Испечатена Литургијата за мешан хор од Атанас Бадев |
21.03.2014. | |
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, за прв пат во поновата историја на Македонската православна црква, се подготви и испечати Литургијата за мешан хор од Атанас Бадев. Преписот на Литургијата во дигитална форма го подготви професорката Веселинка Маџарова, која е и диригент на младинскиот црковен хор на Повардарската епархија „Св. Кирил и Методиј“. Ова најново издание на издавачката дејност на Повардарската епархија, „Св. Ѓорѓи Полошки“, ќе ја има својата промоција во понеделник, на 24. 06. 2014 година, во рамките на Великопосниот концерт на хорот „Св. Кирил и Методиј“ од Велес, кој ќе се одржи во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес со почеток во 18, 00 часот. Концертот ќе го проследи и Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и македонски г. г. Стефан.
Во прилог можете да го прочитате и предговорот на ова издание „Со псалми, и химни, и со духовни песни, пејте Му на Господа и воспевајте Го во вашите срца“ (Ефес. 5,19)
Уште во Стариот Завет богослужението било проследено со музички инструменти и со пеење на псалми, химни и молитви. Во првите векови од историјата на христијанската црква, поради многуте и чести гонења, до IV век немало организирано некое посебно пеење, затоа што условите не дозволувале да се пее гласно, туку Литургијата се служела во катакомбите или на отворен простор, далеку од населените места. Но со давањето слобода на Христијанството се појавува и потребата од организирано и поторжествено пеење. Веројатно во Сирија се појавува и невматската нотација, и тогашното црковно пеење почнува да се збогатува со многу национални елементи; секој народ внесувал свои украси, свои стилови на пеење, и така како синтеза од повеќе влијанија настанува византиското пеење кое е заедничко дело и наследство на сите охристовени народи. Некогаш сиот народ „со една уста и едно срце“ Му пеел на Господа, Му принесувал заеднички молитви, молби и благодарења, но со опаѓањето на црковноста кај народот, пеењето станува обврска и привилегија само на една група пејачи, која се нарекува хор. Хорското пеење е специфично претежно за Западната римокатоличка црква, а од кај Источните цркви само Руската го има развието овој вид на пеење, и сѐ уште работи на негов развој и афирмација, додека, пак, древните патријаршии, грчките цркви, романската, и останатите словенски цркви повеќе се наклонети кон источното византиско пеење. Целта на пеењето е да ги воведува верните во длабочините на духовниот живот, да навлезат во содржината на текстот и да поттикне во нив разговор со Бога. Не смее да се дозволи црковното пеење да се претвори во опера, концерт или некаков уметнички настап. Црковното пеење треба да го смирува духот, да е скрушено и да извира од молитвени срца, и тогаш и верните го чувствуваат тоа, и таквото пеење ги поттикува да се молат, да учествуваат во молитвите на Црквата. Но штом пеењето се извршува премногу бавно или премногу брзо, или премногу гласно или помпезно, тогаш пеењето од духовно девалвира во душевно, сентиментално пеење, кое единствено ги дразни чувствата на присутните, но не ги поттикнува на молитва. Затоа е многу значајно самите диригенти и хористи да имаат духовен опит, да го живеат животот на Црквата, да учествуваат во Литургијата, и само тогаш ќе знаат како да пејат правилно, како што Му прилега на Бога. Литургијата на великиот македонски композитор и музичар Атанас Бадев беше присутна повеќе децении во македонските храмови, во училишните хорови, но сите работеа според некои стари ракописи и бледи фотокопии. Иако им беше понудено и на други, единствено госпоѓата Веселинка Маџарова, наставник по музичко образование и диригент на детскиот црковен хор „Свети Кирил и Методиј“, се нафати и вешто го дигитализираше бледиот ракопис, па отсега, благодарение на неа, сите хорови ќе имаат пред себе прекрасно отпечатена книга од Литургијата на Бадев. Господ да ја благослови за нејзиниот беспоштеден труд и пожртвуваност при издавањето на ова дело, и да ѝ даде сила и благослов за компонирање и издавање и на авторски дела, а на останатите трудбеници од таа фела да им биде стимул и пример за трудољубивост и посветеност.
Митрополит Повардарски † Агатангел
|
< Претходно | Следно > |
---|