Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 17.05./04.05.
17.05./04.05.
17.05.2010.
Sample Image

Св. мч-чка Пелагија Тарсанска – Родена е во градот Тарс, од незнабожни родители, но познати и богати. Слушнувајќи од христијаните за Христа и за спасението на душата, таа се разгорела со љубов кон Спасителот и во душата била сета христијанка. Во тоа време имало страшно гонење на христијаните. Се случило самиот цар Диоклецијан да се запре во Тарс и за време на неговото престојување во тој град неговиот син, принцот, смртно да се заљуби во Пелагија и сакал да ја земе за жена. Пелагија одговорила преку својата злобна мајка, дека таа Му се ветила на својот Небесен Свршеник, на Христа Господа. Бегајќи од скверниот принц и од својата злобна мајка, Пелагија го побарала и го нашла епископот Клинон, човек познат поради својата светост. Тој ја поучил на верата христијанска и ја крстил. Тогаш Пелагија ги раздала своите раскошни фустани и големото богатство, се вратила во домот и се исповедала на својата мајка дека таа е веќе крстена. Царскиот син, пак, слушнувајќи за ова, и изгубувајќи ја секоја надеж дека ќе може да ја добие за жена оваа света девица, се прободел самиот себе со меч и умрел. Тогаш злобната мајка сама јаобвинила кај царот својата ќерка и ја предала на суд. Царот и се восхитил на убавината на девицата и, заборавајќи го својот син, се распалил со нечиста страст кон неа. Но бидејќи Пелагија останала непоколеблива во својата вера, царот ја осудил на изгорување во метален вол, вжарен од оган. Кога мачителите ја разголиле, св. Пелагија се прекрстила со крст и со благодарна молитва кон Бога на своите усни, самата влегла во вжарениот вол, каде во еден миг се растопила како восок. Пострадала чесно во 287 година. До остатокот на нејзините коски дошол епископот Клинон и ги погребал на ридот под еден камен. Во времето на царот Константин Копроним (741-775 год.) на тоа место била изградена прекрасна црква во чест на светата девица и маченица Пелагија, која се жртвувала за Христа за вечно да царува со Христа.

Свешт-мч. Силуан еп. Газски – Прво бил во војничка служба, но подоцна гонет од силината на својата вера, поминал во духовна служба. Обвинет дека ги обратува незнабожците во христијани прво бил остро тормозен, а потоа исечен со други 40 војници, во 311 година, и така сите постанале небесни граѓани.

Преп. Никифор – Прво бил римокатолик, па потоа преминал во православието. Се подвизувал како монах во Света Гора со мудриот Теолипт. Учител му бил на славниот Григориј Палама и напишал дело за разумната молитва. Му се претставил мирно на Господа во XlV век. Тој учел: „Собери го умот свој и принуди го да влезе во срцето и таму да остане. Кога твојот ум ќе се утврди во срцето, не треба да стои празен, но непрестајно нека ја твори молитвата: Господи Исусе Христе, Сине Божји, Помилуј ме! И никогаш да не замолкне. Преку тоа во тебе ќе се всели цела низа на доблести: љубовта, радоста, мирот и останатото, поради кои, после тоа, секоја твоја прозба во Бога ќе биде исполнета“.                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                             Р А С У Д У В А Њ Е

Младиот и неискусен човек во духовната борба секое свое добро дело го подвлекува со самопофалба. Но искусниот војник среде борбата со страстите и демоните го понижува секое свое дело и ја зајакнува својата молитва за Божја помош. Авва Матој говорел: „ Колку човекот повеќе се доближува кон Бога, толку повеќе себеси се гледа како грешен“. И уште говорел: „ Кога јас бев млад, мислев, можеби, дека правам некое добро, а сега, кога остарев, гледам дека немам ниедно добро дело“. Зарем Самиот Господ не рекол: „ Никој не е добар освен единиот Бог“. Значи, ако само единиот Бог е добар и е извор на секоја добрина, како тогаш може да се случи некое добро дело да не е од Бога? И како некој, кој ќе направи добро дело може да си го припише на себе а не на Бога? Па, кога е така, со што може да се пофали смртниот човек? Со ништо освен со Бога и со добрината Божја.

Б Е С Е Д А

за идолоклонството како прељуба

Каква е таа прељуба што ја направил Израилот и Јудеја (т.е. израелскиот и јудејскиот народ) со камен и со дрво? Тоа е поклонението на идолите од камен и од дрво. Но пред овој грев, тие направиле еден грев: имено се одвратиле од поклонението кон вистинскиот Бог, живиот и единствен Бог. Зошто нивното идолопоклонство се нарекува прељуба? Затоа што тие биле поврзани во првата љубов за вистинскиот Бог, за живиот и единиот Бог, па потоа таа љубов ја изневериле и со срцето се предале на туѓи идоли од камен и од дрво. Затоа Госпот нивното идолопоклонство го нарекува прељуба. Дали овој Божји укор бил заслужен само во тоа старо време а не и во нашето, и само од Израилот и Јудеја, а не и од христијаните? За жал, овој Божји укор потполно е заслужен и денес од многу христијани. Кај било кој, ако е заладен љубовта кон вистинскиот Бог, кон живиот и единствениот Бог, а се разгорела ниска љубов кон предметите од камен и дрво, кон трулежни работи и смртни созданија, тој прави прељуба и тој го привлекува Божјиот укор кон себе. Тогаш тој Божји укор е и денес умесен како некогаш, бидејќи тогаш грешеле луѓето не познавајќи Го Христа, а сега грешат познавајќи Го Христа.

О браќа, до кога ќе се влече ова темно идолопоклонство по земјата? До кога земјата ќе смрди од човечката прељуба со идолите од камен и од дрво, од сребро и од злато, од тело и од крв? Зарем семоќниот Христос не ги сотре сите идоли во прав и во пепел? Зошто сега некои се наведнуваат и од тој прав повторно си прават богови? Заради ѓаволската лага и својата сопствена самоизмама.

О Господи, вознесен на врховното небо, одбрани нè од ѓаволската лага и од нашата сопствена самоизмама. Сочувај нè од срамната прељуба со скршените идоли, со Твојот Чесен Крст. Помогни ни, Господи, непрестајно да Ти се поклонувама на Тебе, на вистинскиот Бог, на живиот и единствен Бог. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 

 
< Претходно   Следно >