Нова книга од Повардарската епархија |
25.02.2014. | |
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Пејач на покајанието“. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе, обработи и подготви од руски и бугарски јазик, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Книгата е зборник од Великопосни проповеди, а е подготвена од изворниците: „Глас на Благовестието, Том ІІ“ од Макариополски епископ д-р Николай и „ВРЕМЯ ПОКАЯНИЯ“ од Архимандрит КИРИЛЛ (Павлов). Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.
Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга. Најубав и најдинамичен период во црковната година е Велигденскиот пост. Во него сѐ се менува: распоредот на богослуженијата, бојата на свештеничките одежди, празнично-покајничкиот карактер на богослужбите, камбаната се заменува со клепало, светлите бои се заменуваат со темни, мрсните продукти на трпезата со посни. Во тој период сиот амбиент во храмот е поинаков, сѐ нѐ потсетува на промена, на очекување нешто да се случи. Така е пред секој голем настан во Светото Писмо и во животот на Светата Црква. Секогаш големите очекувања, големите настани се проследени со пост и молитва. Така е во Црквата, веќе со векови, пред големите празници да се подготвуваме со пост и молитва. Велигденскиот пост е најдревен и најзначаен во духовниот живот на Црквата. Преку него огласените се подготвувале за Светото Крштение, а христијаните се подготвувале за дочекување на Воскресението Христово, очистени преку постот, молитвата и покајанието, да можат да се причестат со Телото и Крвта Христови. Покрај постот и молитвата, покајанието е најнагласено во текот на Велигденскиот пост. Светиот и богоглаголив Андреј Критски напишал прекрасно богословско дело, во стихови, во кое преку библиски метафори и алузии нѐ насочува кон длабочините на душата, кон најскриените, најмрачните, најболните места во кои треба да се симнеме, и да Го повикаме Господ Исус Христос да дојде и да нѐ очисти, да нѐ исцели и да нѐ спаси од гревот и од неговата последица – смртта. Канонот на свети Андреј се чита во првата седмица од Великиот пост, во првите четири дена по еден дел, и на крајот, во четвртокот од петтата седмица се чита цел. Покрај канонот на свети Андреј Критски, особено место во великопосните богослужби зазема и молитвата на свети Ефрем Сириски „Господи и Владико на мојот живот“, која секојдневно се чита за време на постот, за да ни ја нагласи потребата од нашето покајание и промена, оставање на гревовите и стекнување на добродетели. Многумина наши браќа и сестри присуствуваат на овие богослужби, но не можат да навлезат во нивната длабочина и смисла затоа што не ги разбираат доволно, не го знаат нивното значење. Токму затоа, гледајќи ја пастирската потреба од ваква книга, и за да им ја доближиме убавината и длабочината на овој период со сите негови елементи на сите наши браќа и сестри православни христијани, ја преведовме и објавуваме оваа книга со великопосни проповеди, насловена како „Пејач на покајанието“. Досега многупати се објавувани проповеди за евангелските читања, а во оваа книга, за првпат во историјата на нашата Света Македонска Православна Црква се објавуваат проповеди кои се базираат на апостолските читања. Во неа се опфатени неделите од Велигденскиот пост, почнувајќи од неделата на Митникот и Фарисејот, потоа голем број проповеди за Канонот на свети Андреј, кои всушност претставуваат централна тема на оваа книга, и проповеди за Великата или Страдална седмица, кои завршуваат со проповедта на Велика Сабота. На сите кои сакаат да ја разберат убавината на Великиот пост и свесно да учествуваат во великопосните богослужби, од длабочината на моето срце им ја препорачувам оваа книга, можеби не многу голема по бројот на страни, но огромна според своето значење. Бог да ги благослови сите кои читаат и се поучуваат во верата, и се трудат да растат во животот според Христа и во Христа. Амин.
Митрополит Повардарски † Агатангел |
< Претходно | Следно > |
---|