Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Историја на Македонската Православна Црква arrow Свети Наум Охридски
Свети Наум Охридски
20.03.2008.
Свети Наум Охридски
 

По враќањето од Велика Моравија, свети Наум бил задржан од бугарскиот кнез Борис во манастирот посветен на Светите Архангели кај градот Плиска. Таму, во тие краишта тој бил проповедник на христијанството околу осум години. Кога свети Климент бил избран за епископ на Дремвицко-величката епархија, тој го условил прифаќањето на ова високо црковно достоинство со доаѓањето на својот собрат и сотрудник при мисионерските патувања свети Наум во Македонија. Барањето на свети Климент од страна на царот Симеон било исполнето.
Свети Наум по враќањето во Македонија во 893 година се оддал на испоснички и монашки живот. Го изградил манастирот посветен на Светите архангели Гаврил и Михаил, на другата страна од Охридското езеро, на спротивната страна од манастирот „Свети Пантелејмон”, во кој служел, живеел и се подвизувал Свети Климент. Овој манастир е изграден во 895 година, а бил осветен од страна на Свети Климент. Во него Свети Наум го примил монашкиот чин. Манастирот денес го носи неговото име, а во манастирската црква се наоѓа и наумовиот гроб.
Свети Наум е познат како препишувач и преведувач на проповедничка и друга богословска литература. Со оваа дејност одиграл видна улога во развојот на македонската книжевност и култура. Познат е како голем молитвеник, духовен учител и раководител на монасите и  основоположник на манастирскиот општежитеен монашкиот живот во Македонија и пошироко.
Свети Наум бил погребан во својот манастир. Тука и денес се наоѓаат неговите свети мошти. И по својата телесна смрт тој е наш силен молитвеник и чудотворец. Неговите свети мошти се чудотворни и на неговиот гроб во манастирот Свети Наум, во Охрид, и ден денес се случуваат чуда. Многумина кои со вера му се имаат обратено за негово молитвено застапништво пред престолот на Бога се имаат здобиено со избавување од телесните и душевните страдања.
Заради својата богата црковна и просветителска дејност кон крајот на X век свети Климент и свети Наум се канонизирани и признаени од целата Христијанска црква за светители и наши застапници и молитвеници пред лицето Божјо. Денешната обновена Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква за свои патрони и молитвени застапници ги има токму Светите охридски исцелители и чудотворци Климент и Наум.


 
< Претходно   Следно >