Предговор на книгата „Средба со Бог“ |
10.04.2024. | |
Предговор
На 7 декември 2019 година замина кон вечноста големиот духовник од наше време, преподобниот отец Ефрем Филотејски и Аризонски. Фиданка од коренот на светиот старец Јосиф Исихаст, кој го надмина дури и својот духовник во монашкиот живот и подвиг. Со негов благослов формираше речиси 20 манастири во Северна Америка и Канада. Роден е на 24 јуни 1928 година во Волос, со крстено име Јоани Мораитис. Детските години ги поминал во сиромаштија, помагајќи му на својот татко во работата, а секогаш го следел примерот на неговата побожна мајка, која подоцна станала монахиња, со името Теофанија (Теофано). На 14 годишна возраст почувствувал потреба да стане монах, но со благослов од неговиот духовник заминал на Света Гора откако наполнил 19 години. Со неговото доаѓање на Света Гора бил примен во братството на старец Јосиф, во пештерата на Светиот Претеча, а девет месеци подоцна бил замонашен со името Ефрем. Под духовно раководство на старец Јосиф бил ракоположен за ѓакон и свештеномонах. По смртта на старец Јосиф во 1959 година, околу старец Ефрем се собираат повеќе монаси кои го избираат за свој духовен раководител. Во 1973 братството се преселува во запустениот манастир Филотеј, кој со неговото доаѓање доживува вистинска ренесанса, во него доаѓаат многубројни млади монаси. Свештената епистасија на Света Гора му предлага да ги обнови и заживее и другите запустени манастири, кои останале со малку престарени монаси, како Ксиропотаму, Констамониту и Каракалу, и тие манастири преминуваат под негово духовно раководство. Исто така станува духовник и возобновител и на неколку манастири надвор од Света Гора како што се: Свети Јован Крстител во Серес, Богородица Одигитрија во Волос и оној на Архангел Михаил, кој беше поранешен метох на манастирот Филотеј на островот Тасос. Во 1979 година старецот Ефрем пристигнува во Канада поради здравствени проблеми. А времето од неговиот престој таму тој го искористува за да исповеда, да советува, да поучува и да ги врати во верата грчките мигранти. Неговата пастирска дејност од Канада се преселила во САД и таму продолжува со неговата мисија, каде што ќе се пресели конечно во 1990 година, откако се откажа од игуменската должност во Филотеј. Старецот Ефрем стана вистински сад на благодатта, од кој доаѓаа да пијат сите духовно жедни и гладни од Американскиот континент, и наскоро Аризонската пустина се преобрази во Силоамска бања, чии што благодатни текови ги исчистуваа, измиваа душите на сите верни чеда, и многумина посакаа да го следат неговиот монашки пример, па така почнаа да се полнат манастирите со нови монаси и монахињи, според зборовите од Евангелието: Каде е трупот, таму се и орлите. На македонските верници веќе им е познат старецот Ефрем преку книгите „Духовно-отечки поуки“ и „Мојот живот со старец Јосиф“, која ја издадовме пред неколку години. Книгата која ја имате пред вас е зборник од негови беседи на разни теми од духовниот живот. Посакувам оваа книга да стигне во секој православен дом, секој верник да ја прочита, да учиме и да живееме според неговите благодатни зборови, па, дај Боже, да видиме негови наследници и во Македонија. Амин.
Митрополит Повардарски + Агатангел
|
< Претходно | Следно > |
---|