Првите знаци на преродбата кај македонскиот народ |
20.03.2008. | |
Првите знаци на преродбата кај македонскиот народ
Македонските црковни-училишни општини
Преродбата во Македонија
Почетоците на македонската преродба од првата половина на XIX век започнала токму во црковните средини, најпрво во областа на просветата. За отворањето на училиштата на македонски народен јазик најпрво и најповеќе се потрудиле македонски монаси од светогорските манастири. Тие прво отвориле едно вакво училиште во светогорскиот манастир Зограф. Потоа ги помагале поблиските македонски градови да си отворат и тие такви училишта. Еден од најактивните зографски монаси, архимандритот Анатолиј, се обидел во 30-те години на XIX век да отвори и печатница во својот манастир, но таа не успеала да проработи. Паралелно со отворањето на нашите народни училишта се појавуваат и првите наши литературни дејци, кои истовремено биле и гласници на културната преродба на Македонците. Тоа се отец Јоаким Крчовски и неговиот помлад современик отец Кирил Пејчиновиќ - Тетоец, кои биле дел од македонското православно свештенство. Печатницата на отец Теодосиј Синаитски Отец Теодосиј Синаитски, е роден во Дојран во втората половина на XVIII век. Се школувал во грчки училишта во Цариград. Ова го знаеме од неговата автобиографија. Световното име му било Теохар. По враќањето во Дојран се оженил и бил ракоположен за свештеник. Попадијата рано му починала и тогаш почнал да ги посетува македонските манастири, а во 1828 година заминал во Синај - во манастирот „Света Екатерина”, каде се замонашил под името Теодосиј, а по манастирот бил наречен Синаитски. Синаитскиот манастир со векови ги привлекувал Македонците што копнееле за духовни христијански подвизи и за аскетска просвета. Уште во XI век таму престојувала цела македонска колонија, која ја развила старата македонска книжевност. Таму се најдени македонски глаголски споменици - Синајскиот псалтир и Синајскиот требник. Одликувајќи се со исклучителен побожен и аскетски живот отец Теодосиј подоцна станал архимандрит на манастирот. Таму почнал да ја учи словенската писменост и да преведува молитви од грчки на македонски, испраќајќи им ги овие преводи на своите синови во Дојран. Во 1831 година тој престојувал во Солун, каде на македонски јазик служел во црквата „Свети Мина”. Истовремено ја извршувал и службата и собирал милостиња за својот манастир низ Македонија. Тогаш се запознал со отец Кирил Пејчиновиќ, со Јордан Хаџи Константинов - Џинот и со други преродбеници. Откако одблизу осознал дека на неговиот македонски народ му е потребна македонска, а не неразбирлива грчка книга, одлучил да отвори македонска печатница во Солун во 1838 година. Во првите три години во неговата печатница биле отпечатени три книги. Неговата печатница изгорела во голем пожар, кој бил подметнат, и бил уништен голем дел од солунската чаршија. Набргу по несреќата, со материјална помош од отец Кирил Пејчиновиќ, печатницата била обновена и продолжила да печати нови книги, но потоа уште еднаш била изгорена. По вториот пожар отец Теодосиј се повлекол во своето родно место Дојран и таму го дочекал и крајот на својот живот некаде во почетокот на педесетите години од XIX век. Во печатницата на отец Теодосиј се печатени книгите: „Началное учение со молитви утренија” - катихетска книга напишана од отец Анатолиј Зографски, кој бил родум од Лазарополе. „Краткое описание на дванаесет атонски манастири во Света Гора“, која претставува водич по Света Гора и дава опис на манастирите. Испечатена е и книгата „Утешение грешним“ од отец Кирил Пејчиновиќ, која исто така е катихетска книга, која ги утврдува христијаните во нивниот побожен подвиг. Од печат е излезен и речник за учење на три јазици. Во неа, во три колони, паралелно се дадени зборови и реченици на македонски, грчки и турски јазик. Научните истражувања утврдиле, дека македонскиот и грчкиот текст се препечатени од познатиот Четиријазичник на даскалот Данаил, а турскиот го додал приредувачот на книгата. Книгите печатени во печатницата на отец Теодосиј Синаитски се основното семе во формирањето на македонскиот литературен јазик, но тие исто така дале голем придонес за ширењето и утврдувањето на православното христијанство во Македонија. Бидејќи биле пишувани на народен јазик, тоа само сведочи за посебноста и самобитноста на народот кој го зборувал овој јазик. Овие книги се победа над туѓиот грчки јазик, кој во тоа време доминирал во македонските црковно-училишни средини. |
< Претходно | Следно > |
---|