Писмо до епископот Бачки, Иринеј |
2.11.2012. | |
Реакција по повод континуираните напади кон МПЦ од страна на епископот Бачки, Иринеј Буловиќ (Писмото е објавено во неделникот „Република“ од 02. 11. 2012 година)
„Знаењето возгордејува, а љубовта изградува. Ако некој мисли дека нешто знае, тој уште ништо не узнал, како што треба да знае“ (1.Кор. 8, 1-2)
Вашите писма и изјави ги ценам како контрадикторни политички памфлети, во кои вешто, но провидно, вметнувате теолошки термини. Зачудува фактот што секогаш кога ќе стане збор за спорот помеѓу МПЦ и СПЦ, вие сте тој кој прв реагирате од српска страна, додека пак, кога беше организирана геј парада и гнасна богохулна изложба на тлото на Р. Србија, вие не кажавте ниту збор? Зарем македонското прашање за вас е побитно, отколку јавното хулење на Бога? На кој бог вие му служите? Во една од последните изјави, во која ги анализиравте зборовите на г. Николиќ, вие се дрзнавте дури и да ѝ се заканите на нашата држава, со зборовите дека Србија во иднина немало веќе да молчи, ниту да биде пасивна доколку поинаку, надвор од македонските закони, не се третирале следбениците на т.н. ПОА. Како поинаку да ги сфатиме овие зборови, освен како дрско мешање во внатрешните работи на една држава и како поттикнување на меѓудржавен конфликт. На сличен начин постапувале и фашистите во триесеттите години од дваесеттиот век, кога се обидувале да се раскараат со цела Европа и со кои очигледно, вие се идентификувате. Најпрво, писмата упатени од вас до почитуваниот владика Лаврентиј, едното на 7 декември 1972 година, а другото од 24 октомври 2012 година, а особено вашиот однос и непочитување, па дури и презир и омаловажување на еден од најстарите владици во СПЦ, покажуваат за каква личност станува збор. Во сета своја надменост и суета, уште на 25-годишна возраст, како млад јероѓакон, сте се дрзнале да укорувате и советувате владика, постар по години и по чин од вас. Какво смирение, каква послушност од ваша страна! Никому за пример! Патем, сличен случај имавме и ние, овде, со вашиот ученик, кој следејќи ве очигледно во сé, уште како лаик се дрзна јавно да пишува против нашиот најстар владика, митрополитот Кирил. Пред да биде избран за епископ лицемерно и без покајание побара прошка, но се виде дека сето тоа било лажно и подло. Какво беззаконие, расколништво, омраза и зло гледате вие во прогласувањето на автокефалноста? Не смееше ли македонскиот православен народ да има своја Црква? Кога синот ќе почувствува дека му дошло време да се осамостои, да оформи и одгледа свое семејство, да живее и да работи самостојно, без притоа да ги наруши односите со своите родители – зарем тоа за вас е грев? Токму тоа го стори Македонската православна црква, а Српската, како посесивен родител, не се согласи на тоа осамостојување, и ги прекина сите контакти со нас, наместо да нé поддржи и да ни помогне. Но, и без вашата помош и поддршка, дури и со опструкции и подметнување на кукавички јајца од ваша страна, сепак, со Божја помош успеавме да ја обновиме нашата Света Црква, и да застанеме на здрави нозе во секој поглед од црковниот живот. Многу наши манастири секуларната власт ги обновуваше со цел да станат музеи, но ете, Бог ги преобрази повторно за вистинската намена, да станат живеалишта на христољубиви монаси и монахињи. Македонската православна црква денес во ништо не заостанува зад другите Помесни цркви, а во многу нешта дури е и во подобра положба. Токму вашите опструкции и немањето слух за потребите на овој народ се беззаконие, омраза и зло. Вие ги држите клучевите, и ниту сами влегувате, ниту на другите им дозволувате да влезат. Типично фарисејски и нечовечки! Зборувате дека сме ја отфрлиле братската љубов (веројатно понудена од вас), но јас не се сеќавам на такво нешто, односно, дека вие сте ни понудиле некаде и некогаш братска љубов. Доволно е да видиме како ѝ се обраќате на нашата земја Р. Македонија (како БЈРМ!), и веднаш ќе ни стане јасно колкава љубов имате и нудите вие. Веројатно не ни имате што да понудите, освен празни зборови, наменети за неупатените. Кажете ми, дали ќе го доживеете како израз на љубов тоа, ако, на пример, ве нарекувам или ви се обраќам со името владика Штерјо? Дали е тоа израз на љубов? Името под кое сме заведени во ОН е само привремено и принудно решение, а не наша желба и определба. Патем, вашата земја нé призна под уставното име - Република Македонија, но вие се однесувате како да сте некаков автокефален папа во Србија, па можете да не ги почитувате одлуките на државата. Велите дека „сме чекале признавање“. Не е така, затоа што не чекавме и не чекаме, туку дејствуваме во интерес на напредокот на нашата Света Црква. Покрај регулирањето на административното работење на нашата Света Црква, отворањето на просветни богословски институции, превод на црковна литература, подготовка и ракополагање на идни пастири, изградба и обнова на цркви и манастири, посебно внимание посветивме на духовниот живот, на воцрковувањето на народот, формирањето на машки и женски обители – т.е. на целосна духовна преобразба и изградување на Црквата – Телото Христово. Понатаму го споредувате образованието и знаењето на владиката Лаврентиј со знаењето и образованието на ученик од Богословија или на студент од прва година. Што повеќе да искоментирам за човек кој е помрачен и заслепен од себевосхитеност, себељубие и надменост? Колку ли треба да е човек духовно опустошен за да може јавно да му каже такво нешто на толку стар и искусен владика? Во врска со изборот на новинарите, од кој владика да бараат изјава, јасно е дека тие ќе отидат кај оној кој умее срдечно, искрено и човечки да ги прими, да разговара, и да им одговори на прашањата. Затоа не чудете се што не се обраќаат кај било кој, а особено не кај вас „убогиот портпарол“, затоа што и обичниот народ препознава што е вистинско смирение, а што почетничко смиренословие, зад кое се крие огромна гордост. А „ветеранот“ во неуспешни преговори е посебна приказна, и не би се задржувал сега на таа тема. Покрај анализата на писмото чувствувам потреба јавно да го кажам својот став во врска со некои нејасни прашања во меѓуцрковните односи.
Членовите на т.н. ПОА ниту еднаш не реагираа кога имаше провокации и разни навреди упатени кон Македонија и македонскиот народ, затоа што се плашеа дека ќе им биде укината „апанажата“ од Грција. Какви пастири се сметаат тие, кога го прекрстуваат и со тоа длабоко го навредуваат својот народ, којшто, имаат намера духовно да го раководат? Сето ова е реалниот резултат од вашиот проект, кој повеќе личи на некоја пародија, отколку на Православна Црква. Во моментов има само две пречки за помирување помеѓу двете Цркви. Првата сте токму вие, господине Иринеј, заедно со вашите браќа архиереи – истомисленици, што сте под грчко влијание. Вие имате омраза кон македонскиот православен народ, го сметате за јужносрбијански, и затоа не сакате да дојде до помирување, за да им угодите на Грците. Токму вие имате намера, во стилот на Милошевиќ, да направите некаков мост, односно граница, помеѓу Србија и Грција, окупирајќи ја Македонија. Верниот народ во вашата епархија направи книга и филм против вас, истовремено молејќи ве да се повлечете од архиерејскиот трон, затоа што ја запустивте и Српската православна црква. Втора пречка е Вранишковски, кој е свесен дека народот не го сака, како што ни тој не го сака својот народ. Цела Македонија го препозна како лажен пастир и разбојник, и тој повторно би бил истеран од било која епархија, па затоа по секоја цена ги попречува преговорите, уживајќи во улогата на (псевдо)маченик – улога која вие му ја дадовте, а воедно и продолжувате да му давате широка логистичка поддршка во православниот свет. И покрај сите усложнувања на односите помеѓу двете Цркви и народи, кои вие ги создадовте со вашиот проект наречен ПОА, сепак, сметаме и се надеваме дека сé уште има простор за надминување на сите конфликти, и за конечно помирување. Дијалогот треба да биде со отвореност, разбирање, искреност, а не со двојни намери, дволичност и несфаќање на соговорникот. Никој не смее да биде губитник, никој не смее да биде поразен, ни оштетен, туку сите треба да се радуваме на помирувањето на нашите Цркви, бидејќи тоа е радост и на небото и на земјата. На Московската патријаршија и Задграничната руска црква (којашто вие ја поддржувавте, но која сослужуваше со разни старокалендарски групи) им беа потребни 90 години за да се помират. Зарем на Христа не Му пееме: „Слава на Твоето снисходење Христе“, а не слава на Твојата строгост? Во интерес на мирот помеѓу двете Цркви треба да се примени принципот на љубов и меѓусебно разбирање. Вие, господине Иринеј, и неколкумината слични архиереи во СПЦ треба да сфатите дека Македонската православна црква и македонскиот православен човек се реалност, и дека Македонците се најблиски и најдобри пријатели на Србите на Балканот. Тогаш кога им било најтешко на Србите, ние Македонците сме им подавале рака (сетете се на ембаргото во 1993 г., за тоа каква помош ви дававме, ризикувајќи да имаме меѓународен конфликт; сетете се на секојдневните анти-нато протести за време на бомбардирањето на Србија, или случувањата пред Американската амбасада во Македонија итн.) Црквата треба да биде совест во општеството, да го сведочи мирот и љубовта Христова, а не да биде извор на конфликти и омраза. Зарем не вели Христос дека „по љубовта ќе нé препознаат дека сме Негови ученици“? Христос ни оставил мир, Он ни заповедал да бидеме согласни и еднодушни, ни заповедал неразрушливо и цврсто да ја чуваме поврзаноста во љубовта, па кој не ја сочувал братската љубов, тој не може да биде ни христијанин. Црквата е повикана да го преобразува и води светот, а не светот, со своите страсти и слабости, да ја изопачува Црквата.
Митрополит Повардарски †Агатангел (Станковски) |
< Претходно | Следно > |
---|