Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Поздравен говор при отворање на изложба
Поздравен говор при отворање на изложба
12.09.2025.

Поздравен говор при отворањето на изложбата „Семиња на светлината“ на Снежана Лазарова Луна

 

Драги браќа и сестри,

Најпрво би сакал да ви ги пренесам топлите и срдечни поздрави кои ви ги упати нашиот почитуван и возљубен владика - Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој од оправдани причини, и покрај големата желба, не е во можност вечерва да биде овде со нас присутен. Тој е голем поклоник и покровител на уметноста, и можеме слободно да кажеме, дека вечерва сме овде собрани токму заради неговиот благослов и поддршка. Исто така, сакам да ѝ се заблагодарам на г-ѓа Снежана Лазарова Луна што на мене ми овозможи да кажам неколку воведни зборови за оваа несекојдневна изложба на која таа има изложено дела со една ретка техника, за која речиси и да нема претходни примери со кои таа ќе може да се спореди или вреднува. Оваа техника е уникатна и посебна, како по својата првична идеја така и по својата симболика, која пак во себе крие многу тајни кои невидливо тлеат во срцето на уметникот. Уметноста, самата по себе, треба да радува, да опоменува, да укажува, да сведочи, да страда, да насочува и се разбира да воспитува и преобразува. Уметничкото дело кое не го зауздува, туку го поттикнува хаосот, во себе нема никаква вредност. Бадијала ќе ти биде сето знаење, сите поминати школи, сета вештина, ако на твоите дела е прикачено обично студенило, ако тоа во себе содржи мрак и безизлезност. Најголем позраз за секој вид на уметност е ако крајниот конзумент на уметничкото дело остане пред него духовно ненахранет, обесхрабрен, потиштен, збунет и растроен. За жал, ние живееме во едно такво време. Тажната уметност, со својата безидејност и безличност, од ден на ден сè повеќе го освојува и запоседнува просторот. Таа, честопати, од своите кругови се труди да истисне сè што е блиско до реалноста, до човечноста, па дури и до убавината со сите нејзини поими и облици, што самото по себе е голем парадокс.

За наша среќа, вечерва сме присутни на една изложба на која ни е прикажана една поинаква уметност. Оваа уметност позади себе нема ниту кванитет, ниту габарит, ниту некаква реклама, ниту грб кој ќе ја штити или пробива. Но затоа, што е уште поважно, оваа уметност има своја идеја, своја посебна приказна која неминовно секому тивко и незабележливо му се наметнува. Основа на оваа уметност е семето со своите природни бои. Овде секое зрно е вметнато во еден огромен и ограничен мозаик кој прави сликата да биде жива и да дише во својата природност. Од правилната поставеност на секое малечко зрнце зависи крајниот резултат, зависи конечната изразност на приказот. Малото семе ја прави големата слика. Тое е битен чинител на креираната убавина. Поетски кажано без неговата етика, нема ни естетика. Овој духовен аксиом одамна ни го имаат посочено токму Светите отци. Без морал и етика, нема духовен раст, ниту спасение. Оваа техника, односно оваа уметничка вештина, е некаков вид на природен филигран. Оваа вештина уште еднаш потврдува дека човекот е створен по образ и подобие Божјо. Една од неговите основни карактеристики е да биде креатор, налик на Бога, налик на неговиот Создател. И нему од Бога му е дарувано, преку делата на своите раце да создава нови светови во кои ќе се насетува сета слава Господова. Вечерва сме сведоци на еден таков свет, кој нашата почитувана сестра Снежана Лазарова со години го има строено, надоградувано и подигано. Како основна честица во него таа ни го има предложено семето. Семето е чест мотив во Христовите зборови. И тој многупати го има употребувано во своите спасоносни параболи и поуки. „Ако имате вера колку синапово зрно, ќе можете и планини да поместувате“ - тоа е една од најпознатитте и најцитирани Христови реченици. Господ Исус Христос не бадијала ги кажува овие зборови. Тој намерно сака да нè потсети дека и она што е ситно е многу важен и неизоставен дел од нашата стварност. И најситната компонента во материјата е неодминлива концесија на самиот живот. За да се постигне успех, да се оформи големата слика, потребно е долгорочно време и трпение. Старата мудрост вели дека подлога на секоја мудрост е трпението. Во делата на госпоѓа Снежана Лазарова неа ја има во изобилие. Токму заради тоа нејзината уметност плени, воодушевува и поучува. Во нејзините ликовни прикази има многу симболика, која лесно привлекува и инспирира. Таа во своите дела белината ја добила од оризот, а не од некаков хемиски препарат. Сите ние добро знаеме дека за растење на оризот е потребна плодна почва, потребна е голема количина на вода, многу топлина и макотрпен човечки труд и жртвување. Впрочем, секоја светлина во животот се заслужува и добива на истиот начин. Сенката во нејзините прикази е добиена од црното семе, кое во нашата колективна свест е запамтено како симбол на тешката судбина и страдањето на македонскиот народ. Црното семе е и ден-денеска присутно кај нас Македонците, тоа сè уште понекогаш ја уоквирува и ограничува светлината. Црното семе се сади во срцата човечки од нечестивиот ратар, но добриот христијанин со Божја помош и светлина, секогаш наоѓа начин од маката и тешкотијата да порасне разгрането дрво, под чии сенки ќе се засолнат птиците небески. Ваков е и нашиот македонски пиреј, од секој засек тој се множи?!

Затоа сме ѝ многу благодарни на госпоѓа Снежана што свесно или несвесно нè одведе во еден поинаков, но убав свет, кој е праслика на нашата реалност. Ве повикувам, почитувани присутни, да погледнете со окото на духот во нејзините изложени дела, па сами да пресудите и заклучите колку неизречени таинства се кријат дури и во најситното Божјо создание. Оваа вечерашна изложба на прекрасни дела од природни семиња, нека ѝ бидат поттик на Снежана Лазарова Луна да продолжи и понатаму да копа по овие пространи полиња, кои едвај чекаат некој да ги полее, некој со љубов да ги изрти и да ги послужи пред светот како најубава и највкусна храна која стоплува и закрепнува.

Ви благодарам на вниманието.

Протоѓакон Влатко Стоименов

 
< Претходно   Следно >