Старец Ефрем Катунакиски - ново издание |
11.12.2019. | |
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Старец Ефрем Катунакиски“. Оваа книга го содржи житието на овој прославен светогорски богоугодник, а токму од неговиот подвиг можеме многу да научиме, за духовниот живот, за молитвата, послушноста, за верноста кон преданието на Црквата. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Маја Цаневска. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231. Предговор на книгата Еден од најпознатите монаси, чија што светост ја прослави Света Гора во последниве неколку децении, е токму старецот јеромонах Ефрем Катунакиски. При неодамнешната посета на Света Гора, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј соопшти радосна вест, дека наскоро ќе бидат прославени четворица светогорци, меѓу кои и преподобниот Ефрем. Исто така треба да спомнеме дека оваа книга беше преведена пред неколку години, и постојано се одложуваше нејзиното печатење, и токму сега, во навечерието на неговата канонизација, ете, на Бога Му беше угодно да биде објавено неговото житие, за да можат македонските верници да дознаат за кој и каков светител се работи. Старец Ефрем уште од младоста го засакал монашкиот живот и на возраст од дваесет и една година заминува во Градината на Пресвета Богородица, кај старците Никифор и Ефрем за да стане монах. После периодот на искушеништво бил замонашен, а потоа и ракоположен за свештеномонах, и целиот свој живот го поминал служејќи секојдневно Божествена Литургија. Молитвата, Литургијата и послушноста се неговите најистакнати карактеристики. Молитвата ја засакал уште од детска возраст, и никогаш не ја напуштил, а особено на Света Гора, кога станал ученик на старец Јосиф Исихаст, уште повеќе ја засилил. Неговиот живот бил исполнет со многу подвизи, чуда, откровенија и искушенија. Благодатта Божја, осветувањето на Чесните Дарови, ангелите сослужители – тоа било негово секојдневие, како нешто највообичаено. Го гледал агнецот на трпезата како жив и легнат Христос, Кој лежи со прекрстени раце, и тој морал со копјето да го сече. Од таквите потресни виденија, кои не биле ретки, од неговите очи бликале солзи, така што на крајот од Литургијата антиминсот бил веќе целиот воден. Во последните години, кога поради болест не можел да служи, тогаш најмногу страдал, затоа што бил лишен од Божествената благодат и утеха. Имал од Бога дар да ја гледа благодатта како слегува врз даровите и како ги осветува. Во извесен период, поради послушност кон својот старец, не го спомнувал името на Патријархот на Литургијата, и повторно ја гледал благодатта како слегува и ги осветува даровите, но чувствувал дека постои некаква пречка. По смртта на старецот повторно почнал да го спомнува името на Патријархот, и тогаш пак се осветувале даровите, но пречката исчезнала. Од неговото житие и поуки можеме многу да научиме, за духовниот живот, за молитвата, послушноста, за верноста кон преданието на Црквата. Свештенослужителите можат од него да учат како и со какво расположение треба да ја служат Божествената Литургија, монасите, пак, како да му бидат послушни до последен здив на својот старец. Со вера да го читаме неговото житие, да се надградуваме и да се учиме на духовен живот, да го спомнуваме овој новопрославен светител во нашите секојдневни молитви и да бидеме уверени дека неговите молитви и благослов ќе нѐ закрилуваат, ќе нѐ водат напред во духовниот живот. Амин. Митрополит Повардарски +Агатангел
|
< Претходно | Следно > |
---|