


За православната вера и живот...
Предговор - Духовник на царското семејство | Предговор - Духовник на царското семејство |
| 6.10.2025. | |
|
Идниот архиепископ Теофан, роден е во селото Подмошје, во околината на Петерсбург. Долго време се сметало дека е роден во 1872, но најновите истражувања според документите доставени од неговите роднини покажаа дека тој е всушност роден на 31 декември 1873 година, како што стои и во неговиот зачуван пасош. При крштението добил име Василиј (Бистров). Неговиот татко, Дмитриј Николаевич Бистров, бил свештеник во истото село, кој заедно со својата презвитера Марија Ивановна Бистров израснале 5 деца, воспитани во традиционален православен дух. Марија во сон го видела својот син Василиј како стои на архиерејскиот престол и како го благословува народот, што се покажало дека е пророчки сон. Малиот Василиј се покажал дека многу талентиран, со многу дарови од Бога, па во текот на животот изучил и користел 11 јазици: староеврејски, арамејски, староегипетски, асировавилонски, санскрит, кинески и други. Откако дипломирал на Теологија продолжил со специјализација на катедрата за Библиска историја, и изработил дисертација на темата „Тетраграм, или старозаветното Божествено име Јахве“, која се смета за сериозно дело во богословската литература. Неговите полиглотски способности му овозможиле да ги чита изворните дела на светите отци на Црквата, па затоа и станал жива енциклопедија и еден од најобразованите богослови. На 21 ноември 1898 бил замонашен и ракоположен за ѓакон, па за јеромонах (на 6 декември истата година). На 28 јануари 1900 година бил произведен во архимандрит и поставен за инспектор за образование во Академијата. Извршил големо и позитивно влијание врз студентите, и благодарение на него, студентите не застраниле со Обновленците кои се појавиле во тој период.
Поради неговото образование, како и силниот подвижнички дух и нелажен живот, станал духовник на царското семејство. Служел Литургија во царскиот дворец, а царицата и четирите ќерки пееле на певница и секогаш се исповедале со солзи. На 22 февруари 1909 година отец Теофан бил ракоположен во епископски чин. По тринаесет години служење во Академијата бил поставен за викарен епископ на Полтавската епархија, а по две години бил испратен во Астрахан, а тамошната клима многу лошо влијаела на неговото здравје. По неколку години бил испратен пак во Полтавската епархија. Поради револуцијата во 1917 година морал да ја напушти епархијата и заедно со група епископи заминал во Крим и останал до 1920 година. Во 1921 група архиереи заминуваат во Југославија. Архиепископот Теофан бил поканет од неговите поранешни ученици, бугарски митрополити, па во 1925 заминал во Бугарија, и тој период се покажал како најплоден за пишување богословски дела. Во 1931 заминува за Франција и се населува во близина на Париз, и ќе живее буквално во пештери. Во тој период живеел како вистински аскет, служел секојдневно Божествена Литургија, и поради кревкото здравје и влагата, се разболел и се упокоил на 19 февруари 1940 година. Бил погребан во присуство на само четири луѓе, на гробиштата во местото Лимере. Подоцна неговото тело е пренесено во Русија. Животот на светиот Теофан да ни биде пример на сите, според неговите поуки и по неговите молитви, да зачекориме стабилно и непоколебливо по патот на спасението. Митрополит Повардарски г. Агатангел
|
| < Претходно | Следно > |
|---|