Ако спие господарот, тогаш се удира на слугите за да го разбудат. Ако слугите го разбудат господарот во часот на опасноста, нема да ги жалат ударите што ги добиле, бидејќи го спасиле својот господар. А разбудениот и спасен господар ќе умее да им се одолжи на своите слуги. Оттука, навистина, кој ја жали прачката, тој го мрази својот син. Кој го поштедува слугата, го издава господарот.

О премудар Господи, отвори го срцето на родителите за да ја примат оваа Твоја света поука. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >