29.04./16.03. |
29.04.2010. | |
![]() Св. мч-чки Агапија, Хионија и Ирина – Родени сестри се од околината на Аквилеј. Кога царот Диоклецијан престојувал во Аквилеја, наредил да се погуби познатиот духовник Хрисогон. Во тоа време некој стар презвитер Зоил имал видение со кое му се открило каде се наоѓа непогребаното тело Хрисогоново. Старецот побрзал, го нашол телото на маченикот, го положил во сандак и го држел во својот дом. На триесеттиот ден после тоа, му се јавил и св. Хрисогон и го известил дека во текот на девет дена оние три девојќи маченички ќе пострадаат, а дека и тој во тоа време ќе се претстави. Истото тоа известие го примила во видение и Анастасија Узорешителница, која тргнала посвојот учител Хрисогон. И навистина по девет дена и старецот Зоил се претставил и оние три сестри биле изведени на суд пред царот. Царот ги советувал светите девојки да им се поклонат на идолите, но сите тие откажале и ја исповедале својата тврда вера во Христа. Ирина му кажала на царот како е безумно да им се поклонува на нешта од камен и дрво што се порачани за договорена цена, да се направат од рацете на некаков смртен човек. Разлутен царот ги фрлил во самица. А кога царот пошол во Македонија, ги повел по него сите робови и заробеници, меѓу кои и овие три сестри. Царот му ги дал на некој војвода Дулкитај на тормозење. Овој војвода, распален со мрачна страст, сакал да ги обесчести девиците, но кога сакал да влезе при нив во самица, во времето кога тие Му се молеле на Бога, нему му се зел умот, та нападнал на црните котли и тенџериња пред вратата да ги гушка и бакнува и си заминал целиот исцрнат. Слушнувајќи царо за овој случај, наредил друг војвода, Сисиниј, да го преземе судењето на овие свети сестри. По тешко тормозење, судијата ги осудил првите две сестри на изгорување, а Ирина ја задржал некое време, надевајќи се дека ќе може да ја обесчести. Но кога ја испратил Ирина по војниците во блудилиштето, ангели Божји ја спасиле оваа чиста девица, ги вратиле војниците, а неа ја извеле на еден рид. Утредента војводата излегол со војници на тој рид, но не можејќи да се доискачи, наредил и Ирина со стрели ја застрелале. Света Анастасија ги собрала сите три тела на едно место и чесно ги погребала. Сите чесно пострадале за Царот и Господ Христос околу 304 година. Св. мч. Леонид и со него маченичките: Хариеса, Никија, Галина, Калкида, Нунехија, Василиса и Теодора – Фрлени во море, но морето не ги примило. Тие оделе по морето како по суво и Му пееле на Бога:„ Господи, едно боиште истрчав, Господи, и не се одреков од Тебе, Господи, спаси го духот мој!“ Гледајќи ги така, незнабожците прво се восхитиле, но потоа им врзале камења за вратот и повторно ги фрлиле во морската длабочина и ги потопиле. Сите чесно пострадале за царот и Господ Христос во 281 година. Р А С У Д У В А Њ Е Приказна на старецот Варлаам. Еден човек имал тројца пријатели. Двајца од нив ги љубел искрено, а третиот со досада го избегнувал. Се случило царот да го повика тој човек да си го плати долгот. Тој се обратил кај првиот пријател, но овој се одрекол од него и си заминал. Тој се обратил кај вториот пријател, но ни овој не му помогнал. Со срам сега се обратил кај третиот пријател и тој радосно со него пошол пред царот. Толкување: првиот пријател е богатството, вториот е роднината, а третиот се добрите дела на човекот на овој свет. Царот бил Бог, кој преку смртта испраќа позив и го бара долгот. Човекот Умирајќи бара помош во своето богатство, но тоа се свртува и преминува во рацете на друг господар. Тогаш тој се обраќа кај роднината, но роднината го испраќа сам и останува. Тогаш тој помислуба на своите добри дела, што со досада ги извршувал и тие веднаш тргнуваат со него на пат пред Царот и Судијата. Кој има уши да слуша, нека чуе. Единствени придружници на душата на оној свет се делата на човекот, било добри или лоши. Сè она што му било мило и драго на човекот, го остава и се свртува од него, само неговите дела, сите до едно, одат со него. Кој има разум да разбере, нека разбере. С О З Е Р Ц А Н И Е Да го набљудувам воскреснатиот Господ Исус, и тоа: 1. Како им се јавил жив по смртта, на петстотини луѓе одеднаш, според сведоштвото на ап. Павле; 2. Како му се јавил на ап. Јаков, пак според сведоштвото на ап, Павле ( l Кор. 15:6-7); 3. Како за време на ап. Павле биле живи уште многу вон кругот на апостолот кои Го виделе. Б Е С Е Д А за освестувањето од гревот Оваа заповед ја дава апостолот во врска со Христовото воскресение. Бидејќи наброил многу докази за Господовото воскресение, тој одлучно им заповеда на верните да се отрезнат како што треба и повеќе да не грешат. Зошто апостолот го става нашето освестување во зависност од воскресението на Господа? Затоа што воскресението на Христа од мртвите е главен поништувач на грешењето. И затоа што нас ништо на светот не може ба нè одврати од грешењето како сознание дека Господ станал од гробот, дека сега седи жив на престолот на славата и дека нè чека нас на Својот Суд. Грешењето и по тоа сознание е совршено безумие. А освестувањето од грешење од тоа сознание е совршено природно и разумно. Осветете се еднаш како треба, па не грешете. Не половично туку потполно. Истерајте го од својот ум и сеќавањето на гревот, бидејќи тој е како билка што може да расте и во најбезводни краишта. Една капка влага и привидна сува билка ќе раззелени. И едно потсетување на привидно одамна умрениот грев, го оживува и го прави силен. Незнабожците, кои немаа пример на воскресение од мртвите и грешеа, ќе имаат некое оправдување на Судот. Те ќе речат:„ Немаше ништо така силно што ќе можеше да не освети од грешењето. Ние знаевме дека гробот е последно устие на реката на човечкиот живот, бидејќи немавме докази за животот по смртта“. Така ќе направат незнабожците. Но како ќе се оправдате вие, христијаните, вие кои дознавте воскресението за Христа и не се освестивте;вие кои слушнавте толку сведиштва за Воскресениети и за Судот и продолживте да грешите, како ќе се оправдате? Браќа мои, освестете се еднаш како што треба, па не грешете, бидејќи Христос воскресна од гробот. О воскреснат и жив Господи, помогни ни да се освестиме од грешењето еднаш засекогаш. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!
|
< Претходно | Следно > |
---|