12.05./29.04. |
11.05.2010. | |
Св. Василиј Острошки-Родум е од селото Попово во Херцеговина, од родители прости, но благочестиви. Од малечок бил исполнет со љубов кон Црквата Божја, а кога пораснал отишол во Требинскиот манастир на Успението Богородично и примил монашки чин. Како монах набрзо се прочул поради својот изобилен и редок подвижнички живот, оти на себе налагал подвиг врз подвиг, сè потежок од тешкиот. Подоцна бил избран за епископ Захумски и Скендерески, иако не по своја волја. Како архиереј прво живеел во манастирот „Тврдош“ и оттаму, како добар пастир, го утврдувал своето стадо во православната вера, чувајќи го од свирепото лукавство на Турците и латините. А кога бил и отповеќе притиснат од непријателите и кога „ Тврдош“ бил разоран од Турците, св. Василиј се преселил во Острог, каде што тврдо се подвизувал, оградувајќи го своето стадо со своите непрестајни и топли молитви. (Нова црква, врз урнатините на стариот „Тврдош“, подигнал во нашите денови Никола Руњевац, од селото Полица крај Требиње – прекрасна задужбина за себе пред Бога и пред својот род ). Се претставил мирно пред Господа, во XVl век, оставајќи ги своите мошти цели и целибни, неизгниени и чудотворни до ден-денесен. Чудата на гробот на св. Василиј се безбројни. При неговите мошти притекнуваат и христијаните и муслиманите, и наоѓаат исцеление во своите најтешки болести и маки. Голем народен собор во Острог се прави секоја година за празникот на Св. Троица. Св. девет маченици во Кизик – овие девет храбри маченици, со љубовта Христова загреани, не сакале да им принесат жртва на идолите, ниту да се одречат од Христа Господа, поради што биле остро мачени и на крај со меч исечени. Во времето на царот Константин се изградил нов храм во Кизик во чест на овие свети маченици, каде што нивните неизгниени мошти биле положени. Безбројни исцеленија се случиле над нивните мошти. Нивните имиња се: Теогониј, Руф, Антипатер, Теостих, Артем, Магн, Теодот, Тамвасиј и Филион. Сите тие презреле сè што е времено заради вечното и гнилежното заради негнилежното. Затоа Господ ги вовел во Своите вечни обители и ги овенчал со венци на неминливата слава. Чесно пострадале и се прославиле во lll век. Преп. Мемнон чудотворец – од младоста Мемнон им се предал на постот и молитвата, и толку себе се исчистил што постанал обиталиште на Светиот Дух. Исцелувал неисцеливи болни и правел многу други чуда. Тој се јавувал на морските бури и ги спасувал бродовите од пропаст. Се упокоил мирно во Господа во ll век и се преселил во небесните дворови Господови. |
< Претходно | Следно > |
---|