20.05./07.05. |
20.05.2010. | |
Спомен на појавувањето на Чесниот Крст во Ерусалим – Во времето на царот Констанс, синот на св. цар Константин, и патријатхот ерусалимски Кирил, утрото во 9 часот, се појавил Чесниот Крст над Голгота простирајќи се до над Маслиновата Гора. Тој Крст бил посветол од Сонцето и поубав од најубавиот божилак. Сиот народ, и верните и неверните, ги оставиле своите работи и во страв и восхитување го набљудувале тоа небесно знамение. Мнозина неверници се обратиле во верата Христова, а исто така и мнозина еретици-аријанци ја оставиле својата злобна ерес и му се вратиле на христијанството. За овој знак патријархот Кирил му напишал писмо на царот Констанс, кој и самиот навалувал кон аријанството. Тоа се случило на 7 мај 357 година.Така и во оваа прилика се покажало дека верата христијанска не е во светските мудрувања според човечкиот разум туку во силата Божја, покажана низ безбројните чуда и знаци. Ев. мч. Акакиј – Овој Светител бил римски офицер во времето на царот Максимијан. Одговарајќи на суд за својата вера во Христа, тој рекол дека ја наследил длагочестивата вера од своите родители и дека во неа се утврдил видувајќи многу чудни исцеленија од моштите на христијанските светители. После големите маки храбро претрпени во тракискиот град Пиринт, Акакиј бил преведен во Византија каде издржал нови маки, додека најпосле не бил со меч исечен. Чесно пострадал и се преселил во Царството на вечната радост во 303 година. Преп. отци Грузијски – Во Vl век, а на 200 години после тоа, откако св. Нина го проповедала Евангелието во Грузија, Пресвета Богородица му се јавила на Јована, подвижничкиот антиохиски, и му заповедала да избере 12 ученици и да отиде во Грузија да ја утврди Христовата вера. Јован така и направил. Пристигнувајќи во Грузија, овие дванаесет мисионери биле свечено пречекани од кнезот на таа земја и соборникот Евлалиј и веднаш со ревност ја почнале својата работа. Народот се собирал околу нив во толпи, а тие го утврдувале во верата со голема мудрост и со многу чуда. Началник на сите овие христољубиви мисионери им бил св. Јован Зедазниски. Нивните имиња биле: Авид, Антониј, Давид, Зинон, Тадеј, Иса, Издериос, Јосиф, Михаил, Пир, Стефан и Шијо. Со апостолска ревност сите тие ја утврдувале верата Христова во Грузија, основале многу манастири и по себе оставиле многу ученици. Така се удостоиле за слава на небесата и за сила на Земјата. Р А С У Д У В А Њ Е „Признавам дека јас сум бил повеќе должен и дека ми е повеќе опростено: од судските и јавните работи јас сум повикан во свештенството, па затоа се плашам да не се покажам неблагодарен ако помалку љубам отколку што ми е опростено“. Ова се зборовите на св. Амвросиј, кој ненадејно бил од Бога повикан да го промени занимањето и од световен судија да постане архиереј на црквата Христова. Со овие зборови светителот кажува како свештеничкиот позив е поголем од световниот, како до истото се доаѓа со Божји призив и како оној кој е повикан Му должи благодарност на Бога. Долгот на благодарноста кон Бога сите светители го сметале за свој главен долг. Без благодарност кон Бога не може да има напредување во духовниот живот. Непрестајната благодарност кон Бога е благородно семе, од кое, ако се залива со солзи на непрестајно покајание, израснува прекрасен плод – љубовта кон Бога. Б Е С Е Д А за тоа како со гревовите се одбива доброто од луѓето Ако немаш добрини во изобилие, народе, значи дека имаш грев во изобилие. Твоите гревови го одбиваат твоето добро од тебе. Ако си посакуваш добро на себе, народе, отстрани ги гревовите и не греши повеќе и ќе го пропуштиш доброто и доброто ќе дојде кај тебе и нема да се одделува од тебе. Ако немаш добро, човеку, значи дека имаш грев. Не може доброто да престојува во иста куќа со гревот, како што светлината и темнината не можат истовремено да бидат на исто место. Кога светлината ќе се одалечи, настанува темнина; и кога темнината ќе се одалечи, светлината засветува. Така, гревот и доброто можат да се сменуваат, но не можат да се заедно. Нашите гревови го одбиваат доброто од нас, о браќа мои. Овие зборови не ги рекол само еден пророк, само на еден народ, туку секој вистински пророк ги говорел овие зборови на својот народ. Лажните пророци им ласкаат со гревовите на својот народ и така помагаат уште повеќе да се одбива доброто од својот народ. А вистинските пророци одат против гревовите на народот, бидејќи тие одат со доброто и викаат против гревот за да можат да го внесат доброто што е од Бога во душата на својот народ. Ако кошницата замириса, дали медоносните пчели ќе влезат и ќе го истоварат својот мед во неа? Не! Па кога безсловесните пчели не сакаат да влезат во замирисаната и зачадена кошница, како тогаш словесниот Божји Дух ќе влезе во смрдлива и зачадена душа од гревот? А Божјиот Дух ги поседува и е дародавец на сите добри дарови. Господи, Свет Духу, помогни им со Твојата недостижна сила на Твоите луѓе да го изгонат гревот од своите души за да можеш Ти да настапиш внатре со Твоите животворни дарови. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!
|
< Претходно | Следно > |
---|