05.05./22.04. |
7.05.2010. | |
Преп. Теодор Сикеон – место на раѓање му било селото Сикеа во Галатија, поради што бил наречен Сикеот. Уште како десетгодишно дете Теодор се предавал на труден пост и сеноќна молитва по угледот на некој старец Стефан, кој живеел во неговиот дом. Мајка му Марија била богата вдовица и имала намера својот син да го посвети на воено занимање. Но на сон и се јавил св. Георгиј и ја известил дека Теодор е наменет за служба не на земниот, туку на Небесниот Цар. И на Теодор му се јавувал св. Георгиј многупати било да го поучи било да го спаси од некаква опасност, во која злобните демони го ставале. Имал и неколку виденија на Пресвета Богородица. Теодоровиот подвиг ги надминувал со својата суровост подвизите на сите живи подвизници на неговото време. Телото го мачел и со глад, и со жед, и со железни окови и со сеноќно стоење на молитва. Сè само својата душа да ја врзе со љубовта кон Бога и душата да ја направи потполна господарка над телото. На Теодоровата љубов милостивиот Господ одговорил со љубов. Он му дарувал голема моќ над лошите духови и над сите болести и маки човечки. Се прочул на сите страни како чудотворен исцелител. Поради големата духовност и чистота, и покрај тоа што не сакал, бил поставен за епископ Анастасиополски. На епископската служба поминал 11 и тогаш Го замолил Бога да го ослободи од таа служба за повторно да му се посвети на својот омилен подвиг. Потоа се вратил во својот манастир каде што во староста Му ја предал својата душа на Господа, заради Кого доброволно многу страдал. Завршил во почетокот на царувањето на царот Ираклиј, околу 613 година. Св. мч. Леонид – татко на Ориген. Пострадал за Христа во Александрија во 202 година. Најпрво со царски указ целиот имот му го одзеле, а потоа на смрт го осудиле. Ориген му пишувал на својот татко во самицата:„ Татко, не грижи се за нас и не избегнувај од мачеништво поради нас“ ( т.е. поради децата ). Преп. Монах Виталиј – во времето на партијархот Јован Милостив се појавил некој млад инок, кој, штом дошол, составил список на сите развратнички во Александрија. Подвигот на овој инок бил исклучителен и единствен. Преку денот тој се најмувал да ги работи најтешките работи, а ноќе одел во блудни домови, ги давал заработените пари на некоја развратница и со неа се затварал во собата по цела ноќ. Штом ќе се затвореле, Виталиј ја замолувал жената да легне и да спие, а тој во аголот на собата ја поминувал целата ноќ во молитва кон Бога за таа грешница. Така ја чувал грешницата да не греши барем една ноќ. Втората ноќ одел кај друга, третата кај трета и така по ред додека не се помолил кај сите, па повторно се враќал кај онаа што почнал. По неговите совети, многу грешнички го оставиле својот валкан занает, та едни се омажиле, други отишле во манастир, трети тргнале на чесна работа и заработувачкла. На сите тие жени св. Виталиј им забранувал да кажуваат за што тој доаѓа кај нив. Поради ова св. Виталиј станал соблазна за цела Александрија. Луѓето на улица го грделе, го плукале, па и го тепале. Но тој сè стрпливо поднесувал, Јавувајќи Му ја својата добродетел на Бога, а криејќи ја од луѓето. Кога тој умрел, тогаш се дознало сè за него. На неговиот гроб почнале да се случуваат многу чудотворни исцеленија; народот од разни страни почнал да ги донесува своите болни на неговиот гроб. Од луѓето тој бил плукан и останал прославен од Бога, Кој сè гледа. |
< Претходно | Следно > |
---|