Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 02.06./20.05.
02.06./20.05.
4.06.2010.
Sample Image

Св. мч. Талалеј – Родум е од Либан, од татко Верукиј и мајка Ромилија; осумнаесетгодишно момче, лично по изглед и телесен раст, со жолто-црвена коса. По занимање лекар. Пострадал за Христа во времето на царувањето на Нумериј. Кога храбро ја исповедал својата вера во Христа Господа пред судијата-мачител, овој им наредил на двајцата џелати, Александар и Астериј, со сврдел да му ги извртат колената, да провнат врвка низ продупчените коски и да го обесат на дрво. Но на џелатите некоја невидлива сила Божја како да им го озела видот, та наместо Талалеја, тие издупчиле една штица и ја обесиле на дрвото. Кога ова го дознал мачителот, помислил дека џелатите намерно тоа го сториле, па наредил да го удираат. Тогаш Александар и Астериј при удирањето повикале: „Жив ни Господ, отсега и ние постануваме христијани, веруваме во христа и страдаме за Него!“ Како го слушнал ова мачителот, та наредил и со меч го исекле. Тогаш самиот мачител го земал сврделот за сам да му ги продупчи колената на Талалеј, но му се фатиле рацете и тој го молел Талалеја да го спаси, што незлобивиот Христов маченик со молитва и го направил. Потоа бил фрлен во вода, но се јавил жив пред мачителот. (Бидејќи во себе Талалеј Го молел Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките). Кога бил фрлен пред ѕверовите, ѕверовите му ги лижеле нозете и се умилкувале околу него. Најпосле бил обезглавен со меч и се преселил во вечниот живот во 284 година.

Св. мч. Аскалон – Пострадал во Антиној, египетски град, во времето на Диоклецијана. Бил биен, стружен, со свеќи нагоруван, но останал до крајот непоколебан во верата. Кога мачителот Аријан се превезувал со лаѓа преку Нил, Аскалон со молитва ја сопрел лаѓата на средината од реката и не ѝ позволил да се помрдне додека Аријан не напишал дека верува во Христа како во единствен и семоќен Бог. Но припишувајќи го тоа чудо на магијската вештина на Аскалон, мачителот заборавил што напишал и продолжил да го мачи Божјиот човек и понатаму. Најпосле на Аскалона му врзале камен за вратот и го фрлиле во реката Нил. Третиот ден христијаните го нашле телото на Аскалон на брегот заедно со каменот на вратот (како што пред смртта светиот маченик и им прорекол) и чесно го погребале во 287 година. Со него пострадал и св. мч. Леонид. А нивниот мачител Аријан подоцна се покајал, поверувал во Христа од сè срце и јавно почнал да ја искажува својата вера пред незнабожците. Тогаш незнабожците и него го убиле, Па и Аријана, некогашниот мачител на христијаните, се удостоил со маченички венец за Христа.

Преп. Стефан Пиперски – Овој светител бил роден во едно никшиќко племе, во селото Жупа, од сиромашни но благочестиви родители, Родој и Јоакима. Според преданието, се подвизувал најпрво во манастирот Морача, каде што бил и игумен. Турците оттаму го протерале и тој се населил во Турман, Ровачки, на местото што сега се нарекува „Ќелиште“. После се преселил во Пипери во една келија, каде што до смртта останал во тежок и богоугоден подвиг. Се упокоил мирно во Господа на 20 мај 1697 година. Неговите мошти и сега почиваат тука и со многу чуда Го прославуваат Христа Бога и Божјиот угодник Стефан.

Р А С У Д У В А Њ Е

Кога човек ќе се здобие со христијанска совест, тој се труди ревносно да го исправи својот живот и да Му угоди на Бога. Сè останато за него е малку важно. На пример, такви луѓе имаме и ние, не само помеѓу големите подвижници и духовници, туку и помеѓу самите силни цареви. Таков пример ни дава царот Теодосиј Велики, кој извесно време паднал во ерес, па потоа се покајал. Над неговото мртво тело говорел св. Амвросиј, неговиот поранешен изобличувач: „Го сакав овој маж, кој симнувајќи ги од себе царските ознаки, јавно во црквата го оплакуваше својот грев и со воздишки и со солзи просеше опростување. Од што простите се срамат, од тоа не се срамел императорот. По добивањето на славната победа (над непријателите на царството), тој решил да не приоѓа кон свето причестување сè до враќањето на неговите синови, само затоа што во борбата неговите непријатели биле поубиени“.

Б Е С Е Д А

за духот од овој свет и Духот од Бога

Духот на овој свет, браќа, е дух на гордост и суровост, а Духот Божји е Дух на кроткост и на благост. Апостолот Божји потврдува дека следбениците Христови не примиле дух од овој свет, туку дух што иде од Бога, т. е. Што произлегува од Бога Отецот како благоухана миризба од цветот, та како добар мирис се разлева по човековата душа, правејќи ја крепка, светла, спокојна, благодарна и умилна.

Луќето по природа се кротки и благи. Св. Тертулијан пишува: „Човековата душа по природа е христијанка“. Но со духот на овој свет таа е разгалена и разбеснета. Духот на овој свет од овци прави волци, додека духот што иде од Бога од волци прави овци.

Апостолот уште додава дека сме примиле Дух Божји затоа „за да знаеме што ни е дарувано од Бога“. Значи, да познаеме што е во нас од Бога и што не е од Бога, и да ја осетиме сладоста од она што е од Бога и горчината од она што не е од Бога, туку од духот на овој свет. Додека човекот е надвор од својата природа, под својата природа, тој горчината ја смета за сладост а сладоста за горчина. А кога со Духот Божји ќе се врати во својата вистинска природа, тогаш тој сладоста ја смета за сладост а горчината за горчина.

Кој може човекот да го врати кон Бога? Кој може човекот да го излекува од отровноста на гревовната горчина? Кој може да го научи со опит да ја разликува вистинската сладост од горчината? Никој друг освен духот што иде од Бога.

Затоа, да се помолиме, браќа, Бог да ни Го дарува својот Свет Дух, како што Го дарувал на апостолите и на светителите свои. А кога тој Божји Свет Духќе дојде во нас, ни дошло Царството Божјо во кое сè е само сладост, само добро, само светлина, само крепкост и само благост. О Свети Духу, Духу на кроткост и на благост, пријди и всели се во нас. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >