Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Велигденско послание на Митрополитот Агатангел
Велигденско послание на Митрополитот Агатангел
10.04.2025.

 

АГАТАНГЕЛ

 

По милоста Божја Митрополит Повардарски,

до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на

Македонската православна црква - Повардарска епархија,

а по повод Воскресението Христово - Велигден,

испраќа мир и благослов од Бога,

 

Драги браќа и сестри!

Пред сечиј дом, пред секое кревко човечко срце, денеска стои Воскреснатиот Спасител - Господарот на животот, Утешителот на повредените, Устроителот на секоја правда и добрина, Кој трпеливо и смирено го чека нашиот добар збор, нашето топло добредојде, за да ја проникне секоја внатрешност со Својата спасоносна благодат, за да ја подари Својата животворна сила, за да го прероди човекот, да ги избави и утеши раслабените и повредените и од денешниот ден да направи сенароден празник на животот, на љубовта,  на радоста и на човечноста.

Денес, на смртта ѝ го празнуваме умртвувањето, на адот - разурнувањето, на сè што е слабо и ограничено - вечноста, на крајот и заборавот - новиот почеток, на сомнежот и неверата - благородната надеж и непоколебливата вера и знаење.

Со Христовото Воскресение се избриша границата меѓу небото и земјата. Преку овој славен и неповторлив настан од Бога беше прегрната земјата, а на небото се насели човештвото. Богочовекот Христос стана нашата вечна поткрепа, нашиот бедем и тврдина. Застана Он во времето и просторот, ги симна оковите на секој заробеник, ги преврза раните со елеј на секој раненик, го зема во Своите раце знамето на победата, ги разруши портите на смртта и како Воскреснат Син Божји седна од десната страна на Отецот.

Благословен е нашиот Бог, Кој со Својата голема милост нè разреши од гревовите, ги очисти страстите и похотите, го уништи проклетството на распаѓањето и го закопа стариот човек. Долгоочекуваниот Месија, Кој живееше меѓу луѓето, ја покажа на дело Својата неизмерна и божествена љубов. Претрпе Он секакви понижувања, отфрлања, маки и страдања, и пред самиот крај, кога неправедно беше високо издигнат на крстот, секому му прости, за секого се зазеде и секој што е гладен и жеден го повика и го покани на трпезата Господова, за да биде еднаков учесник и наследник на вечното Царство Небесно.

Возљубени мои духовни чеда!

Во светоста Господова ја видовме правата светлина. Сонцето на правдата воскресна од мртвите и ги освети идните денови и векови. Неговите зраци го дадоа сјајот на верата, од нив се распламти љубовта и во раскош се облече мудроста. Во иднина, кога во душата на верникот ќе биде воскрилена молитвата, од Бога ќе ѝ биде испратена благодатта која ќе го погази злото и бедата, а на секое постоење ќе му биде дадена житејска смисла и виталност. Блаженството повеќе нема да биде недостижен сон и мечта, туку наша реалност и сегашност. Славата на преобразениот човек нема да е нешто што само ќе се наѕира како провидение, зашто вечната светлина на Живиот Бог, на Отецот и Синот и Светиот Дух, е громогласна молња која истовремено секого ќе го просветлува и никого нема да поразува. Ние, христијаните, веруваме во Воплотениот и Воскреснат Спасител, Кој нè ослободи од законот на гревот и од канџите на смртта. Он е нашиот залог и залет кон вечноста, на Него како на цврст темел е построена секоја наша идна надеж. Во нас, за навек живее Духот на Оној Кој Го воскресна Исуса од мртвите. Он ќе ги оживотвори и нашите смртни тела. Пред нас, преку Него, изобилно е спрострена благочестива иднина, во која ќе биде израмнета секоја сегашна несовршеност и нерамнина. Нашиот Бог, Кој е богат со милост, поради Својата голема љубов ќе нè оживее со Христа, ќе нè воскресне и восинови на небесата, и од Своето огромно богатство на Својата благодат, врз секое создание што живее во правда и вистина изобилно ќе го излие Својот елеј и Своето исцелително миро. Сите ние ќе примиме капка од оваа утринска роса која чека да падне врз секоја жедна душа, која ќе го разбистри секое око, кое со копнеж гледа во висините и се надева на вечните рајски населби.

Возљубени мои Македонци и Македонки!

Во тага и со тешка скрб на душата влегуваме во овој празник. Нашите мисли и понатаму се обременети со страшната несреќа и трагедија во Кочани. Молитвите наши се упатени кон Бога со надеж и уверение дека ќе ја прегрне и упокои секоја невина душа. На секој родител нека му биде дадена делотворна утеха. На секој повреден нека му биде дадено брзо и успешно исцеление. Кога Христос бил предаден во рацете на непријателите, неправедно бил суден, исмејуван, измачуван и на крајот убиен. Покрај Него останале малкумина Негови верни следбеници, кои во ужас биле приморани да гледаат како пред нив бива згазена и поразена невиноста. Тешко било во тие моменти да бидеш пријател Христов. Но, колку подлабока и помрачна да била оваа тага, толку поторжествено блеснала над неа радоста. Господ Бог, повторно и повторно, ќе го земе во Своите пазуви секое натажено срце кое посредно или непосредно зело учество во Неговите крсни страдања. Секој што на Него се надева и потпира ќе биде соучесник во Неговото славно Воскресение. Верните чеда на Црквата Христова се Негови наследници. Секој оној што со Христа страда, со Христа и ќе се прослави. Несреќата во Кочани сите нè обедини, без разлика на нашето потекло, вера или убедување. Надлежните државни институции, обвинителството, полицијата, здравството успешно и брзо реагираа во справувањето со оваа страшна криза. Му благодариме на Бога што солидарноста и човечноста насекаде беа видливи. Колку што посакуваме и се молиме ова никогаш да не ни се повтори, толку и се надеваме дека во нашето македонско општество нема да престане милосрдноста кај луѓето. Нека ни даде Господ сили да истраеме во секое добро дело.

Сите ние како православни христијани ќе треба да научиме правилно да ја ползуваме светлината, која денес ни ја дава Воскреснатиот Господ Исус Христос. Да внимаваме на себе, правилно да постапуваме, нашето празнување нека биде облечено во дух, во мир и во секоја чистота. Само така ќе бидат возвишени нашите души. Од нас зависи дали себеси ќе се победиме и дали своите слабости ќе ги надминеме. Заедницата се гради од секој поединец, од секоја личност. Одвнатре се уредува и општеството, но и нашата непосредна околина. Не постои сила, па колку и да е таа добронамерна, која однадвор ќе ја присили волјата на поединецот за таа поинаку да постапува. Секој родител ќе треба посебно да се устреми во грижата за своите деца. Нивната добробит и нивната светла иднина во голема мера зависат од нашата цврста убеденост во редот, поредокот и во секоја лична дисциплина. Само така ќе бидеме пример за нашите потомци, само така во добро наследство ќе им ја оставиме нашата татковина Македонија, која за нив ќе биде чист и убав спомен како за родното огниште, така и за нашето славно минато и историја кои пак се сеопшто завештание за нашата македонска светла и благочестива иднина. Пред злото кое демне со сите свои лажни наслади, не смееме да покажеме слабост, страв и нерешителност. Бог ќе нè поткрепи да истраеме во оваа битка, зашто Он ја наградува секоја трудољубивост, секоја добра намера и секоја благородна мисла.

Драги браќа и сестри!

Кој празнува со чисто срце, тој празнува со ангелите. Кој празнува во љубов кон Христа и кон својот ближен, тој празнува и со Небесната Црква. Кој пребива во љубовта, тој пребива во Бога, а и Бог пребива во него. Денеска на Велигден, широко се отворени Царските двери на небесното светилиште, низ кои влегуваат сите оние што чинеле смирени дела на покајание. Да се удостоиме и ние како народ Божји за оваа чест и за оваа неизмерна радост. Христос воскресна од мртвите и низ целиот свет се разлеа бесмртноста, Христос воскресна од мртвите и засекогаш му се одзема силата на исчезнувањето, Христос воскресна од мртвите и се зацари мирот и спокојот во секоја повредена и натажена душа. Христе - Победителу! Во искрена молитва Ти се обраќа нашиот дух, посеј го семето на Твојата евангелска вистина, испрати ни обилен дожд од Твојата божествена благодат, порасни го во нас дрвото на Твоето спасение! Прими ги овие наши зборови како бескрвна жртва пред Престолот на Твојата возвишена слава. Разлеј ја засекогаш во нашата утроба светлината на Твоето Воскресение. Дверите на нашето срце стојат отворени во очекување на Твојата посета. Вдахни ја благодатта на Твојот Свет Дух и посади го во нас Твојот вечен и божествен мир. Чувај ја нашата татковина Македонија од секоја напаст, поделба и несреќа. Овој Велигден нека биде радост за нашиот македонски народ и за сите други народи кои се надеваат на Бога и на Неговиот Воскреснат Син. Вечно насели го во нас Господи, дарот на Твоето неизмерно човекољубие!

Христос Воскресе - Навистина Воскресе!

На Велигден во Велес, 2025-то Лето Господово

 

 

 
< Претходно   Следно >