Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Испечатена книгата „Старец Јосиф Исихаст“
Испечатена книгата „Старец Јосиф Исихаст“
30.01.2014.

Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Старец Јосиф Исихаст“. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе свештеник Борислав Бобевски. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

 

Предговор на книгата „Старец Јосиф Исихаст“

 

Еден од најголемите старци од дваесеттиот век, кој остави длабоки траги во опитот на Црквата, и кој слободно може да се нарече обновител на исихастичкото предание, е токму старецот Јосиф, за кого е и оваа книга. Тој потекнува од островот Парос, и уште во детска возраст останува без татко, па затоа бил принуден да работи многу за да се прехрани семејството. По завршувањето на воениот рок започнува да ги чита делата на Светите Отци и напојувајќи се од тој благодатен извор на чиста вода, од која оние кои пијат, никогаш не ожеднуваат, добива силен копнеж по монашки живот. Уште во детска возраст тој се трудел да живее подвижнички, одел на Света Гора каде што запознал многу свети духовници, и со сето срце копнеел да остане и тој таму, до последен здив, да се бори до крв, за да прими дух.

На Света Гора заминува и се запознава со младиот Арсениј, кој штотуку се вратил од Светата земја, каде што со помош на младиот јероѓакон Василиј (подоцнежниот старец Јероним Егински) навлегува во длабочините на умносрдечната молитва. Со ист стремеж и желба за молитва и подвижнички живот, тие стануваат послушници кај познатиот исихаст старец Калиник. Потоа се запознаваат со старците Јосиф и Ефрем – родени браќа по потекло од Албанија, а од рацете на старецот Ефрем, младиот Франциско прима монашки постриг и ново име – Јосиф.

По смртта на нивните старци, овие двајца млади монаси ќе сменат повеќе скитови. Во тој период, како пчели околу благомирисни цветови, ќе се соберат и повеќе млади послушници околу нив, меѓу кои се старците Харалампиј Дионисијатски, Ефрем Катунакиски, Ефрем Филотејски, Јосиф Ватопедски и други духовници, кои ќе влијаат на преродбата на Светогорските манастири, но и надвор од Света Гора, па дури и во дијаспората.

Во оваа книга, која всушност претставува зборник од неговите писма, испраќани до повеќе личности – клирици, монаси и лаици, на различни места и периоди, ќе најдеме драгоцени поуки за молитвата, за благодатта, за средбата со Бога – а сите овие поуки се всушност лично искуство, личен опит на старецот, стекнат преку долгогодишни борби „до крв“, преку многу искушенија и многу маки. Од сето ова тој извлекувал поуки кои подоцна, како жив и личносен опит, им ги пренесол на своите духовни чеда, а и на сите нас. 

Во текот на својот монашки живот, непрестајното повторување на Исусовата молитва станало негово дишење, а секојдневното Причестување со Телото и Крвта Христови – негова храна, храна која не се распаѓа, туку води кон вечен живот. Од овие подвизи, како и од многу други, за кои знае само Бог, неговата душа станала поблескава и од најскапоцен камен.

И покрај неговиот свет живот, ни тој не бил лишен од оговарања, клевети и осудувања. И за него, како и за речиси сите светители, имало двојни толкувања, сомнежи, обвинувања за прелест и за други гревови, но неговиот преподобен крај, а особено делата кои сведочат за него и по неговата смрт, ги затворија устите на завидливите, злочестивите и лекоумните.

Пред неполни два месеца бевме израдувани од веста за канонизацијата на старецот Порфириј, а беше најавено и наскоро прославување на уште неколку свети духовници, меѓу кои е и старецот Јосиф Исихаст. Со чинот на канонизација на светителот не му се додава ништо, што тој претходно го немал, туку само се официјализира она што било и дотогаш очигледно, односно, се признава неговата светост, и се одредува ден за празнување на неговиот свет спомен.

Да нѐ удостои Господ наскоро да го видиме и денот кога овој свет старец ќе биде вброен во диптихот на светителите, а по неговите свети молитви Бог да ги благослови сите оние кои се хранат од неговите поуки, но и кои се трудат да живеат според нив. Амин!

Митрополит Повардарски г. Агатангел

 
< Претходно   Следно >