Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow „Моќта на името“ - ново издание

Sample Image   

Возљубени чеда во Христа Спасителот,

Исполнети со огромна духовна радост од последните торжествени настани во нашата Богомдарувана Повардарска епархија, односно осветувањата на две нови духовни светилишта во градовите Гевгелија и Кавадарци, би сакале да Ве известиме дека сите заедно ќе посведочиме уште на еден таков радосен духовен настан.

На 14 Ноември 2021 година, ќе ја осветиме црквата „Св. Атанасиј Велики“ во центарот на градот Богданци. Оваа црква која првично е изградена во 1880 година, поради спој во електричната инсталација беше целосно опожарена во 2014 година. Ова беше голема духовна загуба и за жителите на градот Богданци, и воопшто сите верници на Македонската православна црква. Но и при оваа неволја за градот Богданци и за неговите жители, како и за Повардарската епархија, не останавме рамнодушни, туку напротив веднаш започнавме со изградба на нов импозантен храм кој одново ќе го краси овој град. Со Божја помош и благослов, успеавме во нашите намери.

Тој ден е 14 ноември. Храмот на светиот Атанасиј, архиепископот Александриски, повторно ќе биде духовен светилник на Богданци. Затоа дојдете, заедно, соборно да се радуваме на неговото осветување.

 Митрополит Повардарски г. Агатангел

 
 
„Моќта на името“ - ново издание
30.08.2021.

Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Моќта на името“. Оваа книга е зборник од текстови од светите отци, како и од современи богослови посветени на Исусовата молитва. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Станка Бикова.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Предговор на книгата

Книгата која ја имате пред себе е еден вид зборник за Исусовата молитва. Кога станува збор за оваа молитва, најпрво помислуваме дека тоа е монашко дело, но, откако ќе ја прочитаме книгата, во која се содржат боговдахновените мислења на светите отци, како и од современи богослови, ќе сфатиме дека секој христијанин, без разлика дали има некаков призив во клирот или се работи за обичен верник, е повикан да го исполнува ова свештено дело. Секој од нас е повикан да биде дел од „царското свештенство“, кое во олтарот на своето срце, секојдневно ќе му принесува молитви и воздишки на нашиот Спасител и Господ Исус Христос, како лична жртва, чиста и непорочна, која Бог ќе ја прими во Својот наднебесен и духовен жртвеник, а за возврат ќе ни ја испрати благодатта на Светиот Дух.

Преку молитвата зборуваме со нашиот Бог. Каква привилегија ни дал Бог, да му се обраќаме лично, како деца на својот родител, и пред Него да си го отвориме срцето, пред Него да ги кажеме сите наши маки и страдања. Притоа, да не ја претвориме молитвата во постојано себесожалување и себеоплакување, туку молитвата ни служи за да Го бараме Бог. А Бог е тука, блиску, и нашето срце е Негов престол. Но, колку се грижиме ние за чистотата на нашето срце? Зарем смееме да дозволиме Бог да влезе на нечисто место? „Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство. Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот“ (Марко 7, 21-23). Нема човек без грев и без страсти, но во Црквата Бог ни дал и средства за очистување, за лечење. Имено, светите таинства, покајанието и исповедта, Светата Причест, проследени од постот и молитвата, милостината и простувањето, се најдобрите средства за очистување од сите гревови и страсти. И самата Исусова молитва е токму тоа, исповедање на верата во Спасителот Исус Христос, Синот Божји, но и постојано покајание пред Него.

Каде што нема пост и молитва, таму има дувло на демони – вели светиот Филарет Московски. Исусовата молитва не може да се исклучи од севкупниот живот на верникот, не може да биде одвоена од подвизите и Литургијата на Црквата, не може да се практикува без православно исповедање на верата. Секој обид, да се практикува оваа свештена молитва, надвор од Светата Литургија, или надвор од Православната црква, завршува со тотален неуспех и застранување со умот. Тоа не значи дека треба да се плашиме од молитвата, туку напротив, да се охрабриме, да ја практикуваме, но за ова да ги имаме како предуслов послушноста кон духовникот и кон Светата Православна црква, љубовта кон Бог и кон ближните, смирението и другите добродетели.

Во денешно време, како и во вековите пред нас, сите свети отци алармираат дека нема повеќе добри духовници, кои ја практикуваат Исусовата молитва, па затоа сите ни препорачуваат да се учиме на молитва од делата на светите отци, кои имале големо духовно искуство и постигнале висок степен на духовно растење. Оваа книга ја издаваме токму со таа цел, да се научиме на оваа „уметност над уметностите“, но никако да не го правиме тоа самостојно, без надзор од духовник, оти подобро да сме послушни на духовник почетник, отколку да му бидеме послушни на нашиот опрелестен ум. Заради послушноста кон духовникот, Бог ќе ни испрати благодат и таа благодат ќе нѐ раководи во духовниот живот.

Да читаме, да се молиме, да напредуваме во духовниот живот, да се искачуваме по небесната лествица на добродетелите, секогаш во содејство со Божјата благодат, за наше спасение и за слава на Бога. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

 

 
< Претходно   Следно >