08.06./26.05. |
8.06.2010. | |
Св. ап. Карп – Еден од седумдесетте. Следбеник и придружник на апостол Павле, од кого бил поставен за епископ на Верија, во Тракија. Го проповедал Евангелието и на Крит, каде што го примил во својот дом св. Дионисиј Аеропагит. За него сведочи св. Дионисиј дека бил човек со необично чист ум, кроткост и незлобивост; дека во видение му се јавил Самиот Господ Исус со ангелите Свои и дека никогаш не ја почнувал светата литургија додека претходно не имал небесно видение. Претрпувајќи многу напасти за името Христово, најпосле пострадал од неверните Евреи и бил убиен, преселувајќи се со душата во Царството Божјо за вечно да се насладува со гледањето на Господа во славата. Св. ап. Алфеј – Татко на двајца апостоли од дванаесетмината и тоа: на Јаков Алфеев и на Матеј Евангелистот. Мирно го завршил својот земен живот. Преп. Јован Психант – Во раната младост се оддалечил од светот и се повлекол во лаврата на Психант, во Цариград. Тука се подвизувал многу години заради љубовта Христова. Во VIII век претрпел прогонство поради иконопочитувањето. Св. новомач. Александар Солунски – Овој маченик Христов бил роден во Солун во времето на големата турска тиранија над овој град. Како момче бил прелаган од Турците и потурчен. Во почетокот совеста не го јадела за таквата постапка и тој дошол на Ќиба со останатите мухамедански аџии, каде станал дервиш. Но, како дервиш во Солун, тој почнал горко да се кае. При тоа каење дошол на мисла дека тој со ништо не може да го измие од себе страшниот грев на христоотстапништвото туку само со својата крв. Кога се покајал, значи, и се решил на мачеништво, тој им се објавил себеси на Турците како христијанин. Турците го фрлиле во темница и потоа и го ставиле на други маки. Но Александар само викал: „Како христијанин сум роден, како христијанин сакам да умрам“. Најпосле Турците го осудиле на смрт, на што покајниот Александар многу се израдувал, познавајќи со тоа дека гревовите му се опростени и дека Бог ја прима неговата жртва. Бил исечен во Смирна во 1794 година и бил прославен во Црквата небесна и земна. Р А С У Д У В А Њ Е На грешникот не треба да му се пожелува смрт, туку покајание. Ништо така не Го растажува Господа, Кој пострадал на крстот заради грешниците, како кога ние Го молиме со смрт да казни некој грешник и така да ни го тргне од патот. Еднаш се случило апостолот Карп да излезе од трпението и почнал да Го моли Бога да испрати смрт на двајца луѓе грешници, едниот незнабожец а другиот отстапник од верата. Тогаш самиот Господ Христос му се јавил и му рекол: „Тепај Ме Мене, еве, готов Сум да се распнам повторно за спасението на луѓето!“ Ово случај св. Карп го раскажал на св. Дионисиј Аеропагит, а овој го запишал и во Црквата го оставил како поука на сите дека за грешниците треба да се моломе за да се спасат а не да погинат, бидејќи „Господ не сака никој да погине, туку сите да се обрнат во покајание“ (II Петр. 3:9). Б Е С Е Д А за благодатта Божја Господ не ги поштедил од искушение ниту Своите свети апостоли. Но затоа им дал благодат! Кога самиот сатана почнал да му штети на апостолот Павле, Павле се молел на Бога сатаната да отстапи од него. На тоа Господ му одговорил: „Доста ти е Мојата благодат“. Односно, ако треба да трпиш од сатаната, за трпението ти е доволна Мојата благодат! Сакаш ли да го победиш сатаната, повторно ти е доволна Мојата благодат! Благодатта е сеоружје. Благодатта е појака од сите спротивности, од сите напади и од сите темни сили. Благодатта е непобедлива и непобедоносна. Затоа, браќа, треба да се молиме на Господа да ни ја даде сесилната Своја благодат. Благодат е Бог во нас. Благодат е Царството Божјо во нас. Кога Божјата благодат е во нас, денот е во нашите души. А ден значи светлина, знаење и бестрашност. Ние не можеме, браќа, овде на Земјата да испросиме поголемо добро од Бога отколку што е благодатта Божја. Кога би ја добиле и целата вселена како подарок, тој подарок би бил помал од благодатта Божја. О Господи преблаг, непресушен извору на сесилната благодат, пороси ги со Твојата благодат нашите закоравени срца за да се расплачеме пред Твојата преголема добрина и пред нашата ужасна неблагодарност. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!
|
< Претходно | Следно > |
---|