Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Велигденско послание
24.04.2008.

 

А Г А Т А Н Г Е Л

 

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

 
НА
СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО - ВЕЛИГДЕН, ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА


 

Драги браќа и сестри!

 

Повардарската Епархија, односно Македонската Православна Црква, полека зачекорија во времето на големото торжество и празнување. Целото христијанство погледнато во својата суштина се темели врз две основни доблести, а тоа се радоста и љубовта. За човекот од секогаш главен проблем и основна загатка претставувало надминувањето и победата над смртта. Човекот по падот на Адам имал за што да биде тажен и потиштен, бидејќи од сите страни го демнела неизвесноста, која е исклучително непријатна самата по себе. Радоста и љубовта влегоа во овој свет токму поради денешното клучно историско собитие, а тоа е Воскресението Христово - Велигден.

По Воскресението Христово, по настанот кој денес го празнуваме, си заминува стариот, а воскреснува новиот човек и на историската сцена се покажува човекот ослободен од бремето на гревот. Воскресението е победа токму над гревот и смртта. Со воскресението на голема врата влегува слободата во човечкиот живот, и таа е најголемиот дар што некогаш како битија сме го добиле. По Велигден скапоценостите на човековиот живот добиваат сосема ново вреднување. Велигден е ден по кој сé што постои, несакајќи и несвесно, се преобразува. Велигден е празник и симбол на мирот, бидејќи тогаш човештвото со Бога на еден вистински начин се помирува. По воскресението Христово човекот е издигнат на висок пиедестал, пред човекот се отвора нова можност, а тоа е преку побожен подвиг да седне од десната страна на Отецот и да го здобие Царството Божјо - што е единствената важна цел во нашиот христијански живот. Токму заради овие наведени причини апостол Павле ќе рече дека „доколку Христос не воскреснеше залудна ќе беше нашата вера и празна ќе беше нашата надеж”. Велигден е сржта и суштината на христијанството, зашто без воскресението Христово човештвото ќе добиеше само уште еден етички систем, само уште една празна надеж и теорија. Сега човекот може слободно да се надева на своето лично воскресение, на своето лично избавување и преобразување. Човекот, по воскресението, ја добива и открива смислата на животот, а во неговиот живот се канализираат и осмислуваат неговата љубов, неговото разбирање и толеранција кон другите.

Празникот Воскресение Христово - Велигден драги браќа и сестри постои за сите нас како народ во доброто да нé образува и воспитува. Ние, Македонците, имаме долга традиција во христијанството, започната уште од неговите први чекори на европското тло. Нема да биде претерано ако кажеме дека Македонија е местото од каде почнала да се шири христијанската цивилизација која, пак, во себе носи и изградила вечни и непропадливи вредности кои важат и до денешниот ден. Нашиот повик е секогаш да се потсетуваме на светлите и славни моменти од нашето минато зашто старата мудрост вели дека историјата е учителка на животот, а народ без минато не може да има иднина. Иако како Македонска држава и како Македонска Православна Црква доживуваме нови искушенија кои се повторно поврзани со погазување и напади на нашето име и на нашиот национален идентитет сепак останува фактот дека од Бога имаме благослов и признание. Ова се гледа од нашиот развој и напредок во црковниот живот. За жал, драги браќа и сестри Македонци, нашите соседи Грците и Бугарите, уште еднаш, по кој знае кој пат, со здружени сили, лицемерно ја нападнаа Македонија и македонскиот народ. Многу извитоперени теории се изнаслушавме во оваа жестока антимакедонска кампања. Но, најстрашно и најтрагично од сé е тоа што мал дел од меѓународната заедница покажа разбирање и документирано ја оправда и верификуваше омразата. Македонскиот народ низ вековите истрпил на своите плеќи многу неправди од политиката на истите овие народи, ќе ја истрпи и оваа и на крајот со Божја помош ќе излезе како победник, бидејќи Бог ги закрилува во својата прегратка оние кои живеат во вистината, која е бесмртна во својата суштина. Во овие тешки и неизвесни моменти наша должност како македонски православен народ е да покажеме трпение и да се угледаме на воскреснатиот Спасител, Кој и покрај сите прогони и напади ја оствари зададената цел од Неговото воплотување. Нашата лична цел, пак, е да не го мразиме ниту да го осудуваме својот ближен па кој било и да е тоа, зашто со осуда и омраза во своите срца стануваме реални губитници, налик на нашите отворени непријатели. Да поставиме нова тула во изградувањето на нашата личност и во нашето лично воспитание, да се наоружаме со мир, љубов, радост и толеранција и да не отстапиме од верата наша прадедовска, а сé останато ќе ни се придодаде. Ова се зборовите Христови и ова се Неговите завети до кои ние неговите следбеници безрезервно треба да се придржуваме. Светиот синод на Македонската православна црква на своите претходни две седници застана одлучно позади определбата за неменување на нашето уставно име. Ова ние не го направивме од националистички причини, туку од вистинољубиви побуди, бидејќи Црквата Христова е таа која најповеќе е повикана да сведочи за вистината и со сите свои духовни сили да ја одбрани правдата.

Повардарската Епархија во годината кога го славиме 50-годишниот јубилеј од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и 30-годишнината од создавањето на нашата богомспасувана Повардарска епархија продолжува и понатаму со градењето на новиот храм во центарот на Велес, посветен на семакедонските учители и просветители светите Кирил и Методиј. Овој храм, за нас како епархија има приоритетно значење, се разбира не занемарувајќи ги останатите градителски потфати, кои ние во претходната година веќе ги имаме започнато. Мораме да признаеме дека во овие тешки економски услови во Република Македонија градителски потфати и проекти многу е тешко да се изведат на време онака како што порано било планирано. Брзото реализирање на овие богоугодни дела сепак зависи од финансиските средства. Ние како Повардарска Епархија иако целосно посветени и со радост и љубов пристапуваме кон ова значајно дело, сепак со финансиски средства сме крајно ограничени. Од финансиите зависи и динамиката на изведба на работите. Затоа напоменувам дека сите наши браќа и сестри кои помагаат во изградбата на православни духовни светилишта во исто време се градат и себеси, ја градат и историјата, но и вкусуваат од залогот на вечноста. Градењето на храм колку што е аскетско, толку е и естетско дело. Во животот сé се променува - се менуваат времињата, цивилизациите, градовите растат или се намалуваат, но светилиштата остануваат вечни, токму поради вечните вредности што во нив се случуваат. Затоа браќа и сестри да градиме, бидејќи со тоа на идните генерации им оставаме во наследство култура, добрина и убавина.

Во овие моменти кога го чествуваме и славиме празникот на празниците да се поздравиме меѓусебно и да го поздравиме целиот свет со најбитните и најрадосните зборови:

 

 

„Христос воскресна - навистина воскресна!.

 

За многу години. Амин.

 

 

 

 
< Претходно   Следно >