18.06./05.06. |
18.06.2010. | |
Свешт-мч. Доротеј еп. Тирски – Бил епископ Тирски од времето на Диоклецијан, па сè до времето на Јулиј Отстапникот, под кој бил намачен и пострадал за Христовата вера. Живеел на земјата 107 години, угодувајќи Му на Бога се преселил во вечниот живот во 361 година. Бил многу учен маж. Напишал многу поучни дела на грчки и на латински јазик. Особено е позната неговата грчко-латинска Цинтагма. Преп. Теодор пустиник – чудотворец. Очистувајќи го својот дух со долгиот подвиг во јорданската пустина, го добил од Бога дарот на чудотворство. Патувајќи на лаѓа за Цариград, се случило лаѓата да залута и на неа снемало вода за пиење. Кога сите патници од жедта биле близу до смртта, Теодор ги подигнал рацете кон небото, се помолил на Бога и се крсен знак ја прекрстил морската вода. Потоа им рекол на лаѓарите да нацрпат од морето и да пијат, и кога се напиле водата била слатка. Кога почнале сите да му се клањаат на Теодора, тој ги молел да не му благодарат нему, туку на Господа Бога, Кој го направил тоа чудо според своето човекољубие. Мирно завршил во 583 година. Преп. Анувиј – Еден е од големите египетски монаси. Многу пострадал за вистинската вера. Кога пред смртта го посетиле тројца стари пустинци, тој, прозирлив, им ги открил сите тајни на нивните срца. Мирно завршил во втората половина на V век. Блажен Игор, кнез жерниговски и киевски – Гонет од своите роднини, тој го напуштил светот и се замонашил. Киевјаните, незадоволни од династијата Олгович, посакале да ја истребат. Се стрчале в манастир, го фатиле невиниот и млад схимник Игор и го убиле. Поради тоа злосторство многу беди ги постигале киевјаните. На гробот, пак, на овој блажен се гледале свеќи, сами од себе запалени, и тоа на неколку пати, а над црквата, каде што бил погреребан, се видел огнен столб. Тоа било во 1147 година. Преп. Петар Коришки – Родум од селото Кориша, погоре од манастирот на св. Марко кај призрен (по друго предание, пак, од едно село кај Пеќ). Како момче орал со еден слеп вол. Бил необично кроток и безгневен. Со својата сестра Елена рано се оддалечил на подвиг. Се подвизувал многу цврсто и истрајно. Во тешка борба со демонските искушенија се покажал победоносен. Околу него се собрало мноштво на маонаси и тој им бил наставник. Бегајќи од човечката слава, тој некое време се скрил во манастирот во Црна Река, каде што подоцна се подвизувал св. Јанакиј Девички. Во староста се упокоил во својата пештера во Кориша. Таа ноќ кога тој се упокоил се гледала светлина од многу свеќи во неговата пештера и се слушало ангелско пеење. Овој прекрасен светител живеел, веројатно, во XIII век. Над неговите чудотворни мошти цар Душан подигнал црква, која била хилендарски метох. Во поново време остатоците од моштите на св. Петар се пренесени во Црна Река, каде и денес почиваат. Блажен Константин митрополит Киевски – Во деновите на блажениот кнез Игор, кога имало голема збрка меѓу руските кнезови, и во Црквата имало нереди и чести промени на архиерејскиот престол. Така, по смртта на митрополитот Киевски Михаил, кнезот Изјаслав довел за митрополит некој учен монах Клима, не барајќи при тоа благослов од патријархот цариградки, спротивно на древниот обичај. Тогаш патријархот ги испратил овој митрополит Константин да ја извиди работата. Константин го симнал Клима и ги отстранил од црквата сите клирици кои тој ги ракоположил. Поради тоа народот се поделил: едни се држеле до Клима а други до Константина. Тогаш, по желба на руските кнезови, патријархот испратил трет, некој Теодор, а Клима и Константин ги отстранил. Кога умрел Константин, во 1159 година, го отвориле неговиот тестамент, во кој тој заколнал да не го погребуваат, туку да го фрлат во полето кучињата да го изедат, бидејќи тој се смета себеси за виновник за збрката во Црквата. Не смеејќи да се оглушат на заветот, но сепак со голем ужас, луѓето го зеле телото на митрополитот и го фрлиле во полето, каде што лежело три дена. Тие три дена страшно грмело над киев, молњи светкале, громови удирале и земјата се тресела. Осум луѓе загинале од гром. Над мртвото тело на Константин се појавиле три огнени столба. Видувајќи го ова, кнезот киевски наредил, та го зеле телото и чесно го погребале во црквата каде што бил и гробот на Игор. И веднаш потоа се смирила природата. Така Бог го оправдал смирениот слуга Свој. Р А С У Д У В А Њ Е Никогаш не нарушувај го постот во среда и во петок. Тој пост е заповсдан од Црквата и е добро образложен. Ако некогаш во животот си го нарушил овој пост, моли се на Бога да ти го опрости и повеќе не греши. Благочестивите луѓе не се сметаат себеси за за разрешени од тој пост, ни на пат, па дури ни во болест. Свети Пахомиј еднаш сретнал луѓе каде што носат мртовец и видел двајца ангели во поворката. Тој почнал да се моли на Бога да му ја открие тајната за присуството на ангелите при закопот на тој човек. Какво добро направил тој човек за да го придружуваат свети ангели Божји во спроводот до гробот? Тогаш, по Божја промисла, се приближиле светите ангели до Пахомиј и вака му објасниле: „Еден од нас е ангел на средата, а вториот е ангел на петокот. Па како што овој човек секогаш, дури и до самата смрт, постел во среда и во петок, затоа и ние со чест го спроведуваме неговото тело. Како што тој до смртта го сочувал постот, затоа и ние го прославуваме“. Б Е С Е Д А за оправданоста на милостињата Ни Господ не ти го одеркува тебе она што ти е потребно, па затоа и ти не откажувај му на човекот кога Господ ти го испратил во пресрет за да го искушува твоето срце. Ако некој сиромав еднаш во животот ти ја пружи раката за помош, подал му и не откажувај. Сети се колку години имаш и колку минути има во еден час – секоја минута низ толку илјади денови ти ја пружаш својата рака кон Господа, и Господ ти дава и не откажува. Сети се на милоста Божја и твојата немилост ќе те пече како жар и нема да ти даде мир сè додека не се покаеш и не омекнеш во срцето. Не вели никогаш: „Ми досадија овие просјаци!“ Току милиони луѓе живејат на Земјата, и сите се просјаци пред Господа, и царевите како и наемниците, и богаташите како и слугите, а Господ никогаш не рекол: „Ми досадија овие просјаци!“ О човеку, заблагодари Му на Бога што и од тебе некој бара некое добро, било материјално, било духовно! Тоа значи дека ти си човек од Божја доверба; значи: Бог ти доверил некое Свое добро (бидејќи сите добра се Божји). Покажи се достоен на таа доверба: покажи се достоен од малку за да ти се даде повеќе. О Господи себогат, омекни го нашето срце и просвети го нашиот разум за да бидеме милостиви во добрините што Ти, Семилостив, си ни ги доверил. На Тебе слава и вечна повелба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|